1015 hPa
38 %
21 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 15:59

,,Голубот е, мали; за да ти го пуни окото.
Кој друго ти кажуе, да знаеш дека те л’же.“
Иле Смок
Постоеше едно време полно со сонце и син, небесен бескрај. Време во кое разлетуваа безбројни гулаби, вивнати како човечки желби по сводовите. На еден гулаб, на една таква птица-желба помислувам и несакано, секојпат кога ќе видам гулаби, разлетани по пролетниот свод и денес. Тој гулаб, меѓутоа, меѓу сите останати ми се враќа во мислите, разлетан по нив како тажаленка, како тивка тревожна песна, како далечно ехо, како топол развигор, како приказна од далечини. Како приказната за Иле Смок, стравот и трепетот на моето веќе непостојно маало, крупниот витез на мојата улица од детството, тој простор кој, сѐ повеќе, наликува на оној од Бајките, и во кој Иле добива контури на човек-змија: од фантаџиските пресметки во задскриените лединки на маалото кога е надвор, и на човек-птица: од стивнатиот, нежен збор, секогаш кога преку ниската ограда на неговото куќарче ќе го здогледав сам со своите летачи пред стариот, лимен гулабарник.
„Пази мали - ми велеше понекогаш кога во раните квечерини го гледав како ја растресува конзервата со пченица пред хранењето на своите чудесни птици - голубот се чува за да ти го пуни окото, за чист ќеиф, за да го глеаш кога лета. Кој ти каже дека чува голуби за нешто друго, да знаеш, гадно те л’же. Или не е голубар уопште”. Таа своја мисла Иле Смок ја корнеше од себе и, тешко избирајќи ги зборовите, ја кажуваше како врвна ука за онаа таинствена страст што сите ние „однадвор” ја сведувавме на обично гулабарството, несвесни, веројатно, колку скриени значења крие таа, инаку толку секојдневна врска меѓу човекот и птицата. Денес, кога се присетувам на Иле Смок, верувам дека токму неговите зборови ми ја подотворија вратата, макар на едно од тие скриени значења.
Приказната, пак, за Иле Смок нив, можеби, ги содржеше сите, во она неразврзливо клопче што еднаш секој ќе го појми, како птичја мистерија на човекот.
Иле Смок и во своите зрели четириесетти, како што е случај впрочем со луѓето од неговиот ков, остана сам, никогаш од ништо незадоволен, како човек што секогаш го совладуваше сомневањето дека ништо, особено не луѓето, ова маало, неговите улици и сиот овој град што го окружуваа не се доволно добри за да задоволат еден нејасен, незаситен копнеж кој во него се јавуваше. Тој, едноставно, копнееше по највозвишеното, и колку повеќе ќе го насетеше, кога мислеше дека му се доближуваше, на кој било начин, неговиот копнеж стануваше уште посилен. А живееше во самата кал на секојдневието. Заедно со таткото, едно испиено, веќе доста обезмоќено човече што осаменоста ја гаснеше ли, ја распалуваше ли, со лут препек, Иле Смок го споделуваше скудното секојдневие, и молкот, кој, како и гулабарникот покрај скромното куќарче на бивш занаетчија со веќе изумрен занает, го беше наследил и веќе наполно преземал од него. Онака како што, по раната смрт на мајката, куќарчето им западна во машки молк на таткото и синот гулабите им беа единствената врска, па и тема на нивните крајно проретчени муабети. Кога ќе се случеше, обично на маса, да скршат збор, тие сиот свет го сведуваа на своите гулаби, на тоа како е најдобро да се одгледуваат м’срките, како најдобро се обучуваат таклабасите-високо-летачи, кога е најарно да се разлетуваат гулабите-аери. Во тој нивен крајно сведен говор, меѓутоа, постоеше една чудна врска меѓу таткото и синот, развиена како способност да се сфати реченото, да се препознае тагата, да се појми штотуку појавената јанѕа. Стариот, навикнат на макотрпната работа во дуќанчето, беше колку свикнат на сопствениот, толку и на разбирањето на туѓиот молк, стиснувајќи ги, како на менгеме, во него грижите што животот му ги носеше во секој можен вид. Оваа особина што, како што веќе бидува, ја презема и Иле од татка си, ја зајакна дома и самиот, одбивајќи да ги исповеда своите сопствени маки, проблемите и недоумиците со кои фати да се соочува штом еднаш веќе излезе од дома, најпрво во маалото, а потоа и во најскриените улици на градот. Иле Смок, така, започна да одбива да ја пренесува дома врвулицата на „своите” улици, свесен дека на тој начин стариот ќе го поштеди од сето она што како татко ќе го ставеше на мисла, ќе го возбудеше и ќе го ранеше. Нивниот дом така стана еден своевиден гулабарник, барем според темата за која таткото и синот ќе помуабетеа, меѓу два замолка.
.jpg)
Дури во гулабарникот, Иле Смок се чувствуваше вистински свој. Таму дури и молкот му се чинеше поинаков, попријатен, потопол, смирувачки, птичји. Во тој мир, Иле со своите гулаби си го залажуваше копнежот, кој понекогаш му се чинеше отворен како голема, темна дупка, а со нивниот лет окото, што тогаш ќе му засјаеше, полно со блаженство и восхит од чувствувањето на некоја неземена убавина. Наспроти тој дел од неговиот живот, исполнет со само таа внатрешна светлина, постоеше и оној на маалското секојдневие во кое се влечкаше во најмрачните катчиња на ова и на другите маала, секогаш спремен да вкуси од туѓото, да вцица нешто од другите, да им ја помати среќата и да ја однесе со себе, како смокот туѓото млеко. Но, покрај своите птици, Смок стануваше дел од тој стивнат свет, вивнувајќи се бездруго во некое убаво време, во некој вистински живот, наспроти неговото секојдневие исполнето со итро ползење, шверц, тепачки и гола фантаџиска среќа заради која неуморно и прецизно фрлаше жолти петбанки, годејќи судено и професионално најблизу до цртата впишана на земја, којашто за луѓето од неговиот свет беше тенката линија, исцртана, како граничник, но и слика на нивната брза и упростена, сурогатна животна цел. Не и за Илета. Нему, таа му овозможуваше првенство, но и преживување во тој полусвет во кој беше длабоко заглибен и во кој мораше да шлапа одејќи по некоја нејасна врвица без негова вина, потоната во животната кал. Дури покрај своите гулаби, во ќумезот, како што го нарекуваше својот гулабарник, Иле Смок стануваше она што е, еден прикраен летач, една повторно очовечена птица, за којашто никој што го познаваше како маалски јунак, ниту можеше да сонува дека ја носи скриеиа, длабоко во себе.
Така и се случи, една од мамурливите среќи, на Иле да му донесе еден млад дунек, гулаб-караканат со којшто некој од безбројните негови познаници си го отплати комарџискиот долг. ,,Го сакаш јавричево? – го праша тој Илета еден ден наоѓајќи го покрај гулабарникот. Младиот гулаб чиишто крилја беа фатени со безопасна игла, крупен и сивоцрн, веднаш му го привлече вниманието, неочекувано го израдува, иако Иле не допушти тоа да го покаже. Одмолча малку, со студено лице, го позеде гулабот, го фати со двете дланки не давајќи сѐ уште на знаења ќе го прими ли, или ќе му го фрли в лице на својот подуплашен дожник, а потоа полека ги крена очите кон него. ,,Со голуб ли мислиш да ми плаќаш?” - му се обрати студено на својот комарџиски познаник, незабележливо, со палецот галејќи го дунекот што го чувствуваше, едар и силен, растреперен под своите крупни-прсти, а потоа му дофрли - ,,Овоа да ти е последен пут, јасно?” Потоа, како ништо да не се случило, како никого веќе да нема покрај него, им се сврте повторно на своите гулаби, оставајќи му ја единствената можност на дојденецот, да се повлече, исто онака тивко како што и се појави.
.jpg)
Уште таа квечерина сети дека новиот гулаб ќе го врзе за себе посилно одошто која и да е друга птица од неговиот, или од кој било друг гулабарник. Под прстите можеше да ја почувствува неговата сила што навестуваше моќен, возвишен летач кој очите ќе му ги полни со бескрајната убавина на летот, та и него ќе го крене повисоко од кој било негов гулаб, над овој ќумез, над ова калливо маало, над овој притушен град, високо на небото на кое постои само едно бескрајно и чисто синило. Така и се случи, кога го отвораше гулабарникот, погледот сам да му го пронајде младиот дунек чиишто крилја уште веднаш ги ослободи. Иле го привикнуваше на себе од ден во ден, со шепотот со кој му кажуваше илјади нечујни нешта, што птицата најпрво возбудена, ќе ја смиреше, врзувајќи ја полека но сигурно: за својот длабок глас, за своите крупни раце што ја држеа цврсто, а сепак леко, за прстите што онака големи, оцврснати од тепачките и огрубени од стотиците валкани работи со кои се занимаваше, со неочекувана нежност врвеа преку мекото перје на птицата, за топлиот здив со кој, доближувајќи и го клунот до усните, говорејќи и онака длабоко гласно и неразбирливо, ѝ вдахнуваше некој нов, свој живот. Птицата требаше да го понесе токму тој негов здив угоре, во висовите, неговиот живот да го ослободи од стегите на тежата, да го одлепи од калта на маалото за кое - како што понекојпат ќе речеше татко му - ,,ние сме со невидливи јужиња вржани” .
Еден ден, Иле Смок реши птицата да ја испроба, да ја провери нејзината врзаност за него, но понапред да ја пушти да се вивне и да види како стрели кон висините, претворајќи се во точка, за таму некаде, високо, да заграби од чистата небеснина во клунот и дробовите, и утробата, да ја впие во себе, за него, за да ја почувствува и со очите, исполнети со неизречливата убавина на летот, и со усните и грлото, кога гулабот ќе му се врати во рацете.
Ако му се врати! Ако успеал да го врзе за својот топол збор. Ако тој реши да му ги донесе синевините, нему, на Илета, човекот-влекач што мечтаеше по бескрајните птичји висови. Роејќи ги тие прашања низ главата, Иле Смок го пушти младиот дунек кој ги рашири темносивите крилја, брзо ги запрепелка, силно ги размавта и брзо, стреловито се крена, желен и самиот за досегање на висовите. Иле го гледаше како езди по широкиот простор, штитејќи ги очите од сонцето кон коешто, му се чинеше, птицата, онака млада и полна со сила и вдахната со неговиот копнеж, се беше намерила, набрзо станувајќи точка во сончевиот заслепувачки круг, што, потоа, го напушти, испишувајќи права линија по небеснината, стопувајќи се, конечно, со синилото. Ваков летач Иле немаше видено, ниту меѓу туѓите, ниту меѓу своите најдобри дунеци, како оваа млада караканатка, како гулабот што му се изгуби од видокругот, додека тој долго, со засјаените очи крстосуваше по небото, надевајќи се дека ќе го види гулабот како се појавува од ништо најпрво станувајќи точка, а потем, полека, од точка распрпелкана птица што стреловито вртејќи се, се спушта од висовите право кон неговиот rулабарник.
.jpg)
Дури и кога помина многу време, и кога неговата надеж дека повторно ќе го види младиот летач се истроши и речиси ја снема, во себе чувствуваше неискажлив восхит од прекрасниот лет на којшто му стана, веројатно единствениот, сведок, облеан со блаженство од сознанието дека, ете, неговата птица достигна до невидливите висови, носејќи го таму неговиот грижлив допир останат меѓу перјето од коешто високите ветрови го расипуваат како невидлив прашец ширум синевината, од неговиот топол збор што дунекот го однесе таму некаде, највисоко, од неговиот здив со кој, денови и недели, трпеливо го исполнуваше, и којшто караканатот сега го испушта за да се помеша со самото небо. Иле Смок беше растреперен како вистински гулаб зашто со дунекот и самиот се вивна во невиднината, зашто со него вкуси од највисоките висови, зашто и самиот се чувствуваше издигнат до небесниот бескрај. И тогаш, се виде себе си составен од здив, и допир, и лет, себе си претворен во раскошен летач, како вртоглаво стрели пак удолу, чувствувајќи со секоја своја клетка како летачот му се враќа, како птицата се устрелува, чиниш, годејќи право во него, како да сака во тој силовит пад да го погоди, и да го уништи сето она влекачко што со години се беше насобрало во него, и него самиот, Илета Смок, за да го претвори во летач, и ездач, и вртач, и остар, стреловит лет. Стоеше, така, опиен од ова чувство што му го обзема телото и гледаше како неговата птица се устрелува кон него, годејќи го во Смоковската глава, не можејќи да се помрдне, да отползи некаде за да ја спаси, верувајќи дека така мора да биде, дека така му било пишано и нему и на негови летач, еднаш засекогаш, конечно и наполно, да се збрца во него и да го поистовети гулабовото тело со неговото, а себеси со гулабовата страст што премина од нејзиниот стреловит лет и што, до блаженство и лудост, го опфати и него.
А тогаш, очекувајќи го тоа неземено поистоветување, со последниот поглед на смок, виде како птицата сепак ги раширува крилјата, како го прекинува својот устрел и силно прпелка со крилјата, прекинувајќи го занесат на безглавиот устрем, а нему враќајќи му го разумот, враќајќи го и него самиот кон неговата смоковска природа, што, му се чинеше, ете оваа птица ја измени, еднаш засекогаш, ослободувајќи го летачот, а потиснувајќи го сето влекачко во него.
Од тој ден младиот дунек го засака повеќе од сѐ на овој свет. Повеќе од стариот, којшто, испиен од ракијата и осаменоста со која неуморно се опиваше, му беше последната врска со овој свет, и самата исчезнувајќи, топејќи се како чиста снеговина, на негови очи; повеќе од себе си, Илета Смок, зашто себе си повеќе не можеше да се препознае, барем не онаков каков што дотогаш мамурно се согледуваше, сѐ повеќе претворајќи се во летач; повеќе од туѓиот страв кој му беше единствената потврда дека, тој, Иле Смок, сепак некако постои во тој полусвет во кој тромо и незабележливо се движеше, претворајќи се од човек во сенка, зашто постоеше сѐ повеќе како сенка од човек, како чиста желба; повеќе од својот полуживот што веќе беше изгубил секаква овоземна смисла.
.jpg)
Од тој ден, Иле, маалскиот Смок, имено, стана птица. Се будеше и легнуваше со помислата на новиот лет на својот караканат, што фати од ден на ден да го воодушевува сѐ повеќе, изведувајќи му невидени летачки чудесија, во нестварните подвизи од кои Иле започна да се храни, и за коишто сега единствено и живееше.
Една тивка, есенска ноќ, кога паѓаше и последното лисје од дуњата близу гулабарникот, умре татко му. Иле го најде в постела, заѕурен во таванот како, онака малечок и стивнат, со сѐ уште влажни усни и стаклест поглед, гледа некои свои птици, таму, некаде, угоре, зад изронетиот таван, зад подриената чатија и трошните ќерамиди, со раката истегната до чоканчето, паднато и подистечено крај ниската постела, во собата во која и истурениот препек мирисаше на стариот, сега веќе до крај поистоветен со летот на птиците што само тој, со својот стаклест поглед, можеше да ги види.
Од тој ден, Иле Смок уште повеќе се повлече во себе. Другарите со џепови полни пари го бараа за нови фантаџиски дуели, сакајќи да му се реваншираат за сите нивни изгубени игри, полни со нова страст што им го подиставаше стравот од него. А тој, сѐ поголем дел од денот врвеше во својот гулабарник, носејќи го, секогаш и својот гулаб со себе. Зимата, како за несреќа донесе грдо, често лапавичаво време. Иле седеше дома, нестрпливо очекувајќи да се поправи времето кое, како за инает, не му допушташе да го вивне својот летач во сивиот, спуштен свод. Така ја превали зимата, успевајќи птицата да ја лета, само за кратко, во некои од ретките, потсмирени денови, во кои не стегаше така силно студот, или не сипеше лапавичавиот снег. Иле гореше од нестрпливост да го пушти својот караканат да се разлета по небото, постојано гледајќи низ прозорецот, или во небото, кога својот летач ќе го поземаше в рака, не знаејќи дали да ја пушти птицата да полета, макар и под тоа стемнето, ниско небо. Не знаеше дали тоа студот и оловното небо навистина го беше притиснал градот и маалото или така нему му се чинеше, во копнежот што пак му се отвори во душата како јама, од желбата да го гледа својот гулаб, да му ги размрда крилјата, а себе си душата, стемнета и притисната и самата, како небото таа зима.
Еден ден почувствува дека не ќе издржи веќе ако не го пушти гулабот да се вивне, и конечно да го облее со онаа блажена топлина што ја чувствуваше секогаш кога стануваше сведок на летачките подвизи на својот дунек. Истрошен од зимското одложено очекување на денот на новиот гулабов лет, Иле беше решен да го пушти својот летач кој му се чинеше надрочен и малку отромавен од нелетање, да се раздвижи, и него да го исполни со убавината на својот раскошен лет, земајќи го во рацете и отворајќи ги дланките, за да го пушти шумно да се разлета по се уште сивото небо. Гулабот полета, но точно како што Иле Смок и очекуваше, споро и тромаво удирајќи со крилјата, се крена во воздухот. Не се претвори во точка, туку мафташе со нив, полн со зимски умор, кружејќи под ниското небо, и спуштајќи се на покривите на околните куќи, од кои, потоа, бескрајно долго го мамеше да му се врати во рацете, одново и сѐ понервозно пуштајќи го да го повтори летот од сеќавањето.
.jpg)
Со денови потоа, Иле Смок мислеше на причините за летачкото разочарување од неговиот гулаб, од неговата птица којашто веќе не умееше да се вивне како порано и со убавината на летот да му даде сила на Илета, да му помогне, сега кога нејзиното вивнување најмногу му беше потребно, заради сѐ попразното секојдневие, да се устреми што повисоко во бескрајот на неговиот копнеж. Но, од тој ден, неговиот летач започна да му донесува сѐ поголеми разочарувања. Летот, слободното, бескрајно вивнување и ездење по сѐ поотворениот ранопролетен свод. никако не се случуваше, како гулабот да беше заборавил на таа чудесна страст со којашто исполнет и самиот, некогаш го полнеше и Илета. Тогаш Иле Смок сфати дека на занесот му беше дојден крај. Не знаеше што да прави со себе сега кога човекот-змија неповратно беше претворен во човек-птица, наоѓајќи се себе си стиснат меѓу својата нова природа и неможноста да ја оствари на оној вистински, единствено можен, но сега веќе недофатлив начин, како што некогаш му ја овозможуваше таа чудесна птица.
Тогаш Иле се реши на последниот обид. Знаеше дека од него му зависи сѐ. Затоа, ја фати својата птица нежно, како што со денови не ја беше фатил, и тивко и искрено ја убедуваше да му го врати вистинскиот, страствен лет. Ги гледаше бистрите очи на својот летач и не можеше да прозре, допира ли воопшто до птицата неговиот очај, неговата болка, неговата искрена очајничка желба. Долго, бескрајно долго го галеше гулабот со неизбриченото лице, повторувајќи му ги своите тивки и длабокогласни, неразбирливи молби, а потоа, полека, како во некој необичен, споро изведуван, но крајно неизвесен ритуал, ги подаде рацете напред и конечно ги отвори дланките, понежно од кога и да е порано, очекувајќи го чудото на некогашниот гулабов лет. Птицата запрпелка брзо со крилјата, и во еден миг му се стори дека долготрајното убедување вроди со плод. Почувствува дека успеа во птицата да го разбуди сеќавањето на оние вистински, чисти, недофатни висови, на некогашните неизречливо блажени летови што, му се чинеше, го допираат бескрајот. Птицата се крена брзо и стреловито, а потоа, како да ја совлада старата тромост, направи неколку кругови ниско во воздухот, и слета, уморно, на гулабарникот.
Долго ја гледаше Иле Смок својата птица. Не како порано, со светнатите очи на копнежливиот и страствен летач, не како што се гледа гласникот на една осаменост пред вивнувањето во бескрајните небеснини, туку со поглед полн празнина и студенило, со очи на влекач, на змија пред својата цел, на смок пред својата жртва. Полекака ѝ се доближи и ги испружи двете раце. Ја почувствува со нив птицата која му се предаде со доверба, како и секогаш, но ја сети потрома и побезстрасна, за него мртва како летач. Ѝ ги погали, како илјадапати дотогаш, главата и вратот со палецот, а потоа секавично и бесчувствително ѝ го скина вратот, чувствувајќи го пукањето на пршлените во прстите, и брзо фрлајќи го мртвото тело на влезот од отворениот гулабарник ...
.jpg)
Иле Смок, потоа, навистина го снема. Не како порано кога го снема од улицата, постоејќи само во гулабарникот, ами сосема, го снема со телото и духот, наполно, од маалската средина. Сѐ до земјотресот остана куќарката на неговиот татко, а гулабарникот исчезна речиси преку ноќ, веројатно по брзата продажба на некој од тогаш безбројните гулабари. Во маалото што Илета брзо го заборави, кога, некојпат за него ќе се поведеше разговор, ќе се спомнеше и тоа дека Смок заминал некаде и од градот и земјата, и дека оставил порака оти во него никогаш повеќе нема да се врати.
Во тоа, сите што го познаваа, беа сосем убедени. Насетуваа, иако не знаеја, што всушност со него се случи. Единственото што го знаеја беше дека на Иле му нема враќање, зашто во него бесповратно заживеа една талкачка птица, еден високолетач, страствен колку и суров, што никогаш повеќе не ќе допушти да заползи, како порано, по скриените катчиња на маалото, туку дека ќе се поведе по инстинктот на гулабот што беше притаен длабоко во него, и дека конечно ќе одлета, некаде далеку, во белосветските висови. Како некогаш неговиот прекрасен дунек, како раскошниот караканат, впсоколетачот што далеку под себе го оставаше тивкиот, монотон, осаменички град. Ослободувањето на заробената птица што се прпелкаше во градите на Иле Смок, не тој, го уби дунекот на неговиот надворешен летачки свет. Откако окото на Иле Смок престана да се полни со убавината на гулабовиот лет, самиот Иле се претвори во птица. И одлета, конечно и бесповратно, како што отсекогаш и присакуваше, човекот-змија што конечно стана човек-гулаб. Телото, пак, на неговиот гулаб остана како краткотрајна трага на таа метаморфоза, како последен белег, како отфрлена кошулка на смокот што замина, што одлета за да не ползи веќе, и за да се вивне во еден притаен, а конечно ослободен, птичји сон. Зад него останаа и неговите зборови, повистинити одошто кога самиот како врвна ука ги корнеше од себе, таа најубава посвета на сите чувари на притаените птици, дека, имено, ,,голубот се чува за да ти го пуни окото”. Кога тоа престанува, тогаш, како што му се случи на Илета Смок, на човека не му преостанува ништо друго освен да ја ослободи таа птица во себе и да одлета, за да се исполни себе си со бескрајот. Како гулабот, кој имено и постои само заради вивнувањето, ездењето, само заради летот.
.jpg)
Фотографии: Gabriel Isak
Извор за расказот: Томислав Османли - Пеперутката на детството, 1993