1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Во психијатриска болница во близина на Берн еден човек со молив и хартија создава цел универзум. Страница по страница, Адолф Волфли гради импресивно царство од симболи, музика, митови и мапи — свет толку сложен што изгледа како паралелен космос. Децении подоцна историчарите ќе сфатат дека во таа изолација се родило едно од најфасцинантните дела во историјата на маргиналната уметност. Затворен во психијатриска институција, Волфли создал повеќе од 25.000 страници цртежи, текстови и музика. Без академско образование и без публика, тој изградил еден од најголемите лични универзуми во историјата на уметноста. Згора на тоа, Волфли е еден од најкомплексните визионерски уметници на 20 век, оти ги најавува графичките романи, визуелните дневници и концептуалните архиви — форми кои стануваат многу популарни во уметноста после 1960-тите.
Adolf Wölfli (1864–1930) е швајцарски уметник кој најголем дел од животот го поминал во психијатриска установа. Бил најмладото од седум деца. Неговиот татко, каменорезaч, бил алкохоличар и го напуштил семејството околу 1870 година. Кога мајката на Адолф се разболела во 1872 година и веќе не можела да го издржува семејството со парите што ги заработувала како перачка, властите ги преселиле неа и Адолф во Шангнау. Иако делумно биле издржувани од заедницата, мајката и синот биле испраќани да работат на разни фарми. Мајката починала следната година, а деветгодишното момче било испратено во неколку згрижувачки семејства, каде што често бил злоставуван, а понекогаш и физички злоупотребуван. И покрај тоа што имал осамено и тешко детство, Волфли го завршил средното образование околу 1879 година. Од 1881 до 1882 година, работел за богат земјоделец во Зацивил и се заљубил во девојка чиј татко му забранил да ја гледа. Очаен, Волфли се преселил во Берн. Работел разни работи, претежно земјоделски, а во 1883-84 година служел војска во Луцерн. Пролетта 1890 година се обидел сексуално да нападне 14-годишно девојче, но бил спречен од минувачи. Во август истата година неуспешно се обидел да нападне петгодишно девојче, бил уапсен и поминал две години во затвор. По излегувањето од затвор пак работел разни работи, меѓу другото и гробар. Со текот на времето станувал сè поизолиран и агресивен. Во мај 1895 година повторно се обидел да нападне девојче. Тогаш бил примен во менталната болница Валдау во Берн, каде што му била дијагностицирана шизофренија. Останал пациент во Валдау до крајот на животот.
.jpg)
Во текот на првите неколку години во институцијата покажувал параноја, халуцинации и насилно однесување и често бил праќан во самица. По четири години поминати во клиниката Волфли почнал да црта. Таа активност го смирувала. Неговите први зачувани цртежи датираат од 1904 година. Соочувајќи се со застрашувачки халуцинации тој често бил изолиран во текот на првата деценија од хоспитализацијата. Од 1910 година почнал систематски и сеопфатно да се занимава со пишување и цртање. Творел во самотијата на својата болничка соба, која богато ја украсувал со своите дела.
Неговиот лекар, психијатарот Валтер Моргенталер (Walter Morgenthaler) во болницата Валдау дошол 1907. Таму започнал да се интересира за креативните дела на психијатриските пациенти и создал музејска колекција од нивните цртежи и текстови. Бил фасциниран од работата на Волфли и во 1921 година ја објавил книгата Ein Geisteskranker als Künstler („Ментално заболен човек како уметник“). Оваа книга помогнала Волфли да стане еден од првите признати маргинални уметници. Во книгата тој пишува дека Волфли не треба да се гледа само како пациент, туку како вистински уметник со оригинален визуелен јазик. Неговата клучна идеја била дека уметничката вредност не зависи од менталната состојба на авторот и дека Волфли создал комплексен и конзистентен космос во своите дела. Ваквото мислење било радикално во тоа време бидејќи психијатријата обично ја гледала ваквата уметност само како симптом на болест.
Книгата на Валтер Моргенталер била претходница за уште попознатата книга на истата тема: „Ликовното творештво на душевно болните“ (Bildnerei der Geisteskranken, 1922), од Ханс Принцхорн (Hans Prinzhorn). Книгата на Принцхорн била страшно злоупотребена од фашистичкиот режим во борбата против „дегенеративната уметност“ (дадаизам, експресионизам, кубизам и надреализам). Принцхорн, исто така психијатар, создал извонредна уметничка збирка од околу 5000 дела на психијатриски пациенти, која и денес се чува во Принцхорновиот музеј во Хајделберг.
.jpg)
Адолф Волфли создал огромен уметнички опус: околу 25.000 страници цртежи, текстови и музички нотации, комплексни композиции со геометриски форми, орнаменти и симболи. Сликарството го комбинирал со приказни и музика, создавајќи единствени синкретички дела. Неговите цртежи наликуваат на мапи, фантастични пејзажи, повторувачки орнаменти или симетрични архитектонски структури.
На својата обемна автобиографија почнал да работи во 1908 година. Тоа е збирка составена од проза, поезија, цртежи, колажи и музички композиции (кои понекогаш ги изведувал на картонски рог). Ја поделил автобиографијата на пет дела: Од колепка до гроб (девет книги; 1908–12); Географски и алгебарски книги (седум книги; 1912–16); Книги со песни и танци (шест книги; 1917–22); Книги-албуми со танци и маршеви (осум книги; 1924–28); и Погребен марш (16 книги; 1928–30, недовршени).
Биографијата на Адолф Велфли започнува како авантуристичка географска светска експедиција, во која „Дуфи“ (неговиот прекар од детството) е херој, и се проширува во грандиозна приказна за космичка војна, катастрофа и освојување, со Дуфи преобразен во св. Адолф II. Фасцинантните илустрации и неговите нарации всушност се лавиринтски креации и композиции во форма на мандала, составени од густо комбиниран текст со идиосинкратични мотиви. Во таа голема митологија Волфли се претставува како херој кој патува низ светот и космосот. Обемниот циклус „Свети Адолф Џинот - Создавање“ е епска комбинација која е истовремено автобиографија, фантастичен роман, музичка партитура и визуелна уметност. Целото дело има над 4.500 страници. На тој автобиографски проект Адолф ги потрошил преостанатите 22 години од својот живот. Во него Адолф додал поезија, музички композиции и богато го илустрирал со три илјади цртежи.
Ракописот што Волфли го вкоричил и го средил во својата болничка соба на крај достигнал висина од шест метри. Неколку дена пред смртта уметникот се пожалил на неможноста да го заврши последниот дел од автобиографијата — грандиозното финале од речиси три илјади песни, кое го нарекол „Погребен марш“ (Funeral March).
.jpg)
Уметноста на Волфли силно влијаела врз концептот Art Brut, термин воведен од славниот француски уметник Жан Дибифе (Jean Dubuffet). Токму Дибифе рекол дека делата на Волфли имаат неверојатна енергија и идејна густина. „Неограничени од академски правила тие дела се создадени од чиста внатрешна потреба за изразување, а Волфли е еден од најголемите примери на ’чиста’ креативност.“ Дибифе верувал дека „уметноста се раѓа од страст и инстинкт, а не од културни рутини“ и дека често најавтентичната уметност се создава надвор од културниот систем. Цртежите и текстурираните ликовни површини на Дибифе делумно биле инспирирани од густината и орнаменталноста на Волфли.
Жан Тангели (Jean Tinguely), швајцарскиот „кинетички уметник“, исто така бил фасциниран од хаотичната енергија, комплексните системи и „механичкиот“ ритам во композициите на Волфли. Машините-скулптури на Тангели делумно личат на визуелниот космос на Волфли.
Волфли често го споредувале и со Пол Кле (Paul Klee) поради сличната детска, симболична визуелна логика, употребата на музички структури во сликарството и поради интересот за внатрешни, психички пејзажи. Кле е современик на Волфли и бил активен во Баухаус групата, каде што идејата дека уметноста може да произлезе од несвесното и интуицијата била многу важна.
.jpg)
Мајк Кели (Mike Kelley), современиот американски уметник (кој се занимавал со истражување на психијатриска уметност и маргинални културни форми), го истакнувал Волфли како пример за моќта на личната митологија во уметноста.
Историчарката Лусиен Пери (Lucienne Peiry), експертка за маргинална уметност, пишува дека делото на Волфли претставува „екстравагантна епопеја што ги поврзува цртежот, текстот и музиката“. „Арт брут уметниците како Волфли ги дигаат сидрата, пловат во длабоки води и со неверојатна храброст доаѓаат до неистражени територии.“
Волфли често се споредува со големите и пресвртни модернистички уметници оти неговото дело претходи на многу експериментални форми на визуелната нарација. Некои критичари денес тврдат дека Волфли не треба да се гледа само како „маргиналец“, туку како еден од најрадикалните модерни уметници на 20 век (од авангардата, концептуалната уметност и музиката), бидејќи неговите дела се комбинација од графички роман, музичка партитура и космолошки мапи.
Во 1972 година целокупното дело на Адолф Велфли за првпат било јавно изложено на „Документа 5“. Во 1975 година, на четириесет и петгодишнината од смртта, неверојатната уметничка продукција на Волфли — вклучувајќи ги автобиографијата и илустрациите, како и околу осумстотини цртежи на посебни листови — била пренесена од Психијатрискиот санаториум Валдау во Кунст Музејот во Берн, но неговите дела ги има и во низа други музеи за модерна и маргинална уметност ширум светот.
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
.jpg)
Слики: Adolf Wölfli
.jpg)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.