1017 hPa
54 %
10 °C
Скопје - Чет, 23.04.2026 02:03

Ако е вистина дека причините за хистеричните нарушувања се наоѓаат во интимноста на психосексуалниот живот на пациентот и дека хистеричните симптоми се израз на неговите најтајни и најпотиснати желби, тогаш целосното разјаснување на еден случај на хистерија неизбежно подразбира откривање на тие интимности и тајни.
-Сигмунд Фројд - Фрагмент од анализа на еден случај на хистерија (Дора), 1905
Во следните две лекции накратко ќе го претставиме погледот на постфројдовската интерсубјективна и релациона психоанализа кон хистеријата, како и некои од темелите на Фројдовата теорија. Во лекциите за Лакан подоцна повторно ќе се навратиме на оваа дијагностичка категорија и ќе ја разгледаме од лаканијанска, структурна перспектива.
Фројд, фасциниран од она што прво го видел во болницата Салпетриер, а потоа и од она што го слушал од бројните пациенти со хистерија, почнал да поставува суштински прашања кои на крајот ѝ дале облик на психоаналитичката теорија каква што ја познаваме денес: Како може некој истовремено и да знае и да не знае? Што го објаснува заборавањето на важни искуства? Дали телото го изразува она што умот не може да го поими? Како да се објаснат драматични симптоми, како напади налик на епилепсија кај личност која не боледува од епилепсија? Или слепило кај некој со физиолошки нормален вид? Или парализа кога не постои никаков невролошки проблем?
Да се потсетиме: во времето кога Фројд започнал да работи со своите пациентки, хистеричните жени често биле сметани за манипулантки и симулантки, па неретко биле исфрлани од лекарските ординации. Колку и да му се замерува на Фројд за неговите ставови за женската психологија или за сексуалната траума, мора да му се признае заслугата како веројатно првиот лекар кој, заедно со Бројер, почнал сериозно да ги сфаќа своите пациентки.
Да се потсетиме и на тоа дека во еден момент Бројер — преку (непрепознаен) контратрансфер — развил чувства кон својата пациентка Ана О коишто ја надминувале вообичаената релација лекар–пациентка, се исплашил и му го препуштил случајот на Фројд. Ако за Бројер работата со Ана О значела крај на неговата психоаналитичка дејност (уште во самиот зародиш на психоанализата како техника и наука), за Фројд таа претставувала почеток. Бројер се повлекол и не сакал да знае, додека Фројд сакал, и тоа многу. Од тој момент натаму, Фројд дисциплинирано и посветено ги слушал своите пациенти, верувајќи дека преку разбирањето на нивното единствено страдање ќе спознае нешто за психичките процеси што дејствуваат кај сите луѓе.
.jpg)
Во дијагностичкиот прирачник ДСМ, хистеријата како дијагноза низ различните изданија добивала различни имиња: од класична хистерија во 1952 година, преку хистрионско растројство на личноста во 1970-тите, до конверзивно нарушување во најновото, петто издание. Денес ретко се среќаваат хистерични пациенти со класичниот спектар на симптоми — конверзии, амнезија, квази-епилептични напади, парализа на екстремитетите, слепило, глувост, грчеви, анестезија без никаква органска основа — но се среќаваат многу пациенти со личносна структура што се смета за хистерична. Како што би рекле психоаналитичарите со лаканијанска ориентација: не треба да се мешаат симптомите со структурата.
Некои психоаналитичари денес претпоставуваат дека бројни необјасниви соматски симптоматски нарушувања — како функционалните невролошки симптоми, медицински необјаснетите синдроми, фибромијалгијата, синдромот на хроничен замор и синдромот на иритабилно црево — можеби можат да се разгледуваат во рамките на хистеричната личносна организација, иако ова прашање уште останува отворено.
Во клиничката работа исто така сме сведоци дека опсесивни симптоми, па дури и психотични симптоми, може да се појават кај хистерично структурирана личност. И обратно — хистерични симптоми може да се сретнат кај опсесивно структурирана личност. Затоа треба да ја запомниме максимата дека не треба да се меша структурата со симптомите; односно, не треба секогаш да се потпираме на симптомите како единствен, привидно лесен и заводлив одговор кога сакаме да поставиме дијагноза.
.jpg)
***
Да се навратиме на личностите со хистерична организација, кои ќе ги прикажеме во неколку општи и поедноставени црти, започнувајќи од Фројд.
Иако овој тип личност почесто се среќава кај жените, хистерично организирани мажи воопшто не се реткост. Впрочем, и самиот Фројд се сметал за донекаде хистеричен (веројатно со право), а една од неговите најрани публикации (1886) била посветена токму на хистеријата кај мажите.
Фројд предложил дека силните (орални) нагони можат да бидат суштинска карактеристика на луѓето со хистерична организација; тој нагласувал дека тие копнеат по орално задоволување, љубов, внимание и еротска блискост. Тие бараат стимулација, но лесно се преплавуваат кога таа е прекумерна, и тешко ги преработуваат вознемирувачките искуства.
Фројд ја нагласувал таканаречената „завист кон пенисот“ како универзален проблем кај жените, потпирајќи се на својата работа со пациентки со хистерична структура. Кога забележал дека неговите пациентки во своите соништа, фантазии и симптоми ја симболизираат машката моќ преку фалички слики, тој претпоставил дека во раниот развој овие жени ја изедначиле сопствената беспомошност — како и беспомошноста на своите мајки — со „немањето пенис“.
Во 1932 година Фројд напишал: „Кастрациониот комплекс кај девојчињата… започнува со гледањето на гениталиите на другиот пол. Тие веднаш ја забележуваат разликата и, мора да се признае, и нејзиното значење. Се чувствуваат сериозно оштетени, често изјавуваат дека и ‘тие сакаат да имаат нешто слично’, и стануваат жртва на ‘зависта кон пенисот,’ која ќе остави неизбришливи траги во нивниот развој и оформувањето на карактерот.“
Од овој цитат може да се види дека Фројд ја согледувал темната страна на патријархатот. Денес знаеме дека во текот на својот живот охрабрувал многу жени од своето опкружување кон професионални достигнувања и интелектуална рамноправност. Исто така се надевал дека преку толкувањето на „зависта кон пенисот“ ќе им помогне на пациентките да увидат дека мажите не се навистина супериорни — дека таквото верување е инфантилна фантазија која може психоаналитички да се преиспита и надмине. (Можеби ова е преоптимистично читање на историјата, но сепак претставува едно можно толкување на психоаналитичката традиција.)
.jpg)
На почетокот од работата со пациентките со хистерија, амнезијата била феномен што го фасцинирал Фројд до таа мера што, теоретизирајќи го, создал цела теорија за структурата на умот и за начинот на кој можеме да ги „заборавиме“ работите кои на некое недостапно ниво истовремено и „ги знаеме“. Така Фројд го формулирал (или открил) феноменот на потиснувањето, кој го сметал за основен ментален процес кај хистеријата.
Во своите најрани терапевтски обиди, првин со хипноза а потоа со не-хипнотички сугестии, Фројд ја вложувал целата енергија во „отстранување“ на потиснувањето — им сугерирал на пациентите да се опуштат и ги охрабрувал да го отворат умот кон сеќавањата. Набргу открил дека кога трауматските сеќавања се враќале со својата оригинална емоционална сила, хистеричните нарушувања исчезнувале.
Првата концепција за потиснувањето како активна сила, а не како случаен процес, произлегла од неговата работа со пациенти кои под хипноза се сеќавале на детските трауми, често инцестуозни, ослободувајќи се од нив и потоа губејќи ги своите хистерични симптоми.
Така потиснатите сеќавања и афекти станале централни објекти на психоаналитичкото проучување. Во таа рана психоаналитичка фаза, присеќавањето и ослободувањето од потиснувањето се сметале за примарна терапевтска задача. Дури и денес повеќето терапии со динамски пристап се стремат да ги откријат раните сеќавања, иако мнозинството аналитичари сметаат дека реконструкцијата на минатото секогаш е само привремена верзија на тоа што се случило; нејзиното составување повеќе наликува на креирање линеарна и конзистентна фикција отколку на откривање на вистинските историски факти.
.jpg)
На крајот, доста контраверзно, Фројд сфатил дека дел од трауматските „сеќавања“ кои ги откривале хистеричните пациенти всушност биле фантазии, и неговиот интерес се префрлил од амнезијата и присеќавањето на објективно случена траума кон сферата на потиснатите желби, стравови, фантазии, инфантилни идеи и болни чувства. Со други зборови, откога Фројд забележал дека голем дел од пациентите пријавувале заведување или злоставување од возрасен, а што не се случило, заклучил дека хистерикот всушност фантазира за заведувањето, и во овој случај самата фантазија игра улога на траума.
Оттука, во современата анализа фокусот на работата е субјективната психичка реалност, личната вистина на пациентот, а не објективната историја. Сепак, важно е да се нагласи дека, за разлика од некои популарни толкувања, Фројд не тврдел дека сите раскажувања за раното злоставување се измислени (Masson, 1984). Но со текот на времето тој почнал повеќе да ја нагласува психичката реалност наместо објективната реалност на траумата.
Фројд сметал дека викторијанските митови за асексуалната природа на жените се особено штетни за психолошкото здравје. Тој тврдел дека жените воспитани да ги потиснуваат своите еротски импулси и стремежи се изложени на ризик од хистерија оти толку силна биолошка енергија никогаш не може да се укине, туку само да се пренасочи.
На пример, жена воспитана дека сексуалното љубопитство и самозадоволувањето се големи пороци можела да изгуби чувство или подвижност на раката со која мастурбирала. Овој феномен, познат како „ракавична парализа“ или „ракавична анестезија“ — бидејќи засегната била само раката, како да е вовлечена во „ракавица“ (што не може да биде невролошки феномен, бидејќи секоја парализа на раката би вклучувала и дел од рамото, или само неколку прсти) — бил чест симптом во времето на Фројд, за кој не постоело никакво објаснување“.
.jpg)
***
Иако денес ретко среќаваме клиенти со конверзивни симптоми, тие сепак постојат. Веќе неколку години работам со клиентка, бисексуална жена, која речиси три години беше целосно инхибирана, речиси парализирана во обидот да донесе одлука дали да го напушти сопругот и да започне нов живот со својата љубовница.* Кај неа се појави длабока поделеност, односно расцеп меѓу две подеднакво привлечни можности: од една страна стабилноста на семејниот живот со сопругот — кој за неа претставуваше и силна татковска и мајчинска фигура — заедно со двете мали деца и секојдневието кое, според неа, „одлично функционира“. Од друга страна — врската во која се чувствуваше жива, разиграна, исполнета со енергија и во допир со сопствената сексуалност како никогаш претходно.
Длабоко растргната меѓу улогата на асексуална но задоволна сопруга и мајка, и доживувањето на себе како сексуална жена, клиентката долго време живееше во тој речиси невозможен простор, како затегната жица, со извонреден и за мене зачудувачки капацитет да ги издржи неодлучноста и неизвесноста. Без чувство дека постои одлука или излез, во еден момент почна да се жали дека не може да ги чувствува и движи левата нога и рака, по што беше хоспитализирана. По бројни испитувања кои не открија никаква физиолошка или невролошка причина за симптомите, беше отпуштена од болница и постепено ѝ се вратија осетите и подвижноста.
Во една од сесиите тогаш ми рече: „My left side was dead. Fully dead, no sensation. And I think I finally left him in that moment, I left the life I could not imagine leaving…“
„Левата (left на англиски) страна ми беше мртва. Сосема мртва, без никакво чувство. И мислам дека токму во тој миг конечно го напуштив (left на англиски) него, и го напуштив животот за кој не можев ни да замислам дека некогаш ќе го оставам…“ На нејзиниот мајчин јазик истиот збор, left, значи и „лево“ и „оставив“.
Ова е фина илустрација за тоа како телото може да проговори преку конверзивен симптом — како компромисно решение во ситуација доживеанa како нерешлива.
* Заради доверливост на информациите и заштита на приватноста на пациентката, направени се клучни измени во приказната.
.jpg)
Слики: Xue Wang