Популизмот како празен поим

19.03.2026 01:55
Популизмот како празен поим

Популизмот е клучен збор на претходната деценија, јасен опис на бунтовните партии што излегоа во прв план во втората деценија на 21-от век и ја оспорија превласта на либералниот центар. Но кога терминот влезе во расправите за радикалната левица и десница, коментаторите почнаа да го преиспитуваат: можеби е премногу неодреден, навредлив или ги охрабрува силите што ги критикува?

Додека двата краја на политичкиот спектар се оддалечуваат еден од друг, десницата победува во западниот свет, а левицата никако да се опорави од низата порази. Можеби сега е добар момент да побараме подобар опис на оваа нерамнотежа на моќта и начините на кои таа може да се ублажи.

Вистинската природа на популизмот тешко може да се одвои од напнатиот дискурс што го опкружува. Популистите му придаваат огромно значење на јазикот: тие имаат звучни слогани и директно му се обраќаат на „народот“. Популистичките движења излегоа во прв план по кризата во 2008-та, кога од сцената исчезнаа смирувачките фрази за единство и консензус, а се појавија разликите меѓу „нас“ и „нив“. Преовлада изразито реторички вид на политика што го зазеде доменот на зборовите, а не на делата. Тоа е ерата на Твитер и жестоките расправи на трпеза, а не на штрајкови и улични немири. Популизмот е празен означувач на политичката култура што ја напуштија масовните партии и синдикатите. Без простор за вистински активизам, маргиналните политичари радо ги прифатија полесните начини за привлекување разочарани гласачи.

Популизмот добро објаснува некои изборни стратегии, но ги замаглува предвидувањата за тоа што ќе прават популистичките лидери кога ќе дојдат на власт. Иако пред сè е средство за доаѓање на власт, целите на популистичката политика се пошироки. Берни Сандерс рече дека како претседател на Америка би работел на зајакнување на работничкото движење и слабеење на влијанието на корпоративниот сектор. Планот на групата луѓе околу Доналд Трамп беше да ја централизираат извршната власт и да ја насочат против расните малцинства. Коментаторите што размислуваа за Сандерс и Трамп само врз основа на нивните изборни кампањи пропуштија подлабока анализа на нивните вистински проекти: радикална социјалдемократија од една страна и бескомпромисен неонационализам од друга.

Во текот на претходната деценија последниов проект зајакна, не само во Америка туку и во Италија, Финска, Словачка, Унгарија, Британија, Франција и други земји. Сите други беа оттурнати на маргините. Се покажа дека во борбата на теренот на дискурсот, во која политиката се сведува на низа продажни стратегии, десницата победува. Исходот е тоа што Сандерсовата социјалдемократија останува обична идеја, додека трамповскиот неонационализам сè повеќе станува реалност.

Со оглед на ваквиот развој на настаните, границите на популистичката парадигма станаа уште појасни. Главната одлика на нашата политика повеќе не е тоа што маргиналците се служат со популистички алат за преземање на државата, туку тоа што левицата не може да се соземе по низата неуспеси, додека поголемиот дел од десницата го цементира својот успех. Социјалистите сфатија дека популизмот како политичка практика не е доволно силен за да се спротивстави на нападот на најмоќните институции во општеството: државните министерства, центристичките партии, традиционалните весници, бизнис лобијата и судовите. Во меѓувреме, реакционерите научија дека можат да победуваат на избори со популистичка платформа, но сè уште се обидуваат да утврдат каков однос треба да воспостават со тие институции. Постпопулистите на двете страни се дефинираат преку нивниот пристап кон етаблираните елити.

Можностите за левицата се двојни. Тие можат или да прават компромиси по цена да бидат асимилирани, или да упатат директен предизвик по цена да бидат надјачани. Јоланда Дијаз, која моментално ја предводи шпанската левица, тргна по првиот пат и се обидува да преговара со левиот центар и големиот бизнис, но постојано се соочува со границите на сопствената моќ. Во Франција, Жан-Лук Меланшон ја зачува политичката независност на својата партија и одби да прави отстапки што би ја загрозиле, но поради тоа остана премногу изолиран за да ги надвладее противниците.

Слично разгранување може да се види и на другиот крај од спектарот. Додека лидери како Џорџа Мелони во Италија настојуваат да се приближат до традиционалниот блок на моќ и се откажуваат од поризичните политики, Трамп и сличните нему усвоија поборбена стратегија: напади врз државната бирократија, игнорирање на правосудството, а често и одбивање на барањата на големиот бизнис. И левицата и десницата избираат помеѓу преговарање со традиционалните елити и обиди да ги уништат.

Но и тука шансите се многу нееднакви. На десницата ѝ е полесно да победи на избори со испраќање запаливи пораки и полесно се определува помеѓу компромиси и судири со противниците. Причината е очигледна. Социјалистите имаат програма за пресврт на постоечкиот поредок, додека неонационалистите настојуваат да ги зацврстат неговите хиерархии. Едната група сака да го оспори неолибералниот консензус, а другата да ги продлабочи класните, расните и родовите јазови. Поради тоа институциите што го надгледуваат системот ќе ѝ пружаат поголем отпор на левицата отколку на десницата. Тие можат да блокираат некои потези на десницата – на пример, обид за кражба на избори – зашто таквото однесување премногу го дестабилизира поредокот, но сфаќаат дека нема суштинска неусогласеност меѓу нивните интереси. Без разлика дали неонационалистите се помирни или поагресивни, дали промените ги спроведуваат постепено или ги забрзуваат, тие можат да ги користат центрите на моќ за да го туркаат својот проект; прогресивците го немаат тој луксуз.

Терминот популизам не може да ги осветли овие трендови не само затоа што е премногу широк, туку и затоа што е скроен во конкретен период во кој новите политички сили се обидуваа да ја разбијат изборната доминација на центарот служејќи се со разни јазични игри: мнозинството против малцинството, инсајдери против аутсајдери. Иако тие дискурси не исчезнаа, нивното значење е помало во свет во кој таквата доминација е разнишана и во кој натпреварот помеѓу левиот и десниот популизам заврши во корист на десницата.

Подобар пристап кон сегашниот момент би бил да се проучи како двете сили, кои тргнуваат од различни почетни позиции, се обидуваат да напредуваат во институционалниот пејзаж на неолиберализмот: изгледа дека левицата е неспособна да избере помеѓу компромис и судир, додека десницата е способна да напредува на двата начини. Ќе биде многу тешко да се случи пресврт. Мора да се обидеме да ја разбереме суштината на современата политика, а не само нејзиниот стил.

Карикатури: Sergei Tunin

Извор: https://www.theguardian.com/