1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Мобилниот што сигурно не прислушкува муабети одеднаш ти го сервира баш она ragebait меме за емоционалната недостапност на типосите, пет минути откако со пријателките во кафè го анализиравте неговото последно „ха-ха“ во порака. Еве уште една експлозивно лута и бизарна дигитална поза во фул глам режим!
Шарена, блескава, бескрајно мизандрична, алгоритамски милувана содржина која изгледа како да мириса на Victoria’s Secret body mist, а всушност е колективно женско превртување очи. Тоа е црната дупка на интернетот каде мизандријата се трансформира во исмејувачка естетска стратегија, произлезена од заморот од машките гадости; сè е хипербола, кемп и just girly things со ноже скриено во ташничето.
Станува збор за специфичен тип интернет мемиња кои иронично, постиронично или метаиронично ги тематизираат машкоста, хетеросексуалните односи и емоционалната (не)писменост. Тие мемиња се шират пред сè на TikTok и Instagram, а функционираат како хибрид од сатира, фрустрација и перформативен гнев. Иако на површина изгледаат како чиста провокација, тие се пред сè дигитален жанр со свои правила на игра, публика и естетика.
Клучното за жанрот е играта на слоеви. Искреност е кога нешто кажуваш и навистина го мислиш тоа. Иронија е кога кажуваш едно, а мислиш спротивно. Постиронија е кога кажуваш едно, изгледа дека мислиш спротивно, но всушност си сериозна. А метаиронија?
Тоа е кога ни сама не си сигурна дали го мислиш тоа или само глумиш дека го глумиш. Мизандричните мемиња функционираат токму во таа маглива зона, каде што никогаш не е сосема јасно дали станува збор за шега, искрен излив на гнев или пародија на истиот гнев.
.jpg)
Just girly things
Првиот поджанр на мизандрични мемиња е фокусиран на визуелниот идентитет кој ги спојува хиперфеминината естетика со радикалните пораки. Користењето ликови како Barbie или Talking Angela (од франшизата „Talking Tom & Friends“) со хаштаг #ihatemybf – односно, супериорна зона на женственост – е клучно оти создава контраст меѓу невината, розова околина и острината на дискурсот, како и машкоста која се третира како комплетен животен неуспех.
Иронијата игра улога на непробоен штит кој ја третира мизандријата исклучиво како интернетски феномен, кој нема реална системска моќ како мизогинијата. Со тоа де-хуманизацијата се третира како катарзичен дигитален перформанс, а не како конкретна инструкција за насилство.
.jpg)
Ragebait мизандрија
Мој фаворит сепак се ragebait мемињата кои намерно користат провокација за да предизвикаат емоционална реакција кај мажите и на тој начин да ја докажат нивната „кревкост“. Визуелно често користат едноставни форми како апликацијата Notes или шарените Instagram create mode градиенти, што им дава впечаток на случајна, несериозна мисла, која всушност е стратешки дизајнирана да навреди.
Листите за ragebaiting вклучуваат намерна инфантилизација на соговорникот, а навредата секогаш се базира на исмејување на интелигенцијата и на основните вештини. Се изразува фрустрацијата поради асиметријата во емоционалниот развој; мемињата ги исмејуваат мажите кои дури во доцните дваесетти ја откриваат емпатијата, која жените морале да ја усвојат уште во детството. Ragebait мизандријата така функционира како постироничен гнев кој се одржува и ескалира низ метаиронична игра со рецепцијата.
Патологизацијата на машкоста дополнително се спроведува преку јазична игра со загради и со инстаграмскиот Rio de Janeiro филтер – (man)ipulation, (he)adache, (men)ace – со што се сугерира дека секоја токсичност е нераскинливо впишана во самата суштина на машкиот идентитет.
Дури и во контекст на преиспитувањето на родниот идентитет и родната флуидност, чувството на припадност кон машкиот род се доживува како нешто што треба да се потисне или сокрие, оти да се биде маж се перципира како ултимативна пречка за автентичност.
Овие мемиња препорачуваат радикално отфрлање на валидацијата од страна на мажите – во моментот кога мажот се согласува со авторката на мемот таа го менува мислењето за да ја одржи дистанцата од машкиот код на размислување.
Овде спаѓа и апсурдниот хумор како препораката за lip combo за мажи во форма на суперлепак, со што се сугерира дека машката тишина е естетски и општествен императив. Дискурсот за цмиздрење и молење (whimpering) е клучен за овој поджанр оти ја инвертира традиционалната динамика на моќ: мажот се сведува на ранлив аудио запис (whimpering audios) кој служи како забава или утеха за жената кога е тажна, претворајќи ја неговата немоќ во извор на женско задоволство. Идеално за денови кога сакаш да се потсетиш дека интернетот е игралиште, а не терапевтска група!
.jpg)
Хетеропесимизам
Третиот тип мемиња произлегуваат од длабоката релациска исцрпеност и специфичниот хетеропесимизам, чувството дека хетеросексуалната врска е истовремено социјална норма и лична замка. Односите се прикажуваат како форма на soft parenting, процес во кој жената мора да го учи возрасниот маж на основите на комуникацијата, емпатијата и елементарната пристојност, постојано прашувајќи се зошто е принудена да прифаќа такви околности.
Во фокус се архетиповите на пропаста – гитаристите, филмските познавачи, диџеите и музичките продуценти – чии хобија во мемињата се читаат како црвени знамиња. Визуелите се банални: момче кое јаде житарици или сака да зборува за својот ден, додека авторката на мемот размислува како пад на метеор би бил емотивно и животно ослободувачки за неа во тој момент.
Релацискиот нихилизам се нагласува преку субверзија на домашните улоги; шпоретот како gaming setup за идниот сопруг ја инвертира историската сексистичка шега и го враќа ударот со иста мерка, додека интеракцијата со партнерот се прикажува како извор на ужас – подобро е да си осамен и сведен на doom-скролање. Идеалната врска се редефинира како онаа во која жената е слободна и мистериозна, а мажот е луд и опседнат.
Овој дискурс ја слави flow state постигната со истовремено допишување со повеќе потенцијални партнери и шпионирање на бившиот, со што емоционалната работа се пренасочува кон лична забава, а не кон одржување на традиционалната моногамна хармонија. Мажите во овој свет се сведени на четири категории: непријател, пријател кого всушност не го сакаш, парт тајм дечко или – иронично – девојка.
.jpg)
Слики: Xue Wang
Извор за текстот: Портал Новости
Превод: П. В.