1018 hPa
46 %
19 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 12:59
Со Борхес во Долно Косоврасти
веќе трета година си прикажуваме.
Слеп, а премудар,
ме чести со кафе и амброзија.
Му возвраќам со млеко
и чај од мајкина душичка.
Тој зборува за Буенос Ајрес,
труко и милонга.
Јас – за Родопите,
Белото Море и Белото Езеро.
Тој – за бескрајната пампа
и игрите на сиромашните.
Јас – за песните виканечкум,
ороводците и кавалџиите.
Тој – за големите битки низ Јужна Америка,
онаа кај Хунин меѓу најславните.
Јас – за Илинден, Цер, Паралово,
Ножот, Кадино Село...
Шаховската табла нè зближи необично,
нејзиното тежиште на двајцата ни е блиско.
На разделба ми покажа плочка со која се игра го
и ја врати во џебот.
Знам дека токму таа ќе биде
жетон за мојот следен сон!
16.01.2001.