Цицо со Блаже и Славко во бифето на стариот МНТ

13.03.2026 17:34
Цицо со Блаже и Славко во бифето на стариот МНТ

 

Со љубов, за Кили (1967-2026) 

Анегдоти од кај „Јоле“ (22)

Еднаш во бифето на стариот (предземјотресен) „Македонски народен театар“ случајно, а тоа било мошне ретко, на почетокот на шеесеттите, се сретнале Блаже и Славко. Имено, Славко дошол од сценографот Василие Цицо Поповиќ да бара реквизити за некој краток филм што самиот го снимал, а Блаже дошол да го потсреди малку (а не можело да се среди) Шоповиот превод на „Хамлет“.

Славниот скопски боем Цицо (театарски и филмски сценограф, карикатурист, илустратор, акварелист, анегдотичар...) штотуку бил излезен од болница, видно потпропаднат, но многу се израдувал што имал можност да седи на иста маса со првите пера на македонската книжевност. Башка што Славко такуѓере бил уметник, илустратор, филмаџија...

‒ Можеш, Цицо, да ми го дадеш мебелот од салонот на црногорскиот крал Никола што го купи за МНТ од една загрепска антикварница во 1945?

‒ Се разбира, Славко. Ќе најдам и камион ‒ рекол услужливиот Цицо.

- „Босански намештај?“ - прашал Блаже.

- Каков бе црн „босански намештај“! Оригинал, кралски! - се навредил Славко.

‒ Тоа е мебелот што со Коле Чашуле и Томо Владимирски го домкнавте од Загреб за нашиот нов театар? ‒ му се обратил Блаже на Цицо, игнорирајќи го Славко.

‒ Така е. Со нас беше и Гога, благајникот на МНТ, со куферче пари ‒ се насмеал Цицо.

‒ Цицо, ти си за орден! рекол Славко. ‒ Буљук непроверени уметничиња деновиве бесплатно добиваат атељеа и станови, а ти, со жена и детенце, живееш во малиот и разнебитен стан во населбата Пролет.

‒ Се придружувам во барањето и стан и орден за тебе, драг Цицо ‒ рекол Блаже. Еве го моето образложение: ти си префинет, топло лиричен и со богато чувство на хумор. Да не збориме колку си важен како хроничар на Скопје! И колку си важен како благороден но прецизен и остар карикатурист, за сите овдешни здивеани политички и уметнички суети!

‒ Плус! Благ си, добронамерен, со прав ’рбет, жесток неконформист, без молба во зборовите и гласот, потсмевлив кон лагите, полтронството, снобизмот, глупоста... ‒ рекол Славко.

‒ Фала ви, драги колеги, но се чини дека деновите ми се одбројани. Моето тело е удобен хотел за сите болештини ‒ рекол бледиот и ослабениот скопски Црногорец.

Славко се сетил на грчовите на неговото лице кога наеднаш ќе се свиткал во кафеана. Желудник, срце, бубрези. Очите тогаш му биле натопени со треска, на челото му бабрела жила. Кафе и цигари, после сода бикарбона и цигари, густо, рафалски, едноподруго.

‒ Што си ти, Цицо: хроничар‒засмејувач или хроничар‒исмејувач? ‒ прашал Славко, колку да го живне разговорот.

‒ Сум ти рекол веќе, пријателе. Ни едното ни другото. Јас само го барам скриеното во човекот.

‒ И го наоѓаш, Цицо ‒ рекол Блаже. ‒ И немој, те молам, да се предаваш. Сите ние имаме некаква иднина, и како поединци и како уметници и како заедница...

‒ Јас сум само едно денес ‒ рекол Цицо. ‒ Не се замислувам на трпезата на иднината, дури ни како салвета.

Цртежи: Василие Поповиќ - Цицо

Цитати: Славко Јаневски ‒ Современост, 1965, бр. 9

ОкоБоли главаВицФото