Забрани на социјалните мрежи

03.03.2026 01:10
Забрани на социјалните мрежи

Кон крајот на 2025 година Австралија воведе забрана за користење социјални мрежи за лица помлади од 16 години. Во моментов во тек се слични законодавни иницијативи во Шпанија, Франција, Обединетото Кралство, Романија и Турција, додека за темата се разгоре и дискусијата во европските медиуми.

Долниот дом на францускиот парламент во јануари усвои предлог-закон со кој би се забранило користење социјални мрежи за лица помлади од 15 години, што претседателот Емануел Макрон го застапуваше како потег што ќе ги заштити децата од прекумерно време поминато пред екраните.

Како што растеше користењето на социјалните мрежи, така растеше и загриженоста дека премногу време поминато пред екраните му штети на развојот на детето и придонесува за проблеми со менталното здравје. Француското надзорно тело за јавно здравје ANSES на почетокот на годинава изјави дека социјалните мрежи како TikTok, Snapchat и Instagram имаат повеќе штетни ефекти врз адолесцентите, особено врз девојчињата, иако социјалните мрежи не биле единствената причина за нивното нарушено ментално здравје.

Пред да стапи на сила споменатиот законски предлог, за него треба да се изјасни и францускиот Сенат. Во предлог-законот е предвидена и забрана за користење мобилни телефони во средните училишта, што би ја направило Франција втора земја во светот што презела таков чекор, по Австралија.

Француските власти би сакале мерките предвидени со предлог-законот да почнат да се применуваат од почетокот на учебната 2026 година за нови профили на социјалните мрежи, а платформите на социјалните мрежи би имале рок до 31 декември да ги деактивираат постојните профили што не ја исполнуваат пропишаната возрасна граница.

Полемика околу новите предлози за безбедност на интернет за лица помлади од 16 години се води и во Обединетото Кралство, но критичарите истакнуваат дека предлозите се премногу насочени кон младите луѓе. Недостатокот на заштита на интернет и прекумерното консумирање содржини од социјалните мрежи е проблем и за возрасните.

На пример, насилната порнографија и сексуализираните слики од деца, дури и оние создадени со помош на вештачка интелигенција, можат потенцијално негативно да влијаат и врз очекувањата и однесувањата на возрасните, а не само на децата. Кога станува збор за прекумерно зјапање во мобилните телефони, на тоа се подложни и возрасните, кои често не се пример за одговорно дигитално однесување за децата и младите. Критичките гласови во британскиот печат истакнуваат дека забраните на социјалните мрежи за деца и млади се само утешна дистракција од колективната неможност да се заштитиме, да го трансформираме и да го ставиме под контрола подивениот и пропаднат интернет.

Во германските медиуми посебен акцент се става на прашањето за проверка на возраста на дигиталните платформи, а неделникот Die Zeit констатира дека ваквите законски предлози во спроведувањето можат да доведат до ноќна мора во областа на заштитата на податоците. Владите ширум светот преземаат мерки со цел на младите корисници да им го ограничат пристапот до содржини што се сметаат за несоодветни, па така, на пример, социјалната мрежа Roblox е една од сè побројните платформи што воведуваат проверки на возраста на своите корисници.

Најчесто користените методи вклучуваат проверка на идентитет утврден со владини документи, потоа проценка преку биометрија како што е препознавање лице и заклучување за возраста на корисниците врз основа на нивното онлајн однесување.

Но тие методи не се непогрешливи. Меѓу другото, добро е познато дека технологијата за препознавање лице е помалку прецизна за жени и луѓе што не се со бела боја на кожата. Дополнително, заобиколувањето на проверката на возраста не бара многу дигитално знаење и софистицираност. Во дискусиите на социјалната мрежа Reddit за заобиколување на проверките на Roblox, корисниците препорачуваат користење лажни лични карти и фотографии генерирани со помош на вештачка интелигенција.

Најпосле, постои и скепса околу научната основа за ваквите законски иницијативи и забрани. Нема многу претходни искуства со слични експерименти, а не постои ни научен консензус околу потенцијалниот ефект на ваквите забрани врз младите и децата.

Досегашните студии за влијанието на социјалните мрежи врз младите варираат во своите заклучоци, од оние во кои се изнесува дека социјалните мрежи не се директно поврзани со влошување на менталното здравје на младите, до оние во кои е забележано дека користењето социјални мрежи придонесува за раст на анксиозноста, зависнички однесувања и врсничко малтретирање.

Карикатури: Pawel Kuczynski

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото