Почина актерот Кирил Поп Христов - Кили

12.03.2026 14:59
Почина актерот Кирил Поп Христов - Кили

Вчера во Еквадор почина актерот Кирил Поп Христов-Кили. Имаше 58 години.

Поп-Христов се пресели во Еквадор во 2014 година. Иако често доаѓаше во Скопје, последната година и пол ја поминал во Еквадор.

Веста за смртта на актерот, на неговите браќа во Скопје им ја соопштила сопругата на Кили, кореографката Гордана Деан Поп-Христова.

Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 во Скопје. Дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на професорот Љубиша Георгиевски, во 1989 година. Од 1993 до 2014 работеше во Македонскиот народен театар, па се врати во 2018.

Глумеше во филмовите „Панкот не е мртов“, „Бал-кан-кан“, „Тетовирање“ и во претставите „Ослободување на Скопје“, „Ревизор“, „Народен пратеник“ и други. 

Кирил Поп Христов - Кили ќе биде погребан во Еквадор, каде живееше околу 12 години, информираше неговото семејство. „Кили ќе биде погребан во Еквадор. Ќе почива во Мангларалто, покрај океанот“, објави на социјалните мрежи неговата сопруга Гордана Деан Поп Христова, кореографка и професорка по современ танц, како и основач на балетското студио „Ребис“. Според неа, Кили починал мирно, во сон, од инфаркт. Гордана и Кили заедно со нивната ќерка Јоана се преселиле во Еквадор во 2014 година. Таму живееле и работеле изминатите години.

Слични содржини

Општество / Живот / Култура
Живот / Култура
Општество / Култура / Настан
Општество / Психологија / Живот / Култура
Општество / Активизам / Култура

ОкоБоли главаВицФото