Последни денови од летото

24.03.2026 21:39

За Душан Вељановски
(17.09.1961 - 21.03.2026.)

 

Обесветено е светото.
Паѓа долу она што било горе.
Се урива храмот на летото.
Низ сувата трева
се истркалува
последниот орев.

Столбот што го држел кубето напукнал.
Во испокршената срча згаснува блесокот.
Свечениот влез целиот во повит е.
Не помага никаква наука:
малтерот што ги држел сводовите
е само трошна смеша на варта и песокот.

Приземноста завладува.
Необичното станува обично.
Многу нешта се забавни, но ништо не радува.
Испаѓа дека е сосема логично
што од ден на ден
сè повеќе заладува.

Не зачудува веќе чудото.
Не опијануваат, како некогаш, вината.
Над раскошот се крева скудното.
Не, не нè лаже слухот:
престанала да ѕуни светлината.
Каде замина летото?

И кој во глината
одново ќе го ухне духот?

 

Слични содржини

нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна
нема
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото