Раздор на француската левица

10.03.2026 01:35
Раздор на француската левица

Жан-Лук Меланшон и Рафаел Арно


Насилната смрт на младиот припадник на француската радикална десница, Квентин Деранк, преку ноќ се претвори во првокласна cause célèbre со потенцијал да ги потресе самите темели на француската политичка сцена.

Дваесет и тригодишниот Деранк на 12 февруари учествуваше на националистичките демонстрации против левичарската парламентарна пратеничка Рима Хасан, која тој ден држеше говор на Институтот за политички науки во Лион.

Во околните улици дојде до физички судири меѓу групи неофашисти и антифашисти, при што Деранк беше опколен и претепан од група маскирани мажи. Набргу потоа беше пренесен во болница, но на 14 февруари почина од здобиените повреди.

Полицијата претпоставува дека во нападот врз Деранк учествувале и припадници на милитантната антифашистичка организација Jeune Garde, која француската држава ја забрани во јуни 2025 година поради „поттикнување насилство со цел судирање со ултрадесничарски групи“.

Меѓу осомничените се најдоа и двајца помошници на парламентарниот пратеник Рафаел Арно. Арно, пратеник на левичарската партија La France insoumise, е еден од основачите на Младата гарда во Лион и долгогодишен портпарол на таа организација.

Лидерот на LFI, ан-Лук Меланшон, ја поддржа кандидатурата на Арно на парламентарните избори во 2024 година и долго време беше во близок контакт со Младата гарда. И покрај тоа, Меланшон одби формално да се дистанцира од Младата гарда дури и по смртта на Деранк.

Иако го осуди насилството и отфрли каква било одговорност на LFI за немилиот настан, Меланшон на предизборниот митинг одржан на 26 февруари во Лион повторно го изрази своето несогласување со забраната на Младата гарда, изјавувајќи дека таа „не е криминална организација“.

Непоколебливата поддршка на Меланшон за Младата гарда очекувано ја разбесни десницата, но доведе и до нови расколи во француската левица. Политичарите и партиите од левиот центар, како и медиумите поврзани со нив, ја искористија новонастанатата ситуација за да ги засилат своите напади врз LFI пред локалните избори, кои ќе се одржат на 15 и 22 март.

Раководството на социјалдемократската партија Place Publique, предводена од европратеникот Рафаел Глуксман, на почетокот на март на своето членство му забрани да создава какви било локални предизборни сојузи со La France insoumise. Освен контроверзите околу смртта на Квентин Деранк, на донесувањето на таквата одлука влијаеја и некои неодамнешни изјави на Меланшон кои во дел од француската јавност беа сфатени како антисемитски.

На критиките кон Меланшон набргу им се придружи и поранешниот француски претседател од редовите на Социјалистичката партија, Франсоа Оланд, препорачувајќи ѝ на мејнстрим левицата да се откаже од соработката со LFI. Лидерите на многу помали левичарски партии засега сепак одлучија да останат настрана и да го почекаат развојот на настаните.

Од можниот распад на левичарската коалиција Нов народен фронт – формирана пред изборите во 2024 година – најмногу ќе профитира радикалната десница предводена од Rassemblement national. Медиумската и политичката хајка против Меланшоновиот LFI отвори можност за соработка меѓу центарот и радикалната десница против најопасната лева конкуренција.

Претседателот на RN, Џордан Бардела, воопшто не ја крие својата желба да го пробие cordon sanitaire што околу неговата партија постои со децении. Неговите повици за политичка изолација на LFI затоа треба да се сфатат како уште едно подавање рака кон центристите на Емануел Макрон. Засега сè уште не е јасно дали центарот ќе ја прифати подадената рака, но таа опција изгледа сè поверојатна како што се приближува датумот на претседателските избори во 2027 година.

Извор: https://www.portalnovosti.com/