Психоаналитички перформанс кај „Јоле“

06.03.2026 14:36
Психоаналитички перформанс кај „Јоле“

 Анегдоти од кај „Јоле“ (21)

Влада Урошевиќ не можел да ја смисли психоанализата. „Нешто ако не поднесувам ‒ тоа е терапијата со говор; влегување во мојот сон ‒ силување; рационализација на најтаинственото ‒ фуј“ ‒ персуастички категорично се згрозувал професорот по компаративна книжевност, небаре некаков инверзен Димитар Митрев.

Младиот бунтовник Никола Гелевски, пак, обратно: во тој период егзалтирано голтал психоаналитички четива ко шарени бонбони. „Лакан, тоа ти е три во едно ‒ Џојс, Сосир и Фројд!“

Еднаш така Никола Гелевски и неговата пријателка Емилија Георгиевска, млада психотерапевтка, исто лаканијанка, решиле да ja провоцираат идиосинкразијата на Урошевиќ и отишле во „Јоле“, во време кога тој таму требало да се сретне со Матеја Матевски и Милан Ѓурчинов. Доверливата информација, добиена од страна на лојалната но недоволно претпазлива асистентка Лидија Капушевска, била веродостојна, и ете ги, Емилија и Никола седнуваат веднаш до масата на славните македонски модернисти, идни академици.

Градината на „Јоле“ мирисала на тутун, кафе и на некое расипано благо, можеби стар колач или коњак што предолго стоел отворен. Дебела мачка спиела крај малата фонтана во која се брчкале врапчиња. Откако нарачале (Емилија кафе, цеден портокал и чаша вода; Никола цеден микс) Гелевски со својот убоит глас го започнал лаканијанскиот перформанс:

‒ Психоанализата во човечкиот поредок всушност ги има сите субверзивни и скандалозни атрибути кои ги имало и коперниканското децентрирање на космичкиот поредок! Земјата, почивалиштето на луѓето, не е веќе центар на универзумот! Дангере! Психоанализата објавува дека човекот веќе не е центар на самиот себе, оти таму има внатре уште еден субјект, Несвесното!



Еј, мора да го тргнеш тоа — ова е бар без лаптопи. (игра со зборови - laptopless bar)

 

Отраканиот улет на младиот Гелевски не останал незабележен: Ѓурчинов се свртел да види кој бамбори толку гласно, а Урошевиќ одеднаш ја пресекол реченицата со која му се обраќал на Матеја: „Да изразиш чувство со зборови е како да насликаш...“ Матеја упорно со лажичето го мешал кафето во кое шеќерот одамна бил истопен. Од радио апаратот доаѓал нестабилниот сигнал од Радио Скопје, повремено нејасен, испреплетен со интергалактички шумови.

Емилија Георгиевска продолжила:

‒ Така е, драг пријателе. Иако, би спомнала, на самиот почеток психоанализата била непријателски дочекана. Учењето на Фројд било дефинирано како ирационализам, ни мање ни више! Меѓутоа, се согласувам со тебе, Коља, работата е токму спротивна: Фројд не само што го рационализирал она што дотогаш се опирало на рационализација, туку покажал дека веќе во самата акција се крие постапката на заклучување; односно, дека постои нешто што се формира и функционира логички, без знаење на субјектот.

Гелевски се надоврзал:
‒ Неговото воведување на сфаќањето на сексуалните сили кои го совладуваат субјектот без предупредување и логика, уште некако и било прифатено; меѓутоа, дека сексуалноста е место на говорот, дека неврозата е болест која говори, што значи нешто чудно, тоа дури и неговите ученици повеќе сакале да го игнорираат.

Дебелата мачка се протегнала и врапчињата веднаш избегале од малата фонтана. Келнерот донел три чаши на масата на тројцата идни академици; едната, зачудувачки, била празна.

‒ Ова би сакала посебно да го истакнам ‒ рекла Емилија дискретно и со насмевка погледнувајќи кон соседната маса. ‒ Аналитичарката не смее да биде сфатена како „инженер на душата“; таа не е лекарка, таа не работи воспоставувајќи причинско-последични релации; нејзината наука е читање, читање на значењата. Токму поради ова таа е, не знаејќи што се крие зад вратата на нејзината ординација, често гледана како волшебничка, можеби најмоќна од сите.



Не, не мислев дека тоа подразбираш под „пијано бар“.

 

‒ Колеги, ова е некаква провокација, игра, не знам точно што, но време е да збришеме одовде пред да стане опасно ‒ им се обратил Влада Урошевиќ на Матеја и Милан, игнорирајќи го театралниот разговор на соседната маса.

‒ Чекајте, другар Влада, баш ме заинтересира коперниканскиов пресврт, знаете дека мене ме засегаат револуционерните работи ‒ рекол Милан Ѓурчинов, а Матеја Матевски нечујно се согласил, па Урошевиќ морал да остане, да не прави скандал.

Гелевски тогаш триумфално грмнал:

‒ Не моравме да го чекаме Фројд за да сфатиме дека постои дел од психичките функции надвор од дофатот на свесното! Доколку баш сакате споредба, Фројд попрво бил Шамполион! Симптомите, оние за кои верувате дека можете да ги препознаете, ви се чинат ирационални оти ги земате изолирани, и зашто сакате да ги интерпретирате директно. Глејте ги египетските хиероглифи! Додека бараме директно значење ‒ грабливци, пилиња, мажи кои стојат, седат или се во движење ‒ дешифрирањето изгледа невозможно. Доколку се посматра сам за себе, знакот „грабливка“ не значи ништо; тој добива означителска вредност дури кога ќе се согледа внатре во контекстот на групата системи на која ѝ припаѓа. Анализата се занимава со овој поредок на феномени. Тие му припаѓаат на поредокот на јазикот.

Емилија го завршила подготвениот настап:

‒ Психоаналитичарката, значи, да резимираме, не е истражувачка на непознат континент, ниту на големи длабочини; таа е лингвистка. Таа учи да го дешифрира писмото пред своите очи, кое е присутно за сечиј поглед; сепак, тоа писмо останува недешифриво ако ни недостасуваат неговите закони, неговиот клуч.



Ќе ви се исповедам - понекогаш се сомневам дека господ е џиновско пиле. ЕГНОСТИЦИ

 

‒ Оваа чудна претстава е стапица, драги колеги, време е да ја напуштам делумно морничавава сцена, малце пребучна за мојот вкус ‒ рекол Урошевиќ и достоинствено си заминал.

Матеја Матевска исто така брзо отишол, па Ѓурчинов останал сам.

‒ Не му замерувајте на Влада, тврдоглав е. Него и дедо му го викаше кондрокефало. Знаете дека како мал изел добар дел од малиот лексикон Ларус? Толку ја сакал таа џебна чудесна книга што почнал да ја јаде. Сакате да го продолжиме разговорот разгледувајќи го односот меѓу Бретон и Фројд? Оти, искрено, појма немам за Лакан ‒ им предложил Милан Ѓурчинов на Никола Гелевски и Емилија Георгиевска, а тие прифатиле.



Некој ја користи столицава?

 

Слики: Дејв Коверли

Некои од репликите на Н. Гелевски и Е. Георгиевска се преземени од интервју на Мадлен Шапсал со Жак Лакан од 1957 г.

ОкоБоли главаВицФото