За левицата и Иран

25.03.2026 02:04
За левицата и Иран

И така повторно се најдов во ситуација да морам да објаснувам зошто ја осудувам противзаконската војна што ја започнаа САД и нивните сојузници, против земја чиј режим решително го отфрлам. Тоа е неблагодарна задача, но западните левичари мора да го прават тоа, ако не сакаме да им дадеме легитимитет на режимите на кои им се спротивставуваме, било во земјата врз која паѓаат бомби или на запад.

Во 1999 година, по кампањата што ја водев против режимот на Слободан Милошевиќ, го осудив НАТО бомбардирањето на Југославија. Во 2003 година, по две децении кампања против Садам Хусеин, учествував на демонстрациите против инвазијата на американската коалиција врз Ирак. Во 2011 година, иако го критикував режимот на Моамер Гадафи, се спротивставив на бомбардирањето под водство на САД, со што Либија беше уништена како држава. Минатата година, иако згрозен од немилосрдното владеење на Башар ал Асад, се спротивставив на американско-израелските махинации со кои Сирија беше препуштена на поранешен оперативец на Ал Каеда. Денес, откако ја поздравив побуната „Жена, живот, слобода“ по повод смртта на Махса Амини во притвор, по повеќе години борба против теократската Исламска Република, ортачкиот капитализам, бруталноста кон жените и малцинствата, ги пишувам редовите што следуваат за со сета сила да го осудам американско-израелскиот план за уништување на Иран.

Тоа не е позиција на неутралност. Тоа не е седење на две столчиња. Тоа е должност на западната левица. Кога главната улична банда од нашиот крај ќе започне со ништо предизвикана војна со банда од спротивниот крај на градот, која исто така воопшто не ја поддржуваме, војна во која гинат невини случајни минувачи, одбиваме да останеме неутрални или да избереме страна. На одговорност ги повикуваме и едните и другите, но свесни сме за посебната, надредена должност да ја запреме нашата банда: зашто со нашите даноци се финансира нејзиното вооружување, зашто нашето молчење се толкува како согласност, зашто нашите влади се тие што убиваат и тоа го прават во наше име.

Да ја погледнеме повнимателно таа наша банда. Тврдењата на западот дека САД и Европа се борат за демократија, стабилност и нормалност во Иран се обична измислица. Во случајот на Израел и помалку од тоа. Корените на иранската повоена трагедија се протегаат до англо-американскиот пуч од 1953 година со кој беше соборена демократски избраната влада на Мохамад Мосадек, зашто се осмели да побара иранската нафта да му припаѓа на иранскиот народ. САД и Велика Британија го изгубија моралното право да зборуваат за поддршка на иранската демократија кога апсолутната власт му ја предадоа на шахот – поткуплив автократски монарх кој од Иран направи феудален посед на западните корпорации. За да го задржат на престолот, ЦИА помогна да се основа и обучи Савак, тајна полиција толку брутална што стана синоним за тортура. Во следните 26 години, владите на САД и Велика Британија правеа сè што беше во нивна моќ да им ускратат на Иранците дури и привид на демократија. Долгата историја на авторитаризам донесе револуција што во 1979 година го собори шахот.

Тоа беше широко, народно револуционерно движење што на почетокот мобилизираше не само исламисти туку и либерали, социјалисти и комунисти. Меѓутоа, секуларните движења што го поддржаа ајатолахот Хомеини и го поздравија неговото враќање од парискиот егзил не знаеја дека Вашингтон, кога се виде дека револуцијата ќе победи, склучил пакт со најреакционерните исламистички фракции. Што беше еден од првите варварски чинoви на новиот режим? Апсења и погубувања на припадниците на раководството на Туде, големата комунистичка партија што го поддржа Хомеини. Таа соработка на Вашингтон и исламскиот режим во времето на Студената војна треба да им застане во грло на денешните левичари кои живеат во заблуда дека Исламската Република е блиска до левичарската антиимперијалистичка агенда и вредности.

Се разбира, постојат причини зошто западните левичари толку лесно се препознаа во антиимперијалистичките и популистичките аспекти на Исламската Република. Контрадикциите, во кои левичарите наводно треба да уживаат, никаде не се поизразени отколку во Исламската Република – режим кој од една страна го усвојува антиимперијалистичкиот јазик како дел од сеопфатен проект за воскреснување фиктивна исламска златна доба, додека од друга страна ја елиминира левицата и нејзината еманципаторска агенда.

Конфузијата ја продлабочува и нешто што се смета за најголема предност на Исламската Република. Во остар контраст со сунитските плутократии, шиитското движење на чело со Хомеини покажа посветеност кон сиромашните и загрозените маси на муслиманскиот свет, што вклучуваше не само прераспределба на доходот и, барем на почетокот, програми за борба против корупцијата, туку и вистинска поддршка на Палестинците кои ги напуштија речиси сите арапски режими. Тоа беше прифатено како редок извор на еманципаторска надеж.

Сосема очекувано, тоа доведе до директна конфронтација со сунитските ривали. Во 1980 година, поттикнат од Вашингтон и со финансиска помош од Кувајт, Саудиска Арабија и ОАЕ, Садам Хусеин го нападна Иран. Ако сè уште не верувате дека Садам бил американска марионета, потсетете се што се случи во 1987 година, кога ирачки борбен авион истрела ракети врз USS Stark, уби 37 американски морнари и рани 21: претседателот Реган изјави: „Во овој случај, виновник е Иран.“ Американски дипломати отпатуваа во Багдад и го амнестираа Садам. Во 1988 година Садам употреби хемиско оружје во нападите врз курдските села во Ирак, напади за кои САД знаеја и во кои учествуваа. Години подоцна, по американската инвазија на Ирак, во Вашингтон кружеше шега: „Како знаеме дека Садам има хемиско оружје?“, го прашаа портпаролот на Белата куќа. „Знаеме зашто ги зачувавме фактурите“, гласеше одговорот.

Антиимперијалистичкиот имиџ на Техеран беше зајакнат со израелската инвазија врз Либан во 1982 година, која го создаде Хезболах, општествено движење и движење на отпор што ќе го финансира Иран. Тоа му овозможи на иранскиот режим да се претстави, донекаде основано, како единствена регионална сила подготвена и способна да се спротивстави на израелското насилство врз Арапите, а особено врз Палестинците – истовремено обезбедувајќи основни социјални услуги за сиромашните. Кога нееднаквоста во регионот достигна незапаметени размери, особено со глобалниот раст на вишокот работна сила, популарноста на Иран меѓу масите порасна. Се разбира, соседните заливски земји се загрижија и ги здружија силите со САД за да го „зауздаат“ Иран.

До 1991 година, семејната кавга на западот заврши со инвазија на САД врз Ирак. Садам се налути кога Кувајт – кој по налог на Вашингтон и заливските плутократии обезбеди поголем дел од кредитите за водење на осумгодишната војна против Иран – ги побара парите назад и истовремено го зголеми производството на нафта толку што приходите на Ирак почнаа значително да опаѓаат. Дали затоа што бил заведeн од Америка или затоа што погрешно ги разбрал нејзините пораки, Садам поверува дека има благослов за инвазија врз Кувајт. Кога американските чизми стапнаа на светата земја на Саудиска Арабија, сунитскиот фундаментализам ја создаде Ал Каеда, трагедијата на кулите близначки и катастрофалната инвазија на Буш помладиот врз Ирак, каде што се појави ИСИС, уште едно сунитско терористичко движење. Во светлина на тие настани, Исламската Република изгледаше одмерено и релативно прогресивно: често поддржуваа локални народни движења на отпор насочени кон иранските регионални противници (во Палестина, Јемен и така натаму), но никогаш директно не нападнаа друга држава. Се истакнаа и со клучен придонес во борбата против Ал Каеда, како и во елиминацијата на ИСИС, што е уште поимпресивно.

Со оглед на богатата и трагична историја на оваа земја, Исламската Република треба да се сфати како моќен систем роден од повеќедецениската криза што ја предизвикаа САД со поддршка на Израел. Но подеднакво е важно да се разбере и нејзината политичка економија која е во спротивност со навидум антиимперијалистичките ставови и всушност е непријателски настроена кон сè за што се залага левицата. Од деведесеттите години, приватизацијата во Иран добива полн замав, а реформаторската струја планира странски инвестиции и интеграција со светскиот пазар (во основа со Европската унија и Велика Британија) како најдобар начин за сузбивање на кризата. Во исто време, конзервативната коалиција во која доминира Револуционерната гарда основа и контролира приватни претпријатија со цел проширување на регионалните пазари.

Откако Трамп во првиот мандат се откажа од планот на Обама за повторна интеграција на Иран во западната орбита на трговијата и финансиите, иранската конзервативна фракција опортунистички се сврте кон Кина и, во помала мера, кон Русија. Меѓутоа, во исто време беше спроведена дерегулација и беа укинати субвенциите за сиромашните, што предизвика спонтани народни протести со агенда за социјална правда. Потоа дојде крахот од 2008 година, кога Кина се појави како стабилизирачка сила на глобалната сцена, што ја мотивираше оваа фракција уште повеќе да се сврти кон Кина и Русија со надеж дека ќе ги заобиколи американските санкции и ќе ги ублажи тензиите што во земјата ги создаде ортачкиот капитализам.

Да го забрзаме филмот напред до 2022 година, кога убиството на 17-годишната Махса Амини, курдска сунитска муслиманка, ја покрена кампањата „Жена, живот, слобода“. Западните коментатори им подлегнаа на сопствените желби и побуната ја протолкуваа како прозападна. Но тоа не беше случај. Незадоволството беше предизвикано од растечката нееднаквост откако иранската економија тргна по патот на неолиберализам со конзервативни исламски карактеристики, како и од етничките тензии – особено во односите со курдската заедница.

Побуната беше задушена не само со брутална репресија туку, што овде е уште поважно, и со повикување на стравот од распад на земјата – на можноста Иран да стане нова Сирија или нова Либија, земја по која Бенјамин Нетанјаху копнее со години и се обидува да ги убеди САД да му ја подарат. Затоа режимот ужива поддршка од голем дел од населението, вклучувајќи ги и од оние кои инаку идеолошки му се спротивставуваат: тие се надеваат и се молат за крај на Исламската Република, но истовремено веруваат дека распадот на Иран би бил поголемо зло од постојниот режим. Бидејќи Иранците знаат дека Трамп и Нетанјаху ниту можат ниту сакаат да создадат стабилен демократски Иран, американско-израелските бомби што сега им паѓаат врз главите всушност ја зголемуваат толеранцијата кон постојниот режим – дури и кај оние што му се спротивставуваат.

Еве каде сме денес: Моџтаба Хамнеи, синот на Али Хамнеи, е нов врховен лидер на Иран. САД и Израел му ги убија таткото, мајката, жената, сестрата и најверојатно еден од синовите. Режимот е брутален, непопуларен кај огромен дел од младината, економски склеротичен. Но тој режим е производ на 70 години западна ароганција и агресија. Не може да се отстрани со бомбардирање. А санкциите не го направија подобар. Што треба да прави и да зборува левицата во таква ситуација?

Мислам дека мораме да тргнеме од одговорот на либералните империјалисти кои го поставуваат прашањето: „А што е со жените? Што е со слободата?“ Ним им порачувам: на жените во Иран најмалку им се потребни бомби од Вашингтон и Тел Авив. Патот на движењето „Жена, живот, слобода“ не води преку јагленосаните урнатини на Техеран. Неговиот вистински пат е пораз на силите што 70 години работеа на тоа Иран никогаш да не ги запознае мирот и демократијата. Народот на Иран најпрво мора да биде ослободен од принудата да мери и да избира помеѓу постојниот режим и судбина полоша од судбината на Ирак, Либија и Сирија заедно.

Задачата на нас западните левичари е да извршиме притисок врз сопствените влади да го запрат бомбардирањето и да ги укинат санкциите што ги изгладнуваат сиромашните и ги збогатуваат режимските шверцери. Да ја демонтираме пропагандната машинерија што нè убедува дека војната е мир и дека окупацијата е слобода. Потоа, и само тогаш, иранскиот народ ќе добие можност да ја употреби својата огромна сила и сопствената иднина да ја оттргне од рацете на теократите и нивните империјални помагачи.

Карикатури: Marco De Angelis

Извор: https://unherd.com/

ОкоБоли главаВицФото