За Јирген Хабермас, филозофот на разбирањето, на денот кога замолче

15.03.2026 02:59
За Јирген Хабермас , филозофот на разбирањето, на денот кога замолче

Јирген Хабермас почина денес на 96-годишна возраст. Веќе почнаа да се појавуваат текстови кои целиот животен век на еден од најзначајните мислители на XX век го сведуваат на една изјава, еден потпис, еден „морален колапс". Разбирливо е — изјавата за Газа навистина повреди многумина, и тоа со право. Но заслужуваме поцелосна слика од онаа што ја нудат брзите пресуди.

Најлесно е да се конструира наратив на „од критика кон комплицитет" — права линија од млад филозоф до стар идеолог. Но оваа праволиниска приказна не одговара на фактите. Човекот кој во 1980-тите го водеше Historikerstreit — против конзервативните историчари кои сакаа да ги релативизираат нацистичките злосторства — не е човек кој едноставно „го бранеше статус квото". Тоа беше директно оспорување на доминантниот политички наратив во Германија, во име на морална одговорност. Човекот кој го критикуваше технократскиот пристап на Меркел, кој инсистираше на социјалдемократска визија за Европа наспроти неолибералната, кој до крајот бараше демократска легитимност наместо бирократска ефикасност — тој човек тешко се вклопува во сликата на „интелектуален столб на империјалниот поредок".

Нешто важно се губи кога мислителот се суди по мерка на политичката чистота наместо по продуктивноста на неговите концепти. Хабермас никогаш не тврдел дека е револуционер — и тоа не е скриена слабост, туку свесна теоретска одлука. Тој сметаше дека тоталната критика на рационалноста, онаа на Адорно и Хоркхајмер, води во слепа улица: ако рационалноста е целосно колонизирана од инструменталната логика, тогаш нема позиција од која воопшто може да се критикува. Комуникативната рационалност беше обид да се најде еманципаторски потенцијал внатре во модерните институции, не надвор од нив. Може да се оспорува дали тој обид е успешен. Но да се третира како предавство значи да му се суди на мислителот за нешто што никогаш не ветил.

Приговорот за европоцентризам е заснован. Хабермасовиот концепт на јавна сфера е вкоренет во европското буржоаско искуство, а колонијализмот навистина остана на маргините на неговиот филозофски хоризонт. Но постои обемна литература — Реј Моро, Едуардо Мендиета, Канчана Махадеван, Том Бејли — која покажува дека Хабермасовата рамка е поправлива, дека комуникативната рационалност може да се „депровинцијализира" токму затоа што нејзиното јадро — рационален дијалог без принуда — не е етнички специфично. „Теоријата е секогаш за некого", да. Но од тука не следи автоматски дека е само за него.

А изјавата за Газа? Да, таа е проблематична. Палестинската перспектива е структурно отсутна. Постои реална тензија помеѓу дискурзивната етика која бара согласност на сите засегнати и изјава која прогласува одредени позиции за недискутабилни. Тоа треба да се каже јасно. Но грешката на еден мислител — дури и сериозна — не ја поништува целата негова мисла. Маркс имаше антисемитски ставови. Фуко ја поддржа Иранската револуција. Хајдегер беше нацист. Ако мерката е безгрешност, нема филозоф кој ќе преживее. Поважното прашање е: дали концептите продолжуваат да бидат продуктивни — дали отвораат прашања, дали овозможуваат критика, дури и критика на самиот нивни автор? А Хабермасовите концепти токму тоа го прават: иманентната критика на неговата изјава за Газа е возможна затоа што неговата теорија ги обезбедува алатките за таа критика.

И последно, за тонот на денешните реакции. Може слободно да се критикува сè што Хабермас напишал и сè што направил. Но постои разлика помеѓу критика и пресметка. Хабермас, со сите свои недостатоци, цел живот инсистираше на нешто што е лесно да се каже и тешко да се практикува: дека начинот на кој зборуваме е исто толку важен колку и содржината. Ако одговориме на неговата смрт со целосно поништување, ризикуваме да го направиме токму она од кое тој — барем во своите најдобри моменти — се обидуваше да нè заштити.

Хабермас замолче денес. Неговите концепти не замолчеа. И ако сакаме да бидеме сериозни во критиката — а не само брзи — тогаш заслужува нешто подобро од гнев маскиран како некролог.

Институт за родови студии

ОкоБоли главаВицФото