1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Во петок, 27 март, во културниот центар Култ во Охрид, разговор за Тоде Илиевски.
СТАКЛЕНИТЕ ЛЕИ
Во Плевење, на сон, на горните ниви,
во плевната наша со сламена стреа,
роднините мои, и мртви, и живи,
на истото место насобрани беа.
Со никого – поздрав! Бакнеж – исто така!
Погледнував немо. Со главата нишав.
Роднинската љубов ми се стори млака,
па истиот воздух нејќев да го дишам.
Залудно се трудев со сите да спорам.
Навреден и бесен в раце зедов чекан,
а потем го кренав со закана дека
стаклените леи пуздер ќе ги сторам.
Во Плевење појден, на горните ниви,
во сонот се карав со мртви и живи.
В ЦРКВА
Колебливо пријде и прагот го мина.
Се прекрсти невешт – незгодно му беше.
Дали тој е верник?! Неверник е, чинам.
Колку е праведен, а колку е грешен?!
Имаше семејство: жена, деца мали,
но по толку лета минати сред вител,
зеде китка свеќи и по ред ги пали –
за своите мили по една за сите!
Не знаеше тогаш дали има чеда,
ама нив ги спомна, и маж ѝ, и неа.
Во иста молитва при светлоста бледа
две семејства збрани пред светците беа.
Со желба за среќа круг од свеќи пламти:
сам се заборави – другите ги памти!
.jpg)
ЛОВ НА ЛЕБЕДОВОТО ЕЗЕРО
Од времиња разни оружјето беше.
Ништо како ловот не знаеја друго.
Искусните ловци во походот грешен
во румена зора го стегаа кругот.
Куршуми и сачми птиците ги годат.
Сè што не е човек на нишан се зема.
Лебедите гинат во трски, на вода –
пердувите бели до пладне ги снема.
Бурно мина денот, квечерина падна.
Безбројни готвачи печат, пржат, варат,
божем ноќта пред нив ќе им биде задна.
Полните стомаци бедните ги крепат.
Пијаните први одат да се парат.
За живата убост толпата е слепа.
СЛАВЕЈЧЕ
На Борче Панов
Дамнешното писмо повторно го читам:
со своите крилца, ко во окови цврсти,
фатено славејче првкало во ритам –
за тенките нозе го држеле прсти.
Се случило чудо: одлетало в мигот –
ноџињата в раце останале двете!
Во душата тогаш ти налегнал бигор,
о, наивно момче, зачудено дете!
Веќе не е можно пилето да слета
и ќе бара надеж, виртуелна ветка –
од тебе до мене, меѓу двата света,
секогаш ќе лебди и конец ќе плетка.
Ете одговори, ако некој праша,
што е слободата, а што судба наша!
.jpg)
МОИТЕ ТУРБИНИ РАБОТАТ НА ВЕТЕР
В подземје ме слават како познат шверцер
на денови ведри и на ноќи јужни.
Потежок од камен, полесен од перце,
затворен сум меѓу ѕидовите кружни.
Моите турбини работат на ветер,
што некој го роби, го затвора в шише.
На бојното поле не бев многу спретен.
Без воздух и вода водев живот скришен.
Ме напушти таа, се откажа синот.
В пустелија една ме напади кметот.
Љубовта ја барав во бокал со вино.
Ако имот немам – денес мој е светот.
Мудрите се ретки, сегде гледам луѓе,
човек на човека додека му суди.
ТАИНСТВЕН ПРЕДЕЛ
Во заборав тоне дамнешната зора
и првата глетка. Патот тогаш почна
како лесна игра, но влеговме в гора.
Тоа беше знакот, претпоставка точна
за напори идни. Низ стрмните спили,
по патеки козји патници се јазат.
Товарот го носат од своите мили
и јасно е: нема свртување назад!
Така мине денот. Залезот е меѓа.
Густа магла има од другата страна.
Незнајното ткае невременска преѓа.
Зарем таму сета темнина е збрана?!
Накрај спроти свеста пловат бели едра.
Веројатно ноќта ѕвездена е, ведра!
.jpg)
Слики: Camille Bernard
Избор: П. В.