1017 hPa
40 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 13:59

Кој прв ја нарече војната глупава? Кој напиша дека кога топовите грмат, музите не само што молчат, туку и треба да се срамат? Беше прашање на време, но она што неделава се случува во јавниот дискурс во Израел го проби секое дно.
Победничките албуми и песни за војничка слава од 1967 сега изгледаат како добри стари времиња. „Насер го чека Рабинот, ај, ај, ај“ звучи суптилно во споредба со денешното ѓубре. Кој би помислил дека со носталгија ќе се сеќаваме на стиховите „О Шарм ел-Шеик, пак ти се враќаме“. Денес тоа е: „Конечно да живееме слободно, конечно да дишеме, Израел е слободен, Иран е слободен, сите го слушаат лавот што рика, алелуја за воздухопловството, алелуја за војската… Вие сте нашата голема гордост“ (текст: Пнина Розенблум).
Но не се само песните, туку целиот јавен и медиумски дискурс. Дека е ултранационалистички, на тоа веќе сме навикнати; милитаризиран, и тоа е исто така нормално. Сè е построено надесно, нема место за сомнеж, за опозиција, за прашања ниту за што било друго освен почит и пофалби за Израелските одбранбени сили – но и тоа е типична одлика на воени времиња. Тишина, се пука. На телевизиите, во студијата на радио и на социјалните мрежи има само патриотизам. Она што овојпат е поинакво е нивото на дискурсот или, подобро кажано, неговото несфатливо ниско ниво – никогаш не било толку празно, банално и глупаво до бесвест.
Поранешен фудбалер настапува како мудрец, припадник на воената полиција како морална величина. Секој персиски Евреин е експерт. Меѓу марионетите што ги нарекуваме воени дописници и нивните колеги од редакциите за меѓународна политика, кои исто така му се приклучија на хорот, се појави нов кадар аналитичари, вид што никогаш порано во толкава мера не ги освојувал етерот и дигиталните медиуми со своите ексклузиви. Имаме баражно испирање мозок какво овде порано не е видено. Така се случува по две и пол години без вистинско новинарство, без барем минимално известување за војната во Газа.
.jpg)
Нема да најдете ниту еден глас на разумот, некој што има што да каже, кој навистина нешто знае. За празникот Пурим што се слави со маскенбали, медиумската личност Аври Гилад глуми воен пилот, детскиот забавувач Јувал Шем Тов пее на фарси. Сите пукаат од ликување, нејасно е зошто. Можеби сè ќе заврши во солзи. Неприфатливо е дури и да се спомене таа можност. Оргијата на убивање е во полн ек, секој погодок е причина за славје.
Во студиото на водителот Шарон Гал ечеше забава: продажбата на израелско оружје достигнува нови височини и сите се тресат од возбуда. „Фабрички линии низ цела Индија… Ја освоивме Индија… Ни требаат милијарда Индијци за нашето производство.“ Каков ли прекрасен нов свет ќе ни донесе оваа војна. Не станува збор само за откуп на земја¹ туку и за пари, многу пари.
Подбуцнувањето кон војна не знае за граници. Кога еден демонстрант ќе протрча пред камера, тоа е национален скандал што бара строга казна. Кога израелски доселеник ќе убие двајца палестински селани, тоа е досадно. Мала европска донација за некоја организација за човекови права се прикажува како странско мешање во државните работи. Обид за соборување режим во странска земја со бомбардирање се прогласува за легитимен демократски чин. До кога така?
Секој очајнички обид да се слушне барем еден разумен глас е осуден на пропаст. Додека во светските медиуми се водат дискусии за војната, овде има место само за глупост и незнаење. Додека таму зборуваат за тоа што навистина се случува во Иран и Либан, овде се известува од свадба на паркинг – бескрајната глупост е главната поента, без никаква расправа. Така глупоста на масите се шири како радиоактивен облак, уништувајќи сè пред себе.
Може и полошо. Погледнете ја „духовната советничка“ на американскиот претседател Доналд Трамп, која е именувана за шефица на неговата „верска служба во Белата куќа“. Еве што вели евангелистката на светата војна: „Го слушам звукот на победата. Слушам извици и пеење. Го слушам звукот на победата. Господ вели дека е сторено. Слушам победа! Победа! Победа!“, вреска таа во екстаза. Наскоро така ќе биде и овде.
1. Ge’ulat ha’aretz, redemption of the land (Трета книга Мојсеева, 25:24), библиски и ционистички концепт за света обврска на Евреите да ја откупуваат земјата во Палестина/Израел.
.jpg)
Карикатури: Maarten Wolterink
Извор: https://www.haaretz.com/