Европа на раскрсница

12.03.2026 01:55
Европа на раскрсница

Двете постоечки глобални суперсили не се инспиративен модел за луѓето кои се грижат за демократијата, човековите права и социјалната правда. И покрај економските успеси, Кина останува авторитарен режим кој не толерира поинакво мислење. Во новиот мандат на претседателот Доналд Трамп, САД се откажаа дури и од привидот на решавање на проблемот со огромната имотна и приходна нееднаквост, како и од идејата за владеење на правото во земјата, и се претворија во проблематичен и крајно недоверлив партнер за своите поранешни сојузници во странство.

Многумина би посакале иднина подобра од она што го нудат американскиот и кинескиот модел. Ако сакаме стабилен мултиполарен свет во кој има простор за демократските аспирации, водството ќе мора да го преземе Европа.

Но Европа страда од бројни слабости. Нејзината економска машинерија забавува, а демократијата трпи удари од радикално десничарски групи. Сепак, политичкиот живот во Европа функционира подобро отколку во САД под Доналд Трамп, а европскиот континент има неколку адути, вклучувајќи го социјалниот пазарен модел кој обезбедува поголема еднаквост и посилна средна класа отколку во САД, како и значајна економска база – споредлива со онаа во САД според паритет на куповната моќ – која вклучува многу иновативни индустрии.

Проблемот не е само во тоа што на Европа ѝ недостасува визија за тоа што би сакала да биде, туку и во тоа што инспирацијата често ја бара на погрешни места. За многу европски лидери, иновативниот американски модел на Силиконската долина е светиот грал на глобалната економија. Често зборуваат за „иновацискиот јаз“ помеѓу САД и Европската унија, како што е документирано во влијателниот извештај на Марио Драги, и се залагаат за реформи, како што се интеграцијата на финансиските пазари и дигиталната дерегулација, што би ја направиле Европа послична на САД.

Нема причина Европа да ѝ завидува на Америка. Тоа би значело занемарување на европската традиција на инклузија и регулација кои создадоа поправедни општества со поширок пристап до добри работни места за средната класа и посигурни мрежи на социјална заштита. Исто така се заборава дека иновативноста во Америка всушност не придонесува за продуктивноста ниту за општиот животен стандард.

Точно е дека според речиси секој економски параметар САД трошат повеќе за истражување и развој и произведуваат повеќе иновации. Но тоа не носи раст на продуктивноста во целата економија ниту раст на животниот стандард за нејзините граѓани, освен ако придобивките не се многу широко распределени. Всушност, растот на продуктивноста во САД беше слаб по 2000 година, со исклучок на последниот скок. Технолошкиот сектор е изолиран остров во економија во кој на многу вработени им се потребни по две работни места за да преживеат.

Како што покажаа Уфук Акчигит од Универзитетот во Чикаго и Сина Атес од Одборот за федерални резерви, дифузијата на иновациите во САД забавува. Мал број големи компании ја монополизираа продукцијата на знаење. Мноштво помали компании заостануваат поради високите влезни бариери и рестриктивното патентно право. Резултирачката висока концентрација на иновативност значи дека американскиот економски систем создава многу искривена распределба на доходот и имотот, која ниту една земја не би требало да ја прифати како модел. Доналд Трамп и дојде на власт јавајќи на бранот незадоволство што произлезе од тоа.

Во доменот на производството, зависта на Европејците е насочена кон Кина. Кинеските производствени капацитети ја истиснаа Европа од областите во кои традиционално доминираше, како што се автомобилите и капиталните добра. Многу европски индустриски лидери веруваат дека за обновување на конкурентноста треба да се подигнат протекционистички бариери за кинеската стока.

Но не постои начин Европа да се врати во деновите на својата најголема слава како индустриска велесила. Работните места нема да се вратат во фабриките: дури и Кина изминатава деценија изгуби милиони работни места во производствените погони. Обезбедувањето добри работни места во Европа подразбира фокусирање на услугите и зголемување на продуктивноста и работните стандарди во услужните дејности, од личната нега до угостителството.

Кинескиот предизвик бара стратешки одговор, а не протекционистички мерки. Соодветен лек би биле тесно насочени индустриски политики кои, за разлика од увозните тарифи, директно ги поттикнуваат иновациите и се насочени кон оние сегменти на напредното производство во кои Европа може да биде технолошки лидер. На пример, во автомобилската индустрија Германија би требало да се сврти кон следната генерација електрични возила, бидејќи Кина веќе го освои масовниот пазар на овие возила.

Проблемот е и во тоа што Европската унија институционално не е соодветно опремена за да развива смели нови визии какви што бараат сегашните околности. Нејзините основачи веруваа дека економската унија со текот на времето ќе донесе политичка унија. Но тоа не се случи. Во доменот на економските политики Европската унија повеќе се доживува како ограничувачки фактор отколку како генератор на нови идеи: таа е недоволно интегрирана за нејзините централни институции да преземаат смели потези. Од друга страна, нивото на интеграција е доволно за лидерите на земјите членки да се чувствуваат како да не можат (или не смеат) да експериментираат.

Логиката на основањето на Европската унија мора да доживее пресврт. Геополитичките предизвици бараат Европа едногласно да настапува по прашањата на одбраната и националната безбедност, додека економското опкружување наложува олабавување на оковите на ЕУ за да се поттикнат иновациите. Европа треба да се фокусира на заедничка надворешна и одбранбена политика, а истовремено да ги стимулира земјите членки во економијата да го бараат сопствениот пат, самостојно или слободно групирани. Тоа нема да направи штета, а може да донесе многу корист.

На пример, трговските договори што ги склучи Европската унија со Индија и јужноамериканскиот блок Меркосур се пример за успешни иницијативи, во остар контраст со не така дамнешните тешкотии на Европската унија во надминувањето на застарените преокупации и аранжмани. Продлабочувањето на соработката на ЕУ со другите делови на светот е апсолутна нужност и предуслов за мултиполарност. Но подобро е тоа да се спроведува преку политички договори. Трговските договори трошат политички капитал во земјата и го одвлекуваат вниманието од поважните приоритети на економската политика, како што се зајакнувањето на средната класа преку отворање добри работни места, зголемувањето на продуктивноста во секторот услуги – услуги со кои и онака главно не се тргува – и поттикнувањето на развојот на иновативен екосистем соодветен на европскиот социјален модел.

Ако Европа сака да се докаже на глобалната сцена, како што и треба, најпрвин мора да ја поврати самодовербата. На светот му е потребна алтернатива на американскиот и кинескиот модел. Затоа европските лидери мора да соберат храброст за да го одредат сопствениот курс.

Карикатури: Maarten Wolterink

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото