За Хајдегеровиот нацизам и Хабермасовиот ционизам страдањето на „другиот“ има мало значење

20.03.2026 15:08
За Хајдегеровиот нацизам и Хабермасовиот ционизам страдањето на „другиот“ има мало значење

Замислете дека Иран, Сирија, Либан или Турција – со целосна поддршка, оружје и дипломатска заштита од Русија и Кина – имаат волја и средства да го бомбардираат Тел Авив три месеци, дење и ноќе, да убијат десетици илјади Израелци, да осакатат безброј луѓе, да остават без домови милиони и да го претворат градот во куп ненаселиви урнатини, како Газа денес.

Замислете го тоа само на неколку секунди: Иран и неговите сојузници намерно ги гаѓаат населените делови на Тел Авив, болници, синагоги, училишта, универзитети, библиотеки – или кое било населено место – за да обезбедат максимален број цивилни жртви. Би му рекле на светот дека само го бараат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот воен кабинет.

Запрашајте се што би направиле САД, Обединетото Кралство, Европската Унија, Канада, Австралија и особено Германија во рок од 24 часа по објавата на ова замислено сценарио.

Сега вратете се во реалноста и размислете за фактот дека од 7 октомври (и децении пред тој датум), западните сојузници на Тел Авив не само што сведочат за тоа што му го прави Израел на палестинскиот народ, туку и го снабдуваат со воена опрема, бомби, муниција и дипломатска заштита, додека американските медиуми нудат идеолошки оправдувања за масакрот и геноцидот над Палестинците.

Споменатото замислено сценарио постојниот светски поредок не би го толерирал ни еден ден. При ваквата воена насилничка поддршка на САД, Европа, Австралија и Канада која целосно стои зад Израел, ние беспомошните луѓе на светот, исто како и Палестинците, не се сметаме. Ова не е само политичка реалност; тоа е исто така релевантно за моралната имагинација и филозофскиот универзум на она што себеси се нарекува „Запад“.

Оние од нас надвор од европската сфера на моралната имагинација не постојат во нивниот филозофски универзум. Арапите, Иранците и муслиманите; или луѓето во Азија, Африка и Латинска Америка – ние немаме никаква онтолошка реалност за европските филозофи, освен како метафизичка закана што треба да се освои и замолчи.

Почнувајќи од Емануел Кант и Георг Вилхелм Фридрих Хегел, па до Емануел Левинас и Славој Жижек, ние сме необичности, предмети, спознатливи објекти што ориенталистите имале задача да ги дешифрираат. Како такви, убиството на десетици илјади од нас од страна на Израел, или на САД и нивните европски сојузници, не предизвикува ни најмал застој во мислите на европските филозофи.

Племенската европска публика

Ако се сомневате во тоа, само погледнете го водечкиот европски филозоф Јирген Хабермас и неколкумина негови колеги, кои во зачудувачки безобразен чин на сурова вулгарност го поддржаа израелскиот масакр врз Палестинците. Прашањето веќе не е што можеме да мислиме за Хабермас, кој сега има 94 години, како човечко суштество. Прашањето е што можеме да мислиме за него како општествен научник, филозоф и критички мислител. Дали она што тој го мисли денес е важно за светот, ако некогаш воопшто било?!

Светот поставува слични прашања за еден друг важен германски филозоф, Мартин Хајдегер, во светлина на неговите погубни врски со нацизмот. Според мене, сега мораме да поставиме такви прашања и за насилниот ционизам на Хабермас и за значајните последици за она што би можеле да го мислиме за целиот негов филозофски проект.

Ако во својата морална имагинација Хабермас нема ни трошка простор за луѓе како што се Палестинците, имаме ли воопшто причина целиот негов филозофски проект на кој било начин да го сметаме поврзан со остатокот од човештвото – надвор од неговата непосредна племенска европска публика?

Во отворено писмо до Хабермас угледниот ирански социолог Асeф Бајат рече дека тој „си противречи на сопствените идеи“ кога станува збор за ситуацијата во Газа. Со сето должно почитување, не се согласувам. Верувам дека занемарувањето на палестинските животи кај Хабермас е целосно во склад со неговиот ционизам. Тоа совршено се вклопува во светоглед во кој не-Европејците не се целосно луѓе или се „човечки животни“, како што отворено изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

Во своето занемарување на палестинските животи, ционизмот на Хабермас на тој начин му се придружи на нацизмот на Хајдегер.

Ова целосно непочитување кон Палестинците е длабоко вкоренето во германската и европската филозофска имагинација. Општоприфатено е мислењето дека Германците, од вина за Холокаустот, развиле цврста посветеност кон Израел.

Но за остатокот од светот, како што сега докажува величествениот документ што Јужна Африка го поднесе пред Меѓународниот суд на правдата, постои совршено совпаѓање меѓу она што Германија го правела во својата нацистичка ера и она што сега го прави во својата ционистичка ера.

Верувам дека ставот на Хабермас е во склад со германската државна политика на учество во ционистичкиот колеж врз Палестинците. Тој е исто така во склад со она што се смета за „германска левица“, со нивната подеднакво расистичка, исламофобична и ксенофобична омраза кон Арапите и муслиманите и нивната сеопфатна поддршка за геноцидните дела на израелската колонија.

Треба да ни биде простено ако помисливме дека она што Германија го има денес не е вина за Холокаустот, туку носталгија за геноцидот, бидејќи посредно се препушти на израелскиот колеж врз Палестинците во текот на изминатиот век (не само во последните сто дена).

Морална изопаченост

Обвинувањето за евроцентризам што постојано се упатува против концепцијата за светот кај европските филозофи не се темели само на епистемолошки недостаток во нивното размислување. Тоа е доследен знак на морална изопаченост. Во повеќе наврати претходно укажував на неизлечивиот расизам во сржта на европската филозофска мисла и на нејзините најславни претставници денес.

Оваа морална изопаченост не е само политички гаф или идеолошка слепа точка. Таа е длабоко врежана во нивната филозофска имагинација, која останала неизлечиво племенска.

Светот се разбуди од лажниот сон на европската етнофилозофија. Денес ова ослободување му го должиме на страдањето на народите како Палестинците.

Тука мора да ја повториме познатата изјава на славниот мартикански поет Еме Сезер: „Да, би било вредно клинички, детално да се проучат чекорите што ги презедоа Хитлер и хитлеризмот и на многу угледната, многу хуманистичка, многу христијанска буржоазија на 20-от век да ѝ се открие дека, без да биде свесна за тоа, го има Хитлер во себе, дека Хитлер живее во неа, дека Хитлер е нејзиниот демон, дека ако се бунтува против него, е недоследна и дека, во суштина, она што не може да му го прости на Хитлер не е злосторството само по себе, злосторството против човекот, не е понижувањето на човекот како таков, туку злосторството против белиот човек, понижувањето на белиот човек и фактот дека врз Европа тој ги применил колонијалните постапки кои дотогаш биле резервирани исклучиво за арапските, индиските и африканските народи.“

Палестина денес е продолжение на колонијалните злосторства што Сезер ги наведува во овој извадок. Се чини дека Хабермас не е свесен дека неговото одобрување на колежот врз Палестинците е целосно во склад со она што неговите предци го направиле во Намибија за време на геноцидот врз Хереро и Нама. Како пословичен ној, германските филозофи ги забиле главите во своите европски заблуди, мислејќи дека светот не ги гледа онакви какви што се.

Најпосле, според мене, Хабермас не кажа ниту направи ништо изненадувачко или противречно; токму спротивното. Тој беше целосно доследен на неизлечивиот трибализам на своето филозофско потекло, кој лажно зазеде универзална позиција.

Светот сега е ослободен од таквото лажно чувство на универзалност. Филозофи како В. Ј. Мудимбе во Демократската Република Конго, Валтер Мињоло или Енрике Дусел во Аргентина, или Коџин Каратани во Јапонија имаат далеку полегитимни претензии за универзалност отколку што некогаш ги имале Хабермас и нему сличните.

Според мене, моралниот банкрот на изјавата на Хабермас за Палестина означува пресвртница во колонијалниот однос меѓу европската филозофија и остатокот од светот. Светот се разбуди од лажниот сон на европската етнофилозофија. Денес ова ослободување му го должиме на глобалното страдање на народи како Палестинците, чие долготрајно, историско херојство и жртви конечно го демонтираа бесрамното варварство во темелите на „западната цивилизација“.

Слики: Mohammad Sabaaneh

Хамид Дабаши е професор по ирански студии и компаративна книжевност на Универзитетот Колумбија во Њујорк, каде предава компаративна книжевност, светска кинематографија и постколонијална теорија. Неговите најнови книги ги вклучуваат Иднината на двете илузии: Исламот по Западот (2022); Последниот муслимански интелектуалец: Животот и наследството на Џалал Ал-е Ахмад (2021); Пресврт на колонијалниот поглед: Персиски патници во странство (2020) и Царот е гол: За неизбежниот пад на националната држава (2020). Неговите книги и есеи се преведени на многу јазици.

ОкоБоли главаВицФото