Митови, змии, демони, соништа: необичниот свет на Ендрју Фридер

09.03.2026 11:41
Митови, змии, демони, соништа: необичниот свет на Ендрју Фридер

 

Далеку од институционалната уметничка сцена, Ендрју Фридер создаде интимен и необичен визуелен јазик низ кој се преплетуваат античките митови, библиските приказни и личните демони. Самоукиот уметник, опседнат со митологија и фантастични суштества, создаде исклучителни дела спојувајќи наизглед неспоиви работи. Неговата уметност била речиси невидлива додека беше жив. Денес неговите дела се откриваат како редок и необичен пример на мошне креативна и оригинална современа уметност.

Andrew Frieder (1959.-2014.) е американски маргинален или самоук уметник, познат по необичните мешани техники, графики и дела на текстил, создадени главно во пустинскиот град Ланкастер, во Калифорнија. Неговото творештво, речиси непознато, пошироко внимание доби по неговата смрт во 2014 година.



Роден е на 10 февруари 1959 во Бруклин, Њујорк, а починал на 11 март 2014 во Ланкастер, Калифорнија. Како млад бил врвен мечувалец. Течно зборувал француски. Во доцните тинејџерски години доживеал психички колапс и бил дијагностициран со шизофренија, што силно влијаело на неговиот живот и уметност. Поради болеста не ја завршил формалната уметничка едукација, но продолжил да учи самостојно преку книги и посети на музеи. Пишувал есеи и романи, кои главно ги уништил. Три пати ја уништил целата своја дотогашна уметност за време на психички кризи.

Бил бербер по професија. Правел чевли и шешири. Бил опседнат со правење работи и често самиот изработувал алати, модифицирал машини за шиење, користел најдени материјали од отпад (особено од складови за старо железо), од гаражни распродажби и слично. Бил кревок, но мошне решителен творец со неверојатна работна енергија - работел дење и ноќе. Никогаш не барал внимание; всушност, намерно го избегнувал. За својот креативен процес размислувал критички и макотрпно, како секој подлабок уметник. Во неговата оставнина сочувани се многу записи кои ја покажуваат неговата изострена свест за сопственото творештво и за сопствената ментална состојба. Неговите есеи за историјата и религијата се мошне емпатични и страсни. Длабоко го засегала политичката неправда.



Во неговите ликовни дела често се појавуваат сцени од грчката и римската митологија, мотиви од Стариот и Новиот завет, хибридни суштества, змии, скелети и фантастични животни. Чест мотив се и средбите меѓу луѓе и животни со драматичен или ироничен карактер. Неговите ликови се борат едни со други, но и сами со себе. Разиграни се, интензивни, често заканувачки, носејќи голема психичка тежина. Фидлер всушност создавал многу складни креативни комбинации меѓу мистичното (длабоко внатрешно) и техничкото (надворешното, педантно моделирано).

Во ликовна смисла неговите дела се препознатливи по меката пастелна боја и земјените тонови; по текстот впишан директно во сликата; по перфорирањето, шиењето и лепењето на хартијата; по комбинацијата на цртеж, графика и текстил. Сите тие мешања создаваат атрактивен и необичен резултат - спој од рафинираност и сурова експресија.

Интересен е за познавачите на уметноста и пошироката публика токму поради комбинирањето на уметноста, митологијата и личната психичка борба; но и затоа што работел со необични материјали и со нестандардни техники и затоа што класичните уметнички теми теми ги претворал во многу лични визии.



Во текот на последните две децении не доживеал никакви психотични епизоди ниту хоспитализации. Очигледно е дека процесот на закрепнување во голема мера бил олеснет од неговото длабоко нурнување во сопствената уметност.

Првата поголема изложба ја имал само неколку недели пред смртта во локалниот музеј во Ланкастер. Потоа неговите дела се појавиле на Outsider Art Fair во Њујорк и во галерии во Лос Анџелес. Во Ланкастер е основан Andrew Frieder Creative Space – заедничко студио за уметници.

Денес Фридер се смета за еден од најинтересните американски „скриени и маргинални“ уметници.

Во продолжение претставуваме дваесетина негови дела.


 

Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Графички Дизајн / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност
Уметност / Историја
Општество / Активизам / Култура
Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Квир / Теорија

ОкоБоли главаВицФото