1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 10:59
Во 2003 г. тогашниот француски претседател Жак Ширак беше најгласниот противник на планираната американска инвазија на Ирак со кој владееше Садам Хусеин. Помпезниот говор на поранешниот шеф на француската дипломатија Доминик де Вилпен во ОН претставуваше одраз на духот на отпорот против она што подоцна стана ризична авантура. Во 2011 г. Франција, предводена од Никола Саркози, повторно зазеде многу впечатлив став за војната и мирот, но овојпат Французите, заедно со Британците, предничат во борбата за заштита на либискиот народ од бруталниот лидер со променливо однесување, Муамер ел Гадафи.
Зошто Франција наводно сака да ја одигра главната улога? Во очите на Французите статусот на нивната држава во светот останува најзначајната состојка во обликувањето на националниот идентитет. Начинот на кој нам, Французите, нè доживуваат другите народи влијае на тоа како ние се гледаме себе си, и најмногу нè загрижува дали некој ќе биде рамнодушен кон нас или, што е уште полошо, дали воопшто нема да нè забележат.
Наеднаш, случајот со Либија ни даде прилика да си кажеме себе си дека ја престигнуваме Германија чие однесување се толкува како нерешително, да им го покажеме патот на САД, а француските (и британските) знамиња се веат на улиците на „ослободената“ Либија, заедно со новото знаме на оваа држава. Поради сето тоа Французите повторно се горди заради фактот дека се Французи, покажуваат анкетите.
Наводната природна склоност на Франција да интервенира овојпат дополнително е засилена од клучните фактори наречени Саркози, Гадафи и арапската револуција во поширока смисла. Првиот фактор е од суштинска важност. Францускиот претседател ги сака кризите бидејќи тие носат прилив на адреналин. За него суштината на власта претставува носење тешки одлуки во неповолни околности. Се разбира, Саркози размислува и за домашните теми. Во 2007 г., кога францускиот претседател одигра главна улога при ослободувањето на бугарските медицински сестри кои ги зароби Гадафи, либискиот лидер го доби она што изгледаше како легитимна награда – покана да го посети Париз. Тој повеќе не беше претседател на парија, туку ексцентричен партнер.
Наспроти тоа, денес изгледа дека меѓународната интервенција повторно ќе го направи Саркози легитимен во очите на француските граѓани, чии гласови ќе му бидат потребни на изборите. Енергичен и одважен коцкар, Саркози презема голем и легитимен ризик за да докаже дека има високи морални (и политички) стандарди.
На другата страна се наоѓа Гадафи, идеален негативец. Како олицетворение на деспот, тој го претставува оној вид омразени противници кого сите демократи сакаат да го видат поразен. Неговото однесување изминативе децении беше гнасно – и тоа не само кон сопствениот народ. Терористичките напади на западни мети ја вклучуваат експлозијата на авионот Pan Am над Локерби во Шкотска и авионот на француската компанија UTA над Африка. Не само што Гадафи е навистина лош, туку и Либија е релативно мала држава чие воздухопловство е релативно слабо.
Покрај личните фактори, постои и регионален контекст. Спречувањето на обидите на Гадафи повторно да го крене ѕидот на стравот кој е урнат во Тунис и Египет е од суштинска важност ако сакаме „арапската пролет“ да не биде заменета со нова „зима на незадоволството“. Операциите на небото над Либија кои, за разлика од Ирак, ги одобри меѓународната заедница, со поддршка на Арапската лига, можат да ги поттикнат арапските револуционери да станат благонаклонети кон Западот.
За разлика од крстоносците или империјалистите во 19-от и почетокот на 20-от век, Западот не се обидува да им ги наметне на Арапите својата религија или вредности. Напротив, Западот ги брани своите вредности како слободата, почитувањето на човечкиот живот и владеењето на законите. Ние имаме должност да ги заштитиме животите и вредностите на Арапите бидејќи тоа го сакаат самите Арапи.
Франција има историска врска со државите од југот на Средоземјето, поради што нејзината должност и потенцијална цена што ќе ја плати за рамнодушноста се поголеми за неа отколку за некоја друга западноевропска земја. Несомнено, Франција има голем број доселеници од Магреб, на кои „арапската пролет“ им е извор за воодушевување и гордост. Денес, кога Франција има водечка улога во напорите на меѓународната заедница да го заштити либискиот народ од нивниот водач, доселениците се чувствуваат горди и на своите африкански корени и на фактот дека се граѓани на Франција. Ваквите фактори претставуваат најдобра заштита против опасноста од фундаменталистичкиот ислам.
Секако, идеалното сценарио подразбира дека интервенцијата ќе биде успешна и дека нема да предизвика хаос во Либија и регионот. Франција, заедно со Британија многу од тоа става на коцка, бидејќи многу е послено да се тргне во војна одошто да се заврши истата. Сепак, цената на воздржувањето би му дозволила на Гадафи да го скрши сопствениот народ, со што либискиот водач би им пратил порака на светските деспоти дека е дозволено да се спроведува терор на домашен терен. Затоа, Саркози го избра вистинскиот пат.
Извор: project-syndicate.org
Илустрација: Алексеј Курбатов
Должност на Западот е да ги
Испратено на 29 март 2011 од УМС на ЗелениковоДолжност на Западот е да ги заштити Арапите--исто како кога имаш ретардиран брат кој едвај може да се грижи за себе. Сакал-некел ќе му помогнеш, подобро него пред врата да ти се валка.