1018 hPa
46 %
19 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 12:59

Пореметувањата на цивилизираната егзистенција
Од раниот осумнаесетти век станало вообичаено на поблагите нервни болести да се гледа како на дел од цената што се плаќа за цивилизацијата, уште повеќе како на болки на кои најсклони се најрафинираните и најцивилизираните поединци. Еден век подоцна тие сфаќања се прошириле и ги опфатиле дури и најсериозните и најстрашните облици на „бедламско лудило“. Лудилото, тврделе психијатрите и нивните сојузници, е болест на цивилизацијата и цивилизираните. Наспроти тоа, тоа е состојба речиси непозната кај „дивјаците“ и примитивните народи. Се чинело дека русоовските благородни дивјаци се имуни на разорната моќ на умоболноста.
Како што цивилизацијата напредувала, животот станувал посложен, „понеприроден“, побрз, понепостојан, постуден и понестабилен. Политичките пресврти, меѓу кои Француската и Американската револуциј каји најистакнати, будат страсти и амбиции, како и бурни економски промени во новиот економски поредок заснован на пазарот. Древните верувања и статусните хиерархии се фрлени во позадина. Умовите се вознемирени од бескрајното трчање по богатство, а амбициите незапирливо се шират. Вознемиреноста во политичкото тело одекнува во телата и умовите на граѓанството. Некогашните ограничувања кои ги држеле копнежите и очекувањата на луѓето во одредени граници — црквата, семејството, недостатокот на географска и општествена мобилност, тежината на традицијата — во значајна мера биле отстранети. Раскошниот живот и секаквите прекумерности го слабееле моралното и менталното ткиво, или барем така се мислело, и помагале да се објасни брзото зголемување на бројот на луди лица и на нивните невротични пандани. Тоа зголемување било најочигледно кај најамбициозните, најуспешните и најкултивираните мажи и жени од тоа време. Тоа било тема на многу загрижени тогашни коментари.
.jpg)
Филип Пинел и неговиот омилен ученик Ескирол набрзо насетиле дека бришењето на ancien régime (стариот поредок) можеби имало лековити ефекти врз менталното здравје на нивните сограѓани. Најпосле, тоа бил општествен поредок „пред својот крај“, а неговите најповластени елементи „се валкале во мекост и раскош“. Слободата што ја вовела Револуцијата сигурно не можела да не остави лековити последици, заменувајќи ги здодевноста и безделништвото со „жестокост и издржливост“. Но, теророт набрзо ги ослободил луѓето од таквите заблуди. Пинел ги променил своите размислувања: страстите што ги ослободила Револуцијата имале застрашувачки импликации по стабилноста, не само на државата, туку и на нејзините граѓани1. Ескирол зборувал за „нашите револуционерни маки“ како за најсилниот причинител за порастот на бројот на лудите2. Времето го научило и му го зацврстило уверувањето дека „лудилото е производ на општеството и на моралните и интелектуалните влијанија“3. Анри Жирар де Каје (1813–1884), директор на лудницата во Оксер, во 1846 година го изразил она што набрзо станало консензус:
Движењето на идеите и политичките институции ги направило некогаш неподвижните и стабилни професии подложни на промени (...). Многу умови, пренапрегнати поради безумните и безгранични амбиции, истоштувајќи се и изопачувајќи се во борбата преку своите сили, завршуваат во лудило (...). [Кај] другите (...) обесхрабрувањето и бедата ги навеле да застранат и да се тргнат од светлината на разумот4.
Необично е што размислувањата на водечкиот американски лекар, Бенџамин Раш од Филаделфија, во неговата револуционерна доба, веќе следеле слична патеката како онаа на Пинел и Ескирол. За него, независноста значела дека неговите сограѓани се
постојано под закрепнувачкото влијание на слободата. Присутно е нераскинливо единство меѓу моралната, политичката и физичката среќа; а ако е вистина дека изборните и претставничките влади се најповолни како за поединечниот, така и за националниот напредок, од тоа природно следи дека тие се најповолни и за анималниот живот5.
Таквите придобивки им припаѓаат само на патриотите кои ја поддржуваат независноста. Оние кои во заблуда останале верни на британската круна страдаат од „Revolutiane“ и се проклети со ослабено телесно и душевно здравје. Меѓутоа, како Пинел и Ескирол, тој набрзо запеал поинаква песна. Имено, се покажало дека:
Прекумерната страст за слобода, разгорена од успешниот исход на војната, кај многу луѓе предизвикала мислења и однесување кои не можеле да се отстранат со разумот, ниту власта можела да ги скроти (...) [и] создале еден вид безумие, кое јас ќе бидам слободен да го наречам со името Anarchia6.
Неологизмите на Раш не наишле на општо одобрување — згора на тоа, едноставно биле игнорирани — но темелната смисла на неговиот подоцнежен став станала догма кај следната генерација американски психијатри. Семјуел Б. Вудвард, првиот управник на Државната лудница во Ворчестер, Масачусетс, отворена во 1833 година, гледал опасност насекаде:
Политички раздори, верски хирови, тргување со сопствените средства, долгови, банкрот, нагли удари на судбината, изневерени надежи... сето тоа како да се наталожило заедно во ова време и генерално влијае на предизвикувањето безумие7.
.jpg)
Исак Реј (1807–1881), уште еден меѓу тринаесетте психијатри кои во 1844 година се здружиле за да основаат ново професионално здружение, инсистирал на дека „умоболноста денес е во пораст во повеќето, ако не и во сите цивилизирани заедници“8, а неговиот колега Плини Ерл (1809–1892), забележувајќи го „постојаниот паралелизам меѓу напредокот на општеството и порастот на менталните пореметувања“, отворено го поставил прашањето „дали состојбата на највисока култура во општеството е вредна за казните кои доаѓаат со неа“9. На најголем ризик се изложуваат токму највредните, најамбициозните и најуспешните:
Умоболноста е ретка кај подивите структури на општеството. Една од причините за тоа несомнено се поедноставните и поприродни начини на живот, наместо луксузниот и вештачкиот. Друга и поважна причина е тоа што кај неуките и некултивираните, душевните способности се заспани и затоа помалку подложни на пореметувања10.
Британците во револуционерна Франција гледале јасна поука за опасностите од политичката нестабилност (колку помалку се зборувало за нивните некогашни доселеници од другата страна на Атлантикот, толку подобро), но британските психијатри радо се придружиле на мислењата изразени на европскиот континент и во Северна Америка. Томас Бедос (1760–1808) говорел за народите „доволно цивилизирани за да бидат способни за умоболност“11, а Александер Морисон (1799–1866) дека се чини оти лудилото го има „многу малку во Јужна Америка, меѓу индијанските племиња итн.“ „Веројатно“, заклучил тој сериозно, „дека растечката цивилизираност и луксузот во оваа земја, во спој со наследните склоности, тежнеат да го зголемат (...) сразмерниот број на заболени во однос на бројот на жители.12“
Значи, далеку од тоа дека имотната состојба пружала заштита од пробивот на умоболноста, токму земјоделското население, а особено селската сиромаштија, „во голема мера била изземена од умоболноста“, додека буржоазијата и плутократијата не уживале таков имунитет, со оглед на тоа што биле изложени на „возбудувања (...) и (...) создавање навики на размислување и дејства неповолни за зачувување на душевниот спокој и здравје“13.
.jpg)
Во мера во која јавно се прифаќале, таквите тврдења за општествената географија на лудилото на елитите им пружале уште еден сет причини како поддршка за градење лудници. Оние кои најчесто се натпреварувале во животната трка и оние кои биле најтрајно и најдиректно изложени на погубните влијанија на зголемената конкуренција, шпекулации и амбиции, се чинело дека се оние кои најмногу требало да стравуваат од сеништето на лудилото. Нагорната подвижност ги носела најголемите ризици:
Клавири, чадори, списанија како Edinburgh Review, желби во склад со париската мода, сега се наоѓаат кај сојот луѓе кои претходно сметале дека таквите нешта ѝ припаѓаат на поинаква раса; тие се вистинскиот извор на неврози и душевни заболувања14.
Но, насекаде се покажало дека таквите предвидувања за општествената локација на лудилото биле погрешни. Токму од редовите на сиромашните и од средниот слој веднаш се појавил најголемиот дел од растечкиот број на официјално прогласени умоболни лица. Обележувањето на масите пациенти кои ги преплавиле јавните лудници како кутри лудаци донекаде навело на погрешен пат — не му припаѓале сите на лумпенпролетеријатот. Но, потпирањето на јавниот буџет значело да се биде обележан како просјак, а оние кои страдале од лудило биле речиси оневозможени да заработуваат за живот. Пустошењето на лудилото доведувало до тоа на сите, освен на најбогатите, набрзо да им се заканува сиромаштија, околност дополнително влошена од оптоварувањето што го претставувало присуството на умоболноста во животот на семејството. Дури и оние кои на почетокот делумно биле економски сигурни и независни, набрзо осиромашувале и биле принудени да се потпираат на јавни дотации. Последователно, тие би ја добиле ознаката од која „угледните“ слоеви вообичаено се згрозувале, но во тие околности немале голем избор. Очајот ги принудувал да ја потиснат гордоста. Но, признавањето на фактот дека ознаката „кутар умоболен“ ја маскира значителната општествена хетерогеност не ја менува темелната реалност. Малкумина во 1850-тите можеле да се сомневаат дека мнозинството од оние кои биле официјално признаени како умоболни доаѓале од пониските слоеви, од оние кои морале да заработуваат за живот.
(продолжува)
.jpg)
Слики: Francisco José de Goya (1746-1828)
Избор и превод: Тим Дисензус
Извор за текстот: Andrew Scull - Madness in civilization: a cultural history of insanity, from the Bible to Freud, from the madhouse to modern medicine (2015)
Фусноти:
1. Philippe Pinel, "Aux auteurs du journal", Journal de Paris, January 18, 1790, p. 71
2. J.-E. D. Esquirol, 1805, p. 15
3. J.-E. D. Esquirol, 1838, vol. 2, p. 742
4. A. Girard, 1846, pp. 142–143
5. Benjamin Rush, 1947, p. 168
6. Benjamin Rush, 1947, p. 333
7. Tenth Annual Report of the State Lunatic Hospital at Worcester, 1842, p. 62
8. Butler Hospital for the Insane, Annual Report 1854, p. 13
9. Pliny Earle, 1868, p. 272
10. Thirteenth Annual Report of the State Lunatic Hospital at Worcester, 1845; and Amariah Brigham, 1833, p. 91
11. Thomas Beddoes, 1802, p. 40
12. Alexander Morison, 1825, p. 73
13. William A. F. Browne, 1837, pp. 56, 59
14. David Uwins, 1833, p. 51