1018 hPa
46 %
19 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 12:59

По повод Меѓународниот ден на жената, 8-ми март, феминистичките движења и движењата за родова правда се мобилизираат ширум светот во поддршка на еднаквоста, достоинството и демократијата. Овогодинешните мобилизации повторно се случуваат во политичка клима означена со засилен анти-родов отпор. Наместо да ги гледаат овие појави како изолирани реакции на специфични политики, активистите и научниците почнаа да ги разбираат анти-родовите движења како дел од интегриран транснационален политички проект кој споделува дискурзивни стратегии, тактики и извори на финансирање, со цел да ги поништи не само феминистичките достигнувања, туку и пошироките агенди за социјална правда и демократија. Што научи феминизмот во овој контекст? Феминизмот на овој отпор одговори така што еволуираше во поинтерсекционална, транснационална, партиципативна, стратешка и масовна мобилизирачка сила. Сепак, едно фундаментално прашање останува нерешено: дали во овој предизвикувачки историски момент, сегашниот бран на феминистички мобилизации може да истрае и да ја задржи на маса можноста за праведна и демократска инклузивна иднина?
Појавата на транснационално анти-родово движење
Изминатава деценија родовата еднаквост стана централно бојно поле во националната и меѓународната политика. Иако противењето на родовата еднаквост не е ново, научниците сè почесто го користат терминот „анти-родов отпор“ за да го опишат најновиот бран спротивставување на политиките за родова еднаквост како намерен и организиран обид за уназадување на заложбите за зајакнување на жените, политиките за родова еднаквост и правата на ЛГБТК+ заедницата. Доказите го потврдуваат тоа: во 2024 година, 1 од 4 земји пријавиле отпор против правата на жените; на глобално ниво, жените имаат само 64 проценти од правата што ги имаат мажите, а 70 проценти од земјите сè уште одржуваат дискриминаторски правни рамки. Правата на абортус беа уназадени во Полска (2021) и САД (2022). Гана, Кенија и Уганда во 2023 година воведоа закони со кои се продлабочува криминализацијата со која ЛГБТК+ лицата во овие земји веќе се соочуваа. Со ова темпо, заклучуваат меѓународните организации, постигнувањето на родовата еднаквост би можело да трае со векови.
Додека кратењата во меѓународните развојни буџети драматично влијаеја на програмите за родова еднаквост и животот на жените, девојчињата и ЛГБТК+ лицата во земјите во развој, финансирањето на групите против човековите права експоненцијално порасна (помеѓу 2009-2018 година, анти-родовото финансирање во Европа се зголеми за четири пати; на глобално ниво, тоа е трипати поголемо од финансирањето на родовата еднаквост и ЛГБТК+). Повикувајќи се на заеднички стратегии за интегрирање на пораките и потпирајќи се на моќта на транснационалните мрежи, движењата против родовата еднаквост последниве години се стекнаа со невидена видливост и моќ.
.png)
Од раните анти-родови мобилизации во 2012-13 година (Manif pour Tous), кои беа фокусирани на репродуктивните права (абортус, репродуктивни технологии) во Франција, Шпанија, Италија и Полска, па сè до кампањите и референдумите против законодавството за брачна еднаквост во Хрватска, Романија и Словенија или протестите против сексуалното и родовото образование во училиштата, движењето еволуираше во потранснационален, популистички и институционален проект. Од крајот на 2010-тите, анти-родовата политика се интегрираше во изборните кампањи и владините агенди во Бразил, САД, Унгарија, Русија и Турција, истовремено стекнувајќи видливо застапничко присуство во рамки на Европската Унија и Обединетите нации. Оваа промена ја одразува и експанзијата кон поширока идеолошка агенда – оспорување на човековите права, имиграцијата, мултикултурализмот, демократските и глобалните институции – како и нејзината консолидација во рамки на популистичките и националистичките политики.
Дискурзивната основа на овие движења се состои во поимот „родова идеологија“, една сеопфатна и флексибилна матрица способна да ги обедини старите и новите конзервативци со религиозните групи, десничарските популисти и активистите на маносферата во една „опортунистичка синергија“ околу новото стратешко интегрирање. Нивните стратегии се разликуваат од претходните анти-родови актери по нивното присвојување на дискурсот за човекови права за да го оправдаат кршењето на правата на другите и по капацитетот да создадат поширок сет еквиваленции. Нивните стратегии се исто така трансверзални. Ако претходните движења ги изнесуваа своите тврдења преку морален или религиозен јазик, тековната дискурзивна рамка на актерите им дава способност да прават макро-дијагнози на пошироките општествени зла. Од губењето на поредокот и „природните хиерархии“ до заканата по националниот идентитет, па дури и суверенитетот, „целта не е само абортусот, туку целата инфраструктура на политики за родова еднаквост, сексуални права и прогресивни епистемологии“. Во јазикот на анти-родовите претприемачи како Виктор Орбан, родовиот дискурс е претставен како „прогресивен вирус“ кој претставува цивилизациска закана за сите нас. Покрај родот, оваа безбедносна логика го оправдува таргетирањето поширок сет политики за еднаквост во Унгарија. Користејќи ја испробаната глобална тактика на создавање морална паника околу специфични локални прашања – образованието на децата во САД или Мексико, имиграцијата во Европа или ниските стапки на фертилитет во Источна Азија – анти-родовите актери го претставуваат враќањето кон „традиционалното семејство“ како единствено решение за итни морални, социјални и демографски кризи.
.jpg)
Феминистичките движења во срцето на борбата за демократија и социјална правда
Тековниот анти-родов револт не може да се разбере надвор од поширокиот контекст на демократскиот пад и стеснувањето на граѓанскиот простор кои, во комбинација со растечката авторитарна политика, демонтирањето на мултилатералниот поредок и реструктуирањето на глобалното развојно финансирање, работат заедно за да ги засилат меѓусебните ефекти и да создадат плодна почва за појава на „ретрогресивни“ политички движења и визии.
Како што истакнаа неодамнешните анализи на ретрогресивните движења, сексуалноста, родот и пограничните политики се длабоко испреплетени во современата десничарска политика. Од една страна, мигрантите со расна заднина или муслиманско потекло често се прикажуваат како „назадни, илиберални и патријархални“ – стратегија што се користи за да се оправдаат рестриктивните имиграциски политики во име на наводно спречување на сексуалното насилство и заштита на ЛГБТК+ заедниците од нетолеранција, како што илустрираа неодамнешните дебати за имиграцијата и интеграцијата во Германија, Холандија или Данска. Од друга страна, интегрирајќи ги сексуалноста и репродукцијата како прашања за национален опстанок, ваквата политика ја засилува контролата врз женските тела и ограничувањата на ЛГБТК+ правата, како во случајот со Русија или Унгарија. Под оваа форма на „сексуален национализам“, инструментализацијата на родот за спроведување расни погранични режими оди рака под рака со повлекувањето на политиките за родова еднаквост, репродуктивните и ЛГБТК+ правата во име на заштита на националните култури и традиционалното семејство.
Анти-родовите движења и актери на тој начин не се спротивставуваат само на правата на жените и ЛГБТК+ лицата, туку и на правата на мигрантите, расната правда и демократскиот плурализам. Родовата еднаквост станува клучно бојно поле за поширока идеолошка и дискурзивна конфонтрација помеѓу една политичка агенда која се темели на одбрана на хиерархијата и исклучувањето (во име на неоконзервативниот социјален поредок што доаѓа) и друга агенда посветена на борбата за поредок кој сега е под опсада, а кој се заснова на еднаквост, демократска инклузија, расна и родова правда. Феминистичките движења на тој начин станаа критична фронтовска линија во конфронтацијата помеѓу два спротивставени модели на општествена организација: едниот екстрактивистички, патријархален, неоколонијален и авторитарен, кој ги вреднува привилегиите, профитот и доминацијата; и другиот анти-екстрактивистички, про-еднаквост, антиколонијален, антирасистички, продемократски и еколошки, кој во своето јадро ги поставува еднаквоста, солидарноста и достоинството на човечкиот и нечовечкиот живот.
.jpg)
Што научија движењата за феминистичка и родова правда од овој отпор?
Интерсекционалноста е клучна: Како што видовме со инструментализацијата на родовата еднаквост за ограничување на имиграцијата, сексуалноста и родот не се само културни прашања, туку станаа технологии на управување кои се користат за дефинирање на националната припадност и оправдување на рестриктивните имиграциски политики. Ова покажува дека без интерсекционален пристап, феминистичките и ЛГБТК+ дискурсите ризикуваат да бидат кооптирани од националистички, антимигрантски и исклучувачки политички проекти. На овој предизвик феминистичките движења одговорија со зајакнување на интерсекционалните сојузи, поврзувајќи ја родовата правда со правата на мигрантите, антирасистичкиот активизам и борбите за климатска правда. Феминизмот денес е исто така транснационален, поврзувајќи ги активистите, научниците и невладините организации преку границите, олеснувајќи ја размената на знаења, стратегии, застапување и правни алатки преку меѓународни конференции, дигитални платформи и глобални мобилизации.
Преформулирање на наративите околу пошироките борби за демократија и социјална правда: Централна стратегија за феминистичките движења денес е преформулирањето на родовата еднаквост како дел од пошироките борби за демократија и социјална правда, наместо потесен пристап кон репродуктивните права или правата на жените. Со оглед на напорите на анти-родовите актери да ја конструираат родовата еднаквост како закана за националниот идентитет, од клучна важност е поставувањето на родовата правда и еднаквост во срцето на современите борби за демократија и социјална правда.
Тоа го видовме во Полска за време на протестите против ограничувањата на абортусот, кога „Полскиот женски штрајк“ (Ogólnopolski Strajk Kobiet) искористи леви популистички стратегии за да изгради масовно движење и да ги интегрира барањата како борба за демократски слободи, независност на судството и отфрлање на етнонационалистичките дефиниции за „народот“. Тоа им овозможи да изградат широки коалиции со синдикатите, студентските организации, движењата за солидарност со бегалците и продемократските организации. Слично на тоа, движењето Ni Una Menos во Аргентина и низ Латинска Америка успеа повторно да го политизира феминизмот преку претставување на родовото насилство како структурно прашање, вградувајќи го фемицидот во анализата на поширокиот систем на нееднаквост, илустриран преку прекарната работа, феминизацијата на долгот и неолибералното реструктуирање на државата.
.jpg)
Конфронтацијата не е одговор секогаш: Балансирањето помеѓу стратешкото неангажирање (со цел да се избегне легитимирање на анти-родовите актери и нивните агенди) и неопходноста да се коригираат дезинформациите, да се проверуваат фактите и повторно да се присвојат наративите, не е лесна задача. Покрај неколкуте значајни дигитални контра-мобилизации, феминизмот повторно ја откри моќта на градењето заедници „офлајн“ (во реалниот свет) и образованието базирано на заедницата. Примери доаѓаат од Шпанија, каде феминистичките организации соработуваат со локалните власти за превенција на родово засновано насилство во училиштата; од програмите за правна писменост во маргинализираните заедници во Индија; или од партиципативното образование за решавање на родовата нееднаквост преку учење од врсници и работилници во заедницата во Малави.
Мобилизирачката моќ на афектите: Како и движењата против штедењето пред нив, феминистичките движења денес експериментираат со емоции кои ја зајакнуваат и овозможуваат колективната акција. Како што гласи повикот за овогодинешната мобилизација на 8 март во Мадрид: наспроти демобилизирачката политика на страв која стои во основата на денешното колонијално, геноцидно, расно и родово насилство, антирасистичкиот, антифашистичкиот, антимилитаристичкиот и интерсекционален феминизам ги мобилизира гневот, но и надежта, со цел продуктивно да се спротивстави. Преку претворање на исцрпеноста и ранливоста на телата во колективно одбивање на самоисцрпувањето, борбата на интерсекционалниот феминизам за политика на достоинствен живот повторно ја отвора можноста за поинклузивни и подемократски иднини.
.jpg)
Слики: Banksy street art
Извор: https://www.crisesobservatory.org/