Од раст до одраст

24.03.2026 01:39
Од раст до одраст

„Полесно е да се замисли крајот на светот отколку крајот на капитализмот.”

Овој познат цитат најчесто му се припишува на неодамна починатиот американски книжевен критичар и теоретичар Фредерик Џејмисон, но во различни варијации го користеле многу автори. Делува дека овие зборови се уште поточни денес, кога живееме во време на криза на имагинацијата, каде што секое алтернативно и утописко размислување брзо е критикувано, осудено и маргинализирано.

Живееме во време на апсолутна културна доминација на дистопиите над утопиите. И оваа доминација е присутна насекаде – од книжевноста, филмот, театарот, до алтернативната уметност. Сликите на уништена и изгорена земја, климатска апокалипса, зла вештачка интелигенција, нуклеарна војна, глобална пандемија итн. се сеприсутни од дневниците до научно-фантастичните филмови.

Често реалноста делува подеднакво дистописки како фикцијата, па е потребно да се напрегнат сетилата за да се согледа каде завршува реалноста, а каде започнува фикцијата.

Сеприсутноста на капитализмот во нашите животи го условува не само нашето конзумеристичко однесување, кое доби драстични облици, туку влијае и на начинот на кој размислуваме, го перципираме опкружувањето и, најпосле, на нашата имагинација.

Може да се каже дека имагинацијата се сведува на исполнување пазарно наметнати желби: што ќе купиме, со што ќе се почестиме, каде ќе патуваме и како тоа ќе го покажеме за другите да го видат. Заборавивме да фантазираме за тоа како работите можат да бидат поинакви, како можеби можеме да создадеме сосема други начини на постоење и дејствување, туку сите варијации се сведуваат на истиот капиталистички начин на постоење и поседување.

А имагинацијата би можела да биде и добро место од кое треба да започне промислувањето на радикално поинакви алтернативи.

Алтернативи што се утописки, што водат кон општество на просперитет, општество што е динамично, а не досадно, како што обично се опишуваат утопиите.

Утопиите не се замрзната стабилна состојба, туку на нив постојано мора да се работи за да се унапредуваат, бидејќи без работа и проширување на видиците за поинакво согледување на светот лесно паѓаме во дистописки понор кој, како вртлог, потоа силно нè влече надолу.

„Полесно е да се замисли крајот на капитализмот, отколку она што доаѓа потоа.”

Ова е варијација на цитатот на Фредерик Џејмисон што го искористи Марк Фишер во својата книга Капиталистички реализам.

Иако изгледа дека глобалниот капиталистички систем е цврст како некаков бетонски блок, всушност тој има многу пукнатини и низ тие пукнатини растат различни алтернативни и утописки теории и практики.

„Ако не можеш да замислиш дека е можен поинаков свет, не значи дека не е можен, само треба заедно да работиме на тоа.”

Живееме во општество што едноставно е опседнато со идејата за растот. Од секој поединец, но и од секоја група постојано се очекува да расте во сите правци, додека идејата за раст на бруто домашниот производ (БДП) се воспостави како доминантна мерка за благосостојба. И не станува збор само за финансиски и материјален раст, иако од вас се очекува да имате сè повеќе и сè поскапи работи, идејата за раст се прелеа во сите аспекти на животот.

Па така, од вас се очекува постојано да бидете најдобри, да менувате работни места или барем да напредувате во хиерархијата на работното место на кое работите. А кога ќе дојдете дома мора да продолжите да работите на себеси, бидејќи, божем, секој ден е нова можност за личен раст. Дури и во време на неизвесност и страв, какви што беа пандемиските години, од разни места можевте да слушнете дека ова е совршена можност да прочитате што повеќе книги, да научите нов јазик или нова вештина и дека, ако пандемијата заврши, а вие не сте напредувале, тоа е потрошено време.

На работното место, од билбордите низ градот, но и од социјалните мрежи, бомбардирани сме со мотивациски пораки дека мораме да продолжиме да растеме. А заедно со нас да расте и нашата економија, а со неа и количеството предмети што се произведуваат и што стануваат сè полесно достапни.

Погледнете ја целата Тему манија за производи што веројатно воопшто не ви се ни потребни. Растот на економијата и материјалите што ги трошиме неминовно водат и кон раст на деградацијата на животната средина, отворање нови рудници, градење нови мини-хидроелектрани, создавање нови депонии и така натаму и така натаму…

Растот се опишува како нешто природно и стана воспоставен наратив дека, ако нешто не расте, тогаш пропаѓа и умира. Всушност, во природата речиси сè има фази на раст, стагнација, намалување и повторно во круг. Ни човечкото тело не расте засекогаш, туку растот запира околу дваесеттата година, но дали тоа значи дека потоа пропаѓаме или остануваме исти? Се разбира дека не. Всушност, во природата постојат случаи кога растот не запира и тоа се случува со туморските клетки или со вирусите кога ќе дојдат во допир со небранет домаќин. Исходот од ваквиот раст на крајот секогаш е трагичен.

Наместо како општество речиси религиски да веруваме во растот, можеби е време да станеме агностични кон него. Можеби растот ни е потребен во некои области и на некои места, но во некои веројатно и не ни е потребен, можеби дури е потребно намалување.

А теоријата и практиката на одрастот токму тоа ни го кажуваат – дека е можно да се живее подобро со помалку нешта во општество каде приоритетите се поинакви и не се подредени на економскиот раст. Тоа е општество што е засновано на задоволување на вистинските човечки потреби, општество што е во склад со природата и во кое природата не се согледува исклучиво како корисен ресурс.

Одрастот би можел метафорички да се согледа како некаква диета за општество што страда од дебелина и од употреба на индустриска, масна храна што притоа загадува, но оваа диета не е заснована на намалување на внесот на неквалитетната храна, туку на премин кон повкусна и поздрава, локална, органска исхрана, која помалку загадува, придонесува за локалната економија, а нашето општество го прави поотпорно и поздраво.

Како би изгледало општеството на одрастот во практиката?

Пред сè, потребно е да се размислува кои се нашите вистински потреби, а кои се наметнати потреби зашто живееме во општество засновано на нееднаквост и на постојано маркетиншко создавање нови потреби.

Дали ни е потребен приватен базен или е доволно во близина да имаме лесно достапен јавен базен? Дали ни е потребен автомобил или добар јавен превоз? Дали е потребно секоја година да купуваме нова облека и зошто нашите уреди толку лесно се расипуваат?

А потоа е потребно да се размислува и на пошироко општествено ниво – дали е во ред најбогатите толку многу да загадуваат и дали е во ред разликата меѓу платите на директорите и хигиеничарките во некои компании да биде повеќе од илјада пати?

Дали ни се потребни обложувалници на секој чекор или добро и бесплатно образование и добра и достапна здравствена грижа за сите?

Првата светилка што била произведена имала работен век подолг од просечниот живот на луѓето, но подоцна нејзиниот работен век механички бил скратен за да се зголеми продажбата, бидејќи кога нешто има долг работен век, никој не купува. Така, ако само го двојно го зголемиме траењето на гаранцијата за различните уреди што ги користиме, телевизорот, лаптопот или машината за перење ќе траат двојно подолго отколку денес, а за тоа веќе постои технологија. Со тоа би се трошеле и двојно помалку ресурси за правење нови уреди.

Некогаш батеријата од мобилниот телефон лесно можевте да си ја замените сами, додека денес тоа е невозможно. Со правење лесно поправливи уреди дополнително би се намалил притисокот за купување нови. Производството на поквалитетни работи би ја намалило потребата од брзата мода што избледува и се кине по само една сезона.

Одрастот се залага за намалување на општествените нееднаквости преку воведување ограничување на максималната заработка, универзален основен доход што би го добивале сите граѓани, но и преку оданочување на најбогатите, луксузот, како и загадувачите. Дури кога општествените разлики ќе се минимизираат и кога богатството ќе се прераспредели можеме да зборуваме за општество што навистина е напредно.

Одрастот и неговите застапници препознаваат дека технологијата нема да ги реши општествените проблеми, но дека може да биде корисен сојузник доколку се користи со цел задоволување на потребите и заштита на природата.

Пред речиси сто години англискиот економист Џон Мајнард Кејнс предвиде дека напредокот на технологијата ќе доведе до тоа во 2030 година работната недела да се скрати на 15 часа. За жал, денес, кога нè делат само неколку години од 2030 година, изгледа дека сме далеку од оваа цел.

И покрај целиот напредок на технологијата и растот на продуктивноста, луѓето денес работат подолго или барем подеднакво долго како и пред педесетина години. Токму затоа, во сржта на одрастот е и скратувањето на работното време, бидејќи со скратено работно време луѓето би можеле да се посветат на клучните животни работи што не е можно да се монетизираат, а воедно би се намалил и секој вид загадување, бидејќи не е можно да се одвои работата од барем некаков вид загадување.

Со делење на работните места и скратување на работното време би ни се отвориле простор и време да размислуваме за работите, но и да патуваме подолго, а и поодржливо. Недостигот од време и притисокот од социјалните мрежи ги тера луѓето денес да патуваат што подалеку и што побрзо. Наместо меден месец на Сејшелите, можеби со саканата личност можеме на велосипедско патување по Стара Планина или со воз до Јадранското Море, бидејќи веројатно љубовта е клучна, а не покажувањето каде сме летувале, зимувале…

Повеќе слободно време што не мора да го искористиме продуктивно и со фокус на растот би можеле да го искористиме и така што повеќе би фантазирале и размислувале како да го подобриме нашето општество, бидејќи, за да се материјализира, утопијата најпрвин мора да се отсонува.

Слики: Michael Pederson

Извор: https://www.oblakodermagazin.rs/

ОкоБоли главаВицФото