Мој Борка (за шесте во еден)

05.03.2026 02:23
Мој Борка  (за шесте во еден)

 

11 Октомври 1996

Разбери ме: секогаш кога ќе се обрнам наназад, низ овој мој диоптер на самоосуда за самопредавство, се соочувам со познатите факти кои, на нивен начин, ненаситно војуваат против мене. Кои ме мамат кон црнилата: да обвинувам други, да се затскривам зад сé и сешто. Да измислувам прогони над мене. Да изградам и сугерирам, прокрчмам, мој нов сурат, моја домислена и допишана, донаконтена икона. Во неа, јас со ореолот на ‒ жртва. Ветувајќи си некое, мое, интимно ‒ чистилиште. Нека е и преку лагата, која се труе самата себеси!

Тогаш, таков, се мразам себеси!

Напати, пак, како во античките хорови, сеништата од моите несоници ми диктираат:

„Остави, трати, не отворај ги раните, анџак заскорупија; пушти молкот да ги исправи, прости, неправдите. Дозволи времето да ги потури со скрама на заборавање; смилувај се, и кон другите и кон себеси. Пушти молкот, добога, пушти заборавот, тој наш единствен, сетен, пријател да не дозволи да ни се дотрујат ‒ последните денови! Да умреме: тоа што сме биле, сеедно што... не сме!“

Тогаш, ми идат, од збор до збор, како моја интимна реприза, неизбежна вратка, страниците од мојот роман „Простум“, на кои ги запишав прогонот‒дијалог, ујдадата низ прилепската чаршија, среде безумието на поразот, против Татко ми, во која ‒ еден негов ученик во востанието и револуцијата, откако се предал, се главил кај окупаторот, се откажал од себеси ‒ го плука, му се заканува, со крвјосана омраза, која не признава граници ‒ затоа што тој, мојот Татко, останал свој и чист! Им откажал на поткупите, ги отфрлил заканите. Не се предал. Им зачекорил пред предадените совести како закана, како сениште, против кое нема лек. Против кое дури ни неговото усмртување не е лек, затоа што по него останува ‒ помнењето!

Тогаш, уште дете, ги мразев, сите нив, со сета омраза, каква што може да роди само љубовта. Сега, знам (ги разбирам?): тие, во таа нивна, померенам сурова, ујдада, ја плукале и каменувале, повеќе одошто него, мојот Татко, својата ‒ вистинска и интимна капитулација. Нивниот нов сурат им се обзнанувал, јасновидо, во очите на Татко ми, им застанувал отспротива како огледало од кое, ни во сонот, им немало бегање. Го виделе, тие негови чеда, низ него ‒ како мнозина од нас, денес, своето дотлејување ‒ на спротивната страна од онаа на која, пред него, пред себеси, се колнеле.

Помислувам, затоа, верувај ми, сé почесто, дека она што го именувам, познавам, препознавам, судам и пресудувам како мој живот: сум го живеел јас како ‒ повеќе луѓе?!
Да, повеќе луѓе, во еден!



Најпосле, зошто јас би бил исклучок? Заради оние мои книги, чии заеднички именител е токму насловот на една од последните: Така е, ако ви се чини? Заради моите простуми, премрежиња, имели, горчила, витли, судови, вомјази, партитури, дивертисмани, писма, достаги ‒ вејки на ветрот?
Не се ли тие и најсилниот доказ дека е така?

Нема, нема, нема, мој Борка, да приведувам случки, имиња, настани, нема да ја спростирам како испрана неисперлива руба здодевната хронологија на сето она што го правевме и направивме. Сето тоа, и како поединци и како настани и како факти ‒ подвлекувам ‒ сето тоа немало, нема, ќе нема никаква, никаква, никаква релеванција за ова во што сакам да проникнам! Нема да правам, по урнекот на некои мои и Твои исписници, ни матува расхотка низ нашава шестдецениска историја, откако јас и Ти влеговме во движењето. Нема да ги приведувам ни веќе банализираните, до блуткавост, од премногу употреба излитени кич шеми за „страотната измама на комунизмот“ воопшто, и нашиот посебно. Не. Ти велам, нема да обвинам никого, никого, никого, зашто, реков веќе: никој и не ми е виновен!

Никој не е, не може да е мое оправдание, уште помалку моја утеха! Мразно ми е да се затскривам зад идеологијата, зад Партијата, зад другите! Не ми треба прошка, затоа што ја немам јас сам за мене! Затоа што, мој Борка, не се бара прошка за занесот, љубовта и најискрената преданост!
Но, затоа, ќе се обидам, морам, дружно, со моите старци, Стариот и Таткото, со Тебе, да го свртам, понирнам, устремам, мојот поглед внатре, во мене, до последната длабина, до последното дно, таму, до моите вистински вител‒црнила, каде сум: само јас, само јас, сиот! Таму каде не се бара, како што реков, каде што нема алиби, дури ни разбирање и прошка, таму каде што не помага ниту една, ни навремена ни задоцнета, одбрана. Таму каде што е однапред поразена лагата!

Таму, каде што нема никаква утеха, освен (се надевам, пекам!), мирот дека човек ги израмнил сите свои сметки со ‒ себеси!



Згора на сé, брат, денес беспогрешно знам: сето тоа, сета таа низа од мои вител‒црнила, немала, нема, ќе нема, за никого, никакво значење. Ни како епизода!

Во последно време, сé почесто мислам: ни како литература.
Се сведовме, мој Борка, сите ние: „верата, идеалите, настаните, јунаштвата, гробовите, луѓето, живите и мртвите, делата“, на мивка со која денес секој брише каде како ќе му наумат ‒ лунките!

Затоа им се враќам на веќе спомнатите повеќемина во мене.
Да, на моите двојници, тројници, четворници, петорници ... кои сум ги живеел, а допрва ги познавам.

Кои, какви се тие? Кои биле, какви: моите занеси, моите, умножени во нив, пијанства од сништата, моите зајдувања, моите пророштва и дезориентации, моите занеси и поревања, имели, моите пекања да се принесам жртва, што побргу, затоа што сé повеќе ми тежела, ме потискала, борбата? Кој, каков, колкав биле мојот интегритет, мојата независност, мојата слобода? Но, и кои, какви биле (само во мене!), моите сопствени, непознавани од никого, безмилосни: диктатори, стопани, команданти, истоштувачи, прелажни поткупувачи? Тие, кои се изживувале во манипулирањето со мене? Родени од мене, одгледани во мене, крунисани во мене и (оф, уште!) непогребани? Тие, брат, низ кои, како нивно битие и сурат, сум ги патувал овие мои седум и пол децении? Како?

Кои биле, штом сум се легитимирал со нив, според иктизата? Според нејзините лунки? Кога? Како сум ги повикувал? Според кој ред? Која била нивната вистинска сила а која онаа што сум ја гледал јас во нив? Како сум се пресоблекувал од еден во друг? Од еден вомјаз во друг! И зошто сум го повикувал токму него повиканиот? Како, зошто, по кој порив, уплав или недомисла, сум си го сменувал суратот од еден до друг?

Ги гледале ли и другите, околу мене, нив? Ме препознавале преку нив?



Да ги разгледам сакам, да ги разложам најтемелно, да ги растајнам. Особено, да научам: Се дружеле ли тие, како мое умножено Јас, меѓу себе? Какво другарство другарувале? Се дополнувале, богателе еден со друг? Имало ли мир, подадена рака, меѓу нив (кога? како? зошто?). Си правеле ли еден на друг стапици, но и отстапки, компромиси? Како ги мислеле, противречеле меѓу себе, како ги вреднувале моите постапки и отстапки? Или, пак, биле сето време фатени за гуша? До омраза и задув? Колку простор во секој еден од нив бил, вистински, мој? Како сум се чувствувал во него? Како, кога, зошто, им се сменувале смените? Смените, кои биле, не се, нема да бидат ништо друго туку само недоброј репризи на логиката ‒ Затвореник и Иследник? Каде си ги одложувале пресудите? Во кои досијеа?

Низ гората, џунглата, книги, во кои барав одговор сиве овие години, сретнав, истрадав, повеќе студии‒исповеди; некои од нив ми се видоа поддржници, некои останаа само како поттик и предизвик за размисла, некои се обидоа да ме вратат, откажат, па затоа сега, сите нив, ги имам ‒ само како вовед во мојата истрага.

Без да ги цитирам, ќе тргнам со нив, како со патерици, додека ми закрепнат силите за мој, сопствен, чекор.
Засега, дојдов, со нивна помош, до овие од повеќемината кои биле ‒ јас. Мое ‒ Јас?

Едниот, Првиот, тоа сум јас, ластарот од Татко ми, Стариот, изластарен од коренот на четирите саги: Ќепеската и Чашулеската, Рокановската, Прилепската. Јас: правнукот на Спиро Црне, внукот на Пере Тошев. Синот на мојот татко, на Стариот. Македонецот.

Изнапишав, истрадав јас, мој Борка, за него, Првиот, многу, недоброј, искрени, збунети, зајадени, дезориентирани, самопоткупни страници, затоа нема потреба да повторувам.
Вториот е оној што го презеде од нив, од моите стари, од родот мој, од насиетот ‒ генот на простумот; оној што ја прегрна борбата како единствен вид живот и смисла, ја поверува Револуцијата, се обиде во недостижната философија на марксизмот, во борбата на комунистите, во европскиот и светски антифашистички контекст, оној кој успеа да се вгради во нив себеси, а со тоа и својот македонизам. Макар и неуко. Темелено врз недоречени митови и емоции. Оној што се вети да го интерпретира и измени светот. И во него да извојува место за Македонија. Оној што рака за рака, со Тебе, оние предзалезни битолски вечери тргна ‒ да го дооди патот.



Третиот е оној распнатиот: Меѓу: онега во мене кој одбрал, во името на служба на Револуцијата, да озакони за себе поведение во кое треба, мора: и да знае и да не знае! Да гледа и да не види. Да го знае само она за кое е или ќе биде известен. Никогаш да не исчекори од строгите догма ‒ рабови на известеното, дури и кога поривот по вистина во него ќе е најсилен. Да ги скрши, победи: сомнежот, дилемата, како демонски сили во себе. Како предавнички заседи. Да гледа, толкува, вреднува сé околу себе, но само како што ќе му се советува. Тие да му се единствените отворени очи. Единствени координати. Да го прифаќа, верува, применува само: селектираното за него. Да го има: како единствена вистина. Надвор од која сé е: отказ, ерес и предавство. Да живее според рецептот: треба да се учи, усвојува, гледа само она за кое другите, повиканите, решиле дека треба да се знае. Да стане урнек‒револуционер кој, во име на верата, гледа, гледа, го гледа само она што што му е дозволено да го види. Да стане урнек‒тип кој во името на преданоста на верата, на каузата, сето друго го отфрла како непостојно. Непријателско. Дури и кога вистината му ги крвјосува очите и му ја разнебитува мислата.

Четвртиот живее, исклучиво во светот на ‒ Највисоките Цели и Вредности. Мери, со нив ‒ сé! Суди со нив ‒ сé! Егзекутира во нивно име ‒ сé! Им го потчинува сурово, на тие максими, сето видено, извршено, особено она каде што откажале силите, се поревнала мислата, верата. Неговите Врвни Принципи, философија, етика, норми, служат, постојат само како единствени, исклучиви, догма‒врутоци за инспирација, секогаш кога нешто треба да се објасни, вреднува, растајни. Секогаш кога треба да се изнајде непорекливо оправдание, открие смисла, во она што се презема во името на тие Највисоки Вредности и Цели, дури кога се работи за: злостор!

Петтиот е оној за кого, еднаш веќе определен, нема, нема, не може, не смее да има ‒ алтернатива! Никаква. Тој не признава исчекор, поврат, отказ, дури и кога сите аргументи се за тоа. За него, надвор од одбраната врвица, дебне само амбисот на предавството. Чиј ужас е во тоа што е предавство кон догмата за отсуство на алтернатива. За него: патот е, еднаш за секогаш, зацртан, стратегијата дефинирана, методите смислени, целта јасна ‒ затоа и нема, не може, не смее да има алтернатива! Независно дали се работи за комунизам, религија, фундаментализам. Што е ‒ едно и исто.

А, проклетство, брат, има бездруго и некаков ‒ шести, против кого, гледаш и сам, војна водам!? Тоа би бил оној, најтрагичниот (највистинскиот?), кој, откако ќе се обиде, искаже, реализира низ сите претходни петмина, во контекстот на поразот ‒ ги крева рамениците, се прогласува себеси за жртва, отфрла сé од себеси (вера, мисла, дело!), како да се камушки; побрзува да се откаже од сé, од себеси, па откако ќе си плукне во лице, се покрива со мртовечкиот бел покрив на бегство во Заборавот. Оставајќи ја недопокриена само главата да му ја покријат кога ќе ги затвори ‒ очите.

Сум бил ли јас, навистина – тие шестмина?

Да!



Слики: Ewa Juszkiewicz

Извор за текстот: Коле Чашуле ‒ „Резиме за мојата генерација“, Скопје, 1996