1011 hPa
66 %
9 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 08:59

Лекции по психоанализа (14)
Во психоаналитичката терминологија, хистеријата е единствениот дијагностички поим кој не е создаден во деветнаесеттиот век. Поимите деменција прекокс (психоза) и перверзија биле воведени од релативно новата наука психијатрија во средината на тој век, додека терминот опсесивна невроза најверојатно го вовел самиот Фројд. Хистеријата е поинаква; таа е поим со многу долга историја. Постоела уште во античка Грција кога хистеријата се сметала за гинеколошко нарушување и се верувало дека кај хистеричните жени матката „се движи“ низ телото. Во еден превод од грчки јазик од деветнаесеттиот век, самиот збор хистерија е преведен како „матковитост“ (wombiness), состојба вкоренета во самата природа на тоа да се биде жена. Хистеријата како болест ги впишала родовите односи во медицинскиот дискурс и како што објаснил еден историчар, таа е „драматична медицинска метафора за сето она што мажите го сметале за мистериозно или нескротиливо кај спротивниот пол“ (Micale, 1989).
Фројд во својата пред-психоаналитичка ера се инспирирал од работата на францускиот психијатар Жан-Мартен Шарко, и слично како и други истакнати лекари од тоа време, како Пјер Жане и Вилијам Џејмс, отишол на аџилак во Салпетриер, можеби најпознатиот азилум во историјата на психоанализата. Во Салпетриер Шарко ги истражувал хистеричните нарушувања преку хипнозата, во рамки на театралните Предавања во вторник, кои биле посетувани од многубројна публика дојдена од цел Париз, или, како и Фројд, од други земји.
Извадок од Џудит Херман (1992): „На Шарко му се припишуваше голема храброст што воопшто се осмелил да ја проучува хистеријата; неговиот углед ѝ даде веродостојност на областа што беше сметана недостојна за сериозно научно истражување. Пред Шаркоовото време, за хистеричните жени се мислело дека симулираат и нивното лекување било препуштено на хипнотичарите и на народните исцелители. По смртта на Шарко, Фројд го величал како патрон и ослободител на болните: ‚Хистеричната жена не влеваше доверба кај никого. Првото што го постигна работата на Шарко беше достоинството на темата. Малку по малку, кај луѓето исчезнуваше презривата насмевка на која пациентката, во тоа време, можеше да биде сигурна дека ќе наиде. Таа веќе не беше онаа што задолжително симулира, бидејќи Шарко сета тежина на својот авторитет ја стави на страната на автентичноста и на објективноста на феноменот хистерија’ (Фројд, 1893).“
.jpg)
Сепак, иако Шарко посветувал детално внимание на симптомите на своите хистерични пациентки, кои ги набљудувал и катаголизирал, тој воопшто не се интересирал за нивниот внатрешен живот. Во овој момент доаѓа генијалноста на Фројд. Тој (истовремено или заедно со други колеги, како Жане или Бројер) набргу сфатил дека овие жени треба да се слушаат и дека треба да се разговара со нив. Оттогаш, според Херман (1992), една интензивна декада „мажите-научници ги слушале жените со предаденост и почит што не биле видени никогаш дотогаш, ниту пак оттогаш“. Како плод на ова посветено и фокусирано слушање, Фројд во Виена, заедно со Бројер, и истовремено со Жане, дошол до клучната формулација дека хистеријата е состојба предизвикана од психичка траума. Овие пионери во откривањето на потиснатото препознале дека соматските симптоми и конверзии кај хистеричните жени (и мажи) претставувале прикриени претстави на потиснати, односно протерани од сеќавањето, трауматски настани. Фројд и Бројер во својата заедничка книга „Студии на хистерија“ (1895) изјавиле дека „хистериците страдаат главно од реминисценции“.
Бројер и Фројд во таа прва пред-психоаналитичка фаза работеле со метод наречен „катарза“ или „абреакција“. Во книгата објавиле детални истории на пет случаи на хистерични жени, првите четири третирани од Фројд а последната од Бројер: Госпоѓата Еми фон Н., Госпоѓицата Луси Р., Катарина, Госпоѓицата Елизабет фон Р. и Ана О. Ќе се задржиме на последната, веројатно најпозната пациентка, Ана О, третирана од Бројер, со вистинско име Берта Папенхајм, која всушност е кума, а и повеќе од кума, на оваа иновативна и револуционерна метода. Берта во еден разговор со Бројер ја нарекла методата „лекување со разговор“.
Ana O страдала од толку широк спектар на симптоми во текот на нејзината двегодишна болест што е тешко накратко да се сумираат. Наместо тоа, ви го претставуваме концизниот опис на Фројд (1910): „Таа страдаше од вкочанетост со згрченост, проследена со губење на осетот на десната рака и нога; истиот проблем повремено ги зафаќаше и левата рака и нога. Движењата на очите ѝ беа нарушени, а видот подложен на бројни ограничувања. Имаше потешкотии со држењето на главата и јака нервозна кашлица. Покажуваше одбивност кон земање храна, а во еден период од неколку недели не можеше ни да пие, и покрај мачната жед. Нејзината способност за говор беше намалена до таа мера што не можеше ни да зборува ни да го разбере својот мајчин јазик. Конечно, беше подложна на состојби на ‚отсутност’, збунетост, делириум и промени на целокупната личност.“
.jpg)
Овој список од симптоми — кон кој треба да се додадат и јаки главоболки, поплаки дека ѕидовите на нејзината соба се приближуваат кон неа, целосната неможност да зборува неколку недели, а потоа извесно време да зборува само со чудна мешавина од англиски, италијански и француски, иако сè уште го разбирала германскиот, својот мајчин јазик — е навистина запрепастувачки според денешните мерила. Затоа можеби не е чудно што Бројер ја опишал како случај на „психоза“, иако нејзиниот случај во книгата се наведува (бидејќи очигледно е!) како пример на хистерија.
Првиот симптом со кој Бројер успеал да ѝ помогне била нејзината неможност да пие вода, без оглед на тоа колку била жедна. Бројер — кој заедно со Фројд, дотогаш користел „катарзичен амалгам“, сугестија со допир на челото на пациентката и хипноза — почнал да користи техника што Берта самата спонтано ја измислила (затоа сметаме дека е повеќе од кума), а која се состоела од тоа да зборува за секој поединечен момент кога се појавил симптомот и да се враќа наназад од последното појавување до најраниот момент, без да прескокне ниту еден, следејќи ја нишката чекор по чекор.
Ќе се задржиме на овој навидум тривиален симптом за да го објасниме механизмот на потиснување и ослободување низ зборување, онака како што на почетокот го разбирале Бројер и Фројд. Се покажало дека симптомот настанал поради настан кој на прв поглед изгледал сосема незначаен: таа го видела кучето на својата англиска „придружничка“ како пие вода од чаша во спалната соба на таа дама. За овој настан знаеме малку, освен дека Ана О „не ја сакала“ својата придружничка и дека во тој момент не ѝ кажала ништо, бидејќи сакала да биде „учтива“.
Сè што се наведува во текстот е дека Ана О во тој момент го потиснала сето чудење и гадење што ги почувствувала, а кога околу шест недели подоцна, под хипноза, му ги изразила тие емоции на Бројер — „нарушувањето исчезнало и никогаш веќе не се појавило“ (1895).
Се разбира дека не секоја ситуација во која ќе го потиснеме изразот на гадење доведува до појава на симптом; најчесто во слична ситуација повеќето од нас подоцна во мислите ја преиспитуваме случката или со нетрпение му ја раскажуваме на некого, со што се „испразнува“ вознемиреноста пројавена во мигот.
.jpg)
Фактот дека Ана О не направила ништо такво, туку го изолирала сеќавањето на настанот од сите други свои сеќавања, сугерира дека самиот настан е поврзан со нешто друго; еве неколку хипотези: можеме да замислиме дека Ана О претходно слушнала нешто многу страшно за болести што можат да се пренесат од кучиња; или, дека навистина ја мразела својата англиска придружничка, но ѝ било кажано од семејството дека мора да ја трпи, па дури и да се преправа дека ја сака; или, дека тајно посакувала таа жена да се разболи од таквиот контакт со кучето; или, дека ја поврзувала со сопствената мајка, кон која веројатно (како што е сугерирано во случајот) носела многу огорченост, ако не и несвесни желби за нејзина смрт; и дека секој пат кога подоцна се обидувала да пие вода од чаша, повторно ѝ се враќале овие мисли за заразни болести или нејзините потиснати, непријателски, па дури и морбидни чувства кон придружничката и мајка си.
Она што е јасно е дека глетката на кучето како пие од чашата на придружничката во неа разбудила мрачни, морбидни, непријатни мисли или желби кои ѝ изгледале толку недозволиви што се обидела засекогаш да ги оттурне од свеста. За потиснатото да остане недостапно за свеста, подоцна морала постојано да избегнува каков било допир со чаши за вода,
Ниту Бројер ниту Фројд во тоа време не се осврнале на силните психолошки сили што дејствувале внатре психата за да се појави толку навидум тривијален, а сериозен и животозагрозувачки симптом како непиење вода. Бидејќи тие сили никогаш не биле разјаснети — иако нивниот моментален емоционален набој привремено се ослободил преку „чистењето на оџакот“ (како што Aна O самата го нарекла процесот) — истите тие сили продолжиле повторно да создаваат нови симптоми во многу други прилики; сè до последниот симптом на хистерична бременост со кој Ана О тврдела дека е бремена и носи дете од Бројер. После оваа формација која денес ја препознаваме како трансфер-симптом, Бројер одлучил дека овој тип на работа не е за него. Исплашен, ги напуштил својата пациентка и психоанализата, и отишол на втор меден месец со сопругата. Во овој клучен момент, Фројд бил похрабар, или можеби поамбициозен, и продолжил да работи со своите хистерични пациентки со што му се отворил патот кон еден цел нов универзум на откритија и искуства.
Да ѝ се вратиме на Ана О. Можеме да ја замислиме атмосферата на викторијанското домаќинство од доцниот 19 век во кое живеела Ана О како контекст во кој ќеркинската послушност и должност имале пресудна улога, а личните мисли и чувства ретко се изразувале или прифаќале.
.jpg)
Кога ваквите мисли и чувства се задушуваат или потиснуваат, тие имаат тенденција да тлеат и да го измачуваат оној што ги потиснал, правејќи тој „да страда главно од реминсценции/сеќавања“ — односно од постојано присетување и премислување на болни ситуации од минатото за кои чувствува жалење и каење.
Зошто луѓето што потиснуваат чувствуваат такво жалење и каење? Затоа што во тие ситуации не го кажале или направиле она што сакале да го кажат или направат. Повеќето од нас понекогаш сме се воздржале, сме ѝ свртиле грб на сопствената желба, сме се откажале од потребата да изразиме или да преземеме нешто, но сме свесни дека жалиме или се каеме за пропуштеното и за мислите што нè мачат. Честопати во мислите повторно ја „проживуваме“ ситуацијата — што сме кажале, што не сме кажале, што сме направиле или пропуштиле да направиме — замислувајќи што, гледано од денешна перспектива, сме можеле или требало да кажеме или направиме.
Хипотезата на Фројд е дека кај некои луѓе ова жалење, каење и руминирање — постојаното враќање на настанот — не се одвива во свесноста, туку надвор од неа, во несвесното, каде што потиснатото сеќавање „работи“ врз личноста, ја поткопува однатре и неочекувано се појавува во соништата и фантазиите. Кога Фројд вели дека „хистеричните личности страдаат главно од сеќавања“, тој не мисли дека тие носталгично се навраќаат на минатото и размислуваат колку било убаво; туку дека тие буквално се разорени од жалење и вина оти се откажале од сопствената желба да кажат или направат нешто. А кога Лакан вели дека чувствуваме вина кога се откажуваме од сопствената желба, тој всушност само го сумира она што Фројд веќе го поставува во својата прва книга (Финк, 2017).
.jpg)
Случајот на Ана О е многу покомплексен. Подолго време пред и во текот на третманот таа живеела во речиси комплетна изолација како негувателка на својот болен татко, за кој била многу приврзана. Она што всушност се случило — а за што Бројер немал поим, ниту теориски и емотивно бил подготвен за тоа — е што во текот на третманот Ана О постепено ја пренела (низ дотогаш непознатиот механизам на трансфер) својата приврзаност и љубов од татка си кон Бројер. Така, низ третманот се олеснувале или исчезнувале редицата конверзивни симптоми сè до моментот кога Ana O изјавила: „Еве го, стига бебето на д-р Б.”
За случајот Дора: Ниту Фројд самиот не го сфатил значењето на механизмот на „трансфер“ — тој вулкан од афекти, љубов, омраза и прекори што пациентот ги проектира врз ликот на аналитичарот — во периодот кога работел со Бројер, во својата таканаречена пред-психоаналитичка фаза. За првпат Фројд го открива и го опишува овој концепт во својот прв голем објавен психоаналитички случај „Фрагмент од анализа на еден случај на хистерија (Дора),“ 1905, но многу подоцна Фројд сфатил дека трансферот секогаш е форма на комуникација низ повторување во „сега и овде“ релацијата со аналитичарот на нешто на кое пациентката не може да се сети и не може да го формулира јазично; трансферот е акт на повторување, преживување и помнење на она што уште нема јазик.
Овој случај на девојка со блага хистерија, која Фројд ја нарекол „малецка хистерија“ (petite hystérie), тој го пишувал како додаток и илустрација на тезите поставени во капиталната книга „Интерпретација на соништата“, и е конструиран околу неколку соништа на Дора. Поради голема амбиваленција Фројд го објавил пет години подоцна. Нема да навлеземе во деталите на случајот, но ќе кажеме дека станува збор за пропаднат третман — раскажан низ литерарно конструирана приказна за неуспех — во кој Фројд, не препознавајќи го својот контра-трансфер, инсистирал на некои од своите интерпретации на кои Дора жестоко се спротивставувала, сè додека еден ден не го прекинала третманот.
Низ грешките во овој пропаднат третман, кој Фројд саморазголувачки и за наша среќа го објавил, откриваме дека психоанализата е многу повеќе од третман на емотивна катарза со која симптомите исчезнуваат. Фројд низ својот неуспех открил дека не е доволно психоаналитичарот да биде брилијантен преведувач на симболи; тој не е учител или господар на знаење што му го пренесува на пациентот; таков дидактички пристап од типот „еве што значи вашиот симптом“ во најдобар случај може моментално да донесе мало олеснување кај пациентот, а во најлош го прекинува третманот, како што и се случило со Дора, за која денес знаеме дека се викала Ида Бауер.
Конечно, ова „сопнување“ на Фројд (кој секогаш рефлектирал и учел од своите континуирани грешки) покажало дека психоанализата не е интелектуална вежба, туку релација и однос во кој аналитичарот мора да биде подготвен да заземе место различно од „местото на знаењето“.
За крај, ќе ѝ се вратиме на хистеријата со зборовите на Фројд (1905): „Без двоумење, би ја нарекол ‘хистерична’ секоја личност, без разлика дали е способна или не да произведе соматски симптоми, кај која каква било можност за сексуална возбуда предизвикува претежно или исклучиво чувство на непријатност. Објаснувањето на механизмот на оваа емоционална нарушеност останува една од најважните, а истовремено и една од најтешките задачи во психологијата на неврозата“.
.jpg)
Слики: Xue Wang