1011 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Нед, 15.03.2026 07:59

Женките ирваси ги глодаат сопствените рогови за да ги надоместат хранливите материи по долгата миграција во студената и сува клима на арктичката тундра, открива нова студија.
Ирвасите се единствениот вид елени кај кои и женките имаат рогови.
Истражувачите претходно претпоставуваа дека женките ги користат роговите за одбрана од предатори или за покажување доминација на местата каде што се хранат.
Меѓутоа, новата студија ја открива вистинската еволутивна цел на роговите кај женките – научниците наведуваат дека тие се потпираат на своите рогови богати со калциум како на „резервоар на минерали“ по миграцијата.
Кај ирвасите коскените рогови растат од врвот на черепот и кај мажјаците можат да достигнат должина до 1,2 метри и тежина до 10 килограми по рог. Роговите кај женките се значително помали.
Студијата документирала рогови што ирвасите ги отфрлиле во арктичката тундра, а кои останале недопрени со децении. Истражувачите утврдиле дека тие рогови претставуваат извор на минерали како калциум и фосфор за оние што бараат храна во клучниот период од нивната миграција. Анализата покажала дека поголемиот дел од тие рогови биле изглодани.
Со понатамошно испитување на трагите од заби утврдено е дека самите ирваси се главните „виновници“.
Дури 86 проценти од 1.567 рогови опфатени со истражувањето покажувале траги од глодање, а речиси сите траги ги оставиле ирвасите.
„Знаевме дека животните глодаат рогови, но сите претпоставуваа дека тоа главно се глодари. Сега знаеме дека тоа всушност се ирваси“, изјави Џошуа Милер, еден од авторите на студијата објавена во списанието Ecology and Evolution.
„Вилицата ми падна кога нашите резултати почнаа да стануваат јасни“, додаде д-р Милер, биолог од Универзитетот во Синсинати во САД.
Женките ирваси ги отфрлаат роговите во рок од неколку дена откако ќе добијат младенче, со што тие стануваат достапни како нутритивен додаток кога ќе се вратат на тоа подрачје.
„Овие рогови опстојуваат со векови, па дури и подолго на Арктикот, и претставуваат извор на хранливи материи на кој животните повторно се враќаат“, изјави д-р Милер.
Минералите од роговите се враќаат и во почвата и помагаат во растот на тревата и лишаите со кои се хранат ирвасите.
„Тие всушност го обликуваат ова живеалиште, расфрлајќи ги низ пејзажот овие исклучително важни минерали до кои животните често тешко доаѓаат во доволни количества“, рече д-р Милер.
„Фосфорот е особено важен за младите мајки кои се обидуваат да произведат квалитетно млеко за исхрана на младенчињата“.
Извор: https://n1info.rs/