Косовел

09.03.2026 03:17
Косовел

Сречко Косовел

 

Среде динамичниот и незгодно богат и удобен град Женева, долгогодишна престолнина на разнораразни благороднички мамежи, на брегот од езерото Леман, покрај чии води и протагонистот на Елиотовата Пуста земја „седеше и плачеше“, одеднаш над мене осамнува облак, и од него еден циничен стих на Косовел: „како, зар и во Женева капе?“

Често седиштето на Лигата на народите, произлезена од пепелта на Првата и упокоена во Втората војна, се провлекувало низ неговите песни. Тогаш, во средината на „лудите дваесетти“, овој метеорски поет од Крас, сопатник на движењето што веднаш по неговата смрт ќе се обликува во ТИГР, првата светска вооружена антифашистичка група, својата јасна и поетски неверојатно свежо артикулирана острица ја насочува кон новата ескалација на веќе забрзаниот империјализам од една, и национализмот од друга страна.

Друштвото на народите го смета за зашеќерена превара на големите сили, а неговата темелна непринципиелност одлично може да ја следи во политичката динамика на сопствениот агол од светот, кулиса за првите демонстрации на историскиот фашизам.

Еден век подоцна, додека Обединетите нации – кои по 1945 ја наследија Лигата – поради актуелното прередување на глобалниот поредок ги губат и последните траги и на реалниот и на симболичкиот капитал, а трагедијата на Лигата се повторува како брутална фарса низ Трамповиот Одбор за мир, колку прикладно звучат стиховите од песната „Пред капитулациите“:

Последна причест. / Имагинарното човечко друштво / на народи – друштво на различни / чедности – во Женева. / Стерилен парламентаризам. / Тајна дипломатија. / Америка. Златни долари. / Духот е побрз од Ориент-експресот. / Нерон во црвен крвнички плашт. / Човекот моли: Да бидам човек!

Оваа футуристичка минијатура е кодирана, наспроти некои други, можеби попознати нејзини современи пандани, длабоко хуманистички и, луцидно интерпретирајќи ја својата сегашност, испишува неверојатно прецизна дијагноза на нашето сегашно време.

Многу нешта во меѓувреме, се разбира, се променија, и треба да се избегне понекогаш премногу примамливата, со округлите годишнини врзана мантра за „вечното враќање на истото“. Сепак, прстот на Косовел врз пулсот на епохата е немилосрден, толку стихови денес делуваат како во реално време испишани коментари на медиумизираните катастрофи и геноциди на нашата епоха.

И катедралите и парламентите: / лага, лага, европска лага. / И Друштвото на народите лага, / лага, европска лага. / Милиони умираат, / а Европа лаже.

Наспроти тоа, вресокот на побунетиот и изневерен човек, меланхолијата како активен принцип:

а ние имаме државјанство / во сончевото кралство на смртта.

Во мај се навршува еден век од смртта на овој исклучителен поет, а 2026 година е прогласена во Словенија за година на Сречко Косовел.

Превод: П. В.

Извор: Портал Новости

Косовел на Окно