1015 hPa
38 %
21 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 15:59

Романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Maкедоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс Либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или - или“), „Три Марии: (роман - басма)“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Либрис“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“) се најдоа во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ за 2025 година.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав: Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), која при тоа го констатираше фактот дека годинава конкуренцијата меѓу објавените романи е прилично изедначена, што го покажува и фактот дека во најтесен избор влегоа дури шест романи (веројатно најмногу во историјата на „Романот на годината“.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на добитникот на годинашната награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, на 13 март, со почеток во 13 часот, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.Наградата што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Нејзин генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, а таа е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Годинава наградата ќе се додели по 27-ми пат, а минатата година неа ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или - или“.
Според најавите, годинава свеченото врачување на наградата „Роман на годината“ ќе се одржи во средината на мај.
Најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2025 година:
1. „Александар јава на запад“, Венко Андоновски, „Три“
2. „Необјавен фељтон“, Владимир Илиевски, „Maкедоника литера“
3. „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“, Фросина Пармаковска, „Арс Либрис“
4. „Фобос: деконструиран роман“, Соња Станковска, „Или – или“
5. „Три Марии: (роман -басма), Оливера Ќорвезироска, „Арс Либрис
„Повратник со две лица“, Ивица Челиковиќ, „Паблишер“.