1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Секогаш кога Трамп ја напаѓа „Антифа“ како терористичка организација, се појавува порој од реакции на социјалните мрежи. Навистина го ценам тоа чувство и знам дека некои од нашите дедовци можеби легитимно го презирале фашизмот, но ајде за момент да се соочиме со реалноста.
Владите на „глобалниот север“ никогаш не биле антифашистички, затоа што тие постојат за да му служат на капитализмот. Целта на Сојузниците беше да го зауздаат германскиот експанзионизам на континентот и италијанските претензии врз поголеми делови од колонијалниот свет, и да ги одбијат Советите.
Сојузниците не ги елиминираа Хитлер и Мусолини поради нивните убедувања или нивните ѕверства, туку затоа што тие отидоа многу подалеку од самото потиснување на социјализмот. Тие ги скинаа своите синџири како „пеколни кучиња“ на глобалниот капитал. Значи, тие не соработуваа како сојузници за да го поразат фашизмот како таков. А откако веќе беа во војната, запирањето на Холокаустот — што би требало да биде примарна антифашистичка цел — не беше приоритет.
Затоа, мислам дека мора да ни стане јасно дека во периодот пред Втората светска војна, главниот надворешнополитички интерес на американските лидери беше да го направат светот безбеден за глобалните корпоративни инвестиции и приватниот профит.
Фашистите во Европа беа навистина корисни за тоа, бидејќи не пребираа средства за да ги здробат комунистите и социјалистите по улиците. Американските бизнис тајкуни и нивните медиумски пиони го славеа италијанскиот фашизам и германскиот нацизам. Вилијам Рандолф Херст им нареди на своите дописници во Германија да бидат пријателски настроени во извештаите за Рајхот, во замена за профитабилни претплати за новински услуги од страна на нацистите.
Ви звучи ли ова познато?
.jpg)
Потоа ги имаме и тие „монструми“ како Хенри Форд, кој дистрибуираше антисемитска пропаганда преку своите салони за автомобили, додека истовремено финансираше приватна војска за тепање на синдикалците. Тој патуваше во Берлин како да е во Мар-а-Лаго, за да им оддаде почит, да прими медали и да склучува договори. The Wall Street Journal, The New York Times, Fortune и Chicago Tribune — сите тие објавуваа фалбаџиски статии од типот „Дајте му шанса на Адолф“ и го величеа Мусолини како човекот кој ја спасил Италија од анархија и радикализам. Велеа дека „црнокошулашите“ ја штитат нацијата и нејзината нова демократија.
Ви звучи ли познато?
Ништо од ова не се смени до средината и крајот на 1930-тите, кога Силите на Оската почнаа агресивно да бараат свој дел од светските пазари и колонијалниот плен, што ја наруши старата поделба на „глобалниот југ“ запечатена во Версај во 1919 година. Но, ликови како Форд продолжија по старо — во 1938 година тој го прими „Големиот крст на германскиот орел“, највисокото одликување на нацистичка Германија за странци, а во 1940 година Форд го финансираше фашистичкиот комитет „Америка на прво место“, предводен од антисемитскиот авијатичар Чарлс Линдберг.
Познато?
.jpg)
И знаете кој работеше за Форд и сличните компании, и пред војната и по војната, кога целосните економски придобивки од победата над Германците ја создадоа американската средна класа? Многу од нашите дедовци, вклучувајќи го и мојот, Роберт Меклауд. Тој беше од Виндзор, Онтарио, веднаш преку реката од Детроит, каде што повеќето млади мажи работеа во фабриките за автомобили. Беше регрутиран во 1939 година и помина речиси шест години во Европа. Беше кај Диеп во 1942 година, каде што една четвртина од неговиот полк беше измасакрирана на плажата.
Зошто таа битка беше катастрофа за Канаѓаните? Делумно поради недоволната воздушна поддршка од британското Кралско воздухопловство (РАФ). А зошто? Па, еден фактор беше тоа што Чарлс Линдберг — се сеќавате на него? — го убеди Форд да ги откаже договорите за изградба на 6.000 мотори за РАФ, затоа што и двајцата веруваа дека САД треба да се сојузат со нацистите. Во други битки, мојот дедо веројатно се соочувал со германски војници транспортирани до фронтот со камиони произведени од германската подружница на Форд. Тој исто така веројатно се соочувал со муниција направена во фабрики во сопственост на американски фирми, за кои на пилотите на РАФ и САД им било наредено да не ги бомбардираат.
Кога Роберт се врати, помина години борејќи се со алкохолизам додека работеше на лента во фабриката на Форд. Значи, откако се бореше против фашизмот во Европа, тој се врати да работи за компанијата која се обиде да ја направи Америка фашистичка.
Никој не може да го објасни ова без критика на глобалниот капитализам. Без оглед на тоа какви биле неговите политички убедувања — а искрено, не знам многу за нив, почина кога имав шест години — не постои универзум во кој мојот дедо бил испратен да се бори против фашизмот. Тој беше испратен во војна со табла за „Монопол“.
.jpg)
Ова не е навреда за мојот или за вашиот дедо. Само мислам дека многу од тие луѓе мораа многу напорно да работат за да закрепнат од војната за да можат да размислуваат за овие противречности. И за цената што ја платија, верувам дека нивните морални очекувања како ветерани беа вештачки одржувани ниски, oti не се вратија во култура која го затвори Хенри Форд како предавник или ги казни „Дипон“, „Џенерал Моторс“ или „ИТТ“ за индустриска колаборација. Победниците не го забранија бесрамното богатство, ниту ја заштитија работничката класа од експлоатација и деспоти. Ниту пак ги заштитија црнците, имигрантите, жените и „квир“ луѓето од нетрпеливост.
Нашите дедовци се вратија во свет кој им се заблагодари (ако беа бели) нудејќи им билет за „лотаријата на просперитетот“. Беа вшмукани во ера која правеше сè што може за да замисли дека сè ќе биде во ред ако само ја наведнат главата и ја развиваат економијата. Игнорирајќи го фактот дека антифашизмот значи многу повеќе од само судење на неколку главни негативци во Нирнберг. Тоа значи размонтирање на капиталистичките хиерархии.
Не знам дали нашите дедовци биле свесни дека повеќето италијански фашисти биле пуштени од затвор во рок од една година по војната и се вратиле на позиции во владата, додека САД поддржуваа планови за уништување на сите преостанати антифашистички и комунистички групи низ цела Европа. Не знам дали нашите дедовци знаеле дека стотици нацистички воени злосторници нашле засолниште во САД, понекогаш вработени од американските разузнавачки служби за време на Студената војна.
Суштината е следна: повеќето од нашите драги дедовци немаа шанса навистина да бидат „Антифа“. Но, ние ја имаме таа шанса, со тоа што ќе препознаеме дека Трамп и трампизмот не се некоја луда аномалија што треба само да се „исчисти“ за да може бизнисот да продолжи по старо.
Во 1935 година, уште еден дедо од таа ера, Бертолт Брехт, го напиша следново:
„Оние кои се против фашизмот без да бидат против капитализмот, кои плачат над варварството што произлегува од варварството, се како луѓе кои сакаат да јадат телешко, но не сакаат да го заколат телето. Тие се спремни да го изедат телето, но без да ја видат крвавата глетка. Тие се сосема задоволни ако месарот ги измие рацете пред да го измери месото. Тие не се против сопственичките односи кои го раѓаат варварството. Тие се само против простото варварство.“
.jpg)
Слики: Pawel KUCZYNSKI