1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Кога има уметничка или музичка собиранка во „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија, голема е шансата тука да е и Тома Димовски, седнат во ќошето до шанкот. Прави муабет со газда Змејко. Или со некој што купува пијачка. Или посматра. Станува и до надвор, меѓу другите луѓе. Знае и да ѕенца на музика. Или да лупне некоја шега, штос. Ама и да прими некоја финта, па да се окези. Ќе покаже и во телефонот – фрагмент од сликарски труд, тековната работа.
Баш во „Ла Кања“ одамна договараме, но никако да се погодиме да му отидам во атеље, или да му дојдам во емисија во „Стотројка“. Секогаш останувало на „Ај важи, се гледаме“. Да, потоа ќе се видиме, ама пак кај Змејко, или на некоја свирка или изложба.
Конечно, сега договоривме да направиме нешто заедничко – интервју. Тома да биде интервјуираниот. Да каже за својата уметност и за човекот зад таа уметност.
„Сега на мои 58 години сфаќам дека цело време сум бил некое инатливо створење, дека сум одел од една крајност во друга. Како дете дома, опкружен со Волт Дизни, класична музика и со нашите народни песни, а кога ќе излезев од дома – детски бељи, тепачки со комшиите, тие што беа приближно на моја возраст. Во маало се тепавме онака, од занимација. Кога бев средно малце се смирив“, раскажува Тома.
На факултет, откако се запишал на етнологија, овие крајности добиле друг облик. Цела година не се прибрал дома, еден период како да живел во Младинскиот културен центар, седејќи на проби кај некои бендови.
„Ама кога ќе дојдеше испитна сесија ме снемуваше скроз, и рокерот се претвораше во бубалица. Деведесеттите за мене беа период кога крајностите преминаа во тотална шизофренија. Одев на медитација, се дружев со луѓе кои беа во православната пракса, а од друга страна кога ќе дојдев дома на телевизија ме пречекуваа воените ужаси во Хрватска, а после и во Босна. Башка муабетите од околината дека медитацијата е секта и слични глупости... Сето ова ме направи едно инатливо магаре на кое сликањето му било всушност вентил“, вели Тома.
.jpg)
Зад себе имаш солидна километража. Ме интересира, од каде спојката меѓу уметноста и етнологијата? Знаејќи дека си ликовен уметник, ама студираше и на Институтот за етнологија и антропологија. Можеби овие области се повеќе поврзани отколку што лаички разбираме?
Т.Д: По завршување на средното училиште, гимназија „Јосип Броз“, не ме примија на ликовна уметност, па се запишав на етнологија. Етнологијата и сликарството не само што се поврзани, туку тоа денес е скоро исто. Како прво, многу луѓе грешат кога мислат дека етнологијата е само фолклор. Фолклорот е само дел од етнологијата. Оваа наука треба да даде одговори на тоа, како фолклорните традиции на еден народ се модифицираат во современото општество. Овде доаѓа современата уметност која денес се бави со најразлични теми. Соремената уметност, посебно концептуалната, може од секој дел на човековиот живот да направи дело, така што темите во современата уметност и темите од етнологијата често се поклопуваат. Етнологијата е многу интересна и дава увид во секоја област на човековото живеење. На студиите по етнологија има предмет кој се вика „Вовед во општа етнологија“. Тој предмет зборува што опфаќа оваа наука и како се развивала од нејзините почетоци во 19-иот век. Добро би било овој предмет да се воведе во скратена и прилагодна верзија во средните училишта. За жал, живееме на Балканот каде многу работи се изманипулирани за политички цели, а највеќе историјата и етнологијата.
.jpg)
Она што е свежо, неодамна доби „Ability аward“, за твоите заложби во културата и уметноста. Ова се награди што ги поддржуваат луѓето со атипичен развој, оние поединци и разни организации и колективи што имаат удел во инклузивните пракси. Пред трети декември заедницата се преиспитуваше што направила за луѓето со попреченост. Ти кога ја доби наградата, посочи дека „едно од нештата кое денес ги обединува луѓето, без разлика дали се со инвалидност или не, е чувството на бескорисност“. Што значи ова?
Т.Д: Ова е реалноста на нашето време. Има многу луѓе низ светот кои не одат на работа и не прават ништо по дома. Психијатрите велат дека депресијата е болест на 21-иот век. За ваквата состојба поединецот сам си е крив, но од друга страна и самото општество е криво зашто секој успех се мери со пари. Така испаѓа дека ако човек не заработува се осеќа бескорисен. Има и случаи кога човек оди на работа, заработува, а денот му поминува како зомби, или тој самиот така мисли. Факт е дека многу луѓе се осеќаат бескорисни, гледаат дека околу нас се случуваат неубави и ненормални работи и ние како поединци не можеме ништо да направиме. Само за пример да ја земеме состојбата кога на 10 метри од твојот балкон се појавува нова зграда во која живеат твоите нови комшии. Или на пример луѓето се среќни кога чекаат автобус не повеќе од 15 минути. Сите овие работи се ненормални, а ние не можеме ништо да направиме.
Како продолжение на претходното... Како Церебралната парализа ти влијае на уметноста? Можеби на некој начин и ти помогна, те поттурна да се реализираш, или да си најдеш нов сликарски ракурс?
Т.Д: Церебралната парализа ме поттурна и ме мотивира не само за сликарството туку и за сѐ друго. Тоа што сум упорен, инает, комуникатвен, тоа е сѐ под влијание на мојата церебрална парализа во комбинација со сликарството. Кога би можел повторно да се родам и кога би можел да бирам како да живеам, јас пак би одбрал да бидам со парализа и да бидам упорен и инает. Можеби ако не бев во оваа ситуација немаше да се интересирам ни за сликање ни за култура ни за медитација, во смислa на себеподобрување. Можеби ќе бев со ограничен ум и летаргичен, незаинтересиран за образование, како што се 80% од луѓето во Македонија. Голем дел од нив не се виновни зашто се такви. Светските тенденции во образованието се да направат од поединецот стручно лице што ќе си ја знае само својата област и нема да се интересира за други работи. Тоа е пракса и во нашата држава.
.jpg)
Што те тера да сликаш? Сигурно има наоколу работи што ти го отвораат мозокот, ама и те нервираат, за да собереш доволно виталност пред да му се „дадеш“ на платното?
Т.Д: „Да му се дадеш на платното“ е стара и излитена фраза. Така сликав до почетокот на 2000-ите. Новиот милениум ме направи спор. На факултет морав да бидам поорганизиран зашто мораше во одреден временски период да направам слики и цртежи за да се заврши годината. Идеите за некои дела чекаа две години, за да ги реализирам. Имам слика во атеље што ја имам почнато уште пред ковидот и сѐ уште си ја сликам и се навраќам на неа. Во меѓувреме сликам други слики, ама главно сликам полека. Затоа и нејќам колонии. Секоја слика си сака време. Секоја изложба што сум ја направил тлеела во мене повеќе години. Идејата за изложба во паркот „Ибни Пајко“ ми е од 2011 година. За некои проекти треба време работите да си дојдат на свое место. Мислам дека треба уште да успорам.
А што ме нервира кажав погоре. Ме нервира што во Македонија сѐ ставено во функција на заработувачката. Ужасно ме нервира што низ цела Македонија се уништија старите градски јадра и архитектурата од 19-иот и почетокот на 20-иот век. Во европскте земји такви делови од градовите и тој тип на градби се чуваат, им се дава нова содржна и се претвораат во туристичка атракција. Кај нас систематски се рушат. Сите знаеме дека таквите стари куќи кои се во центарот на Скопје се со застарен распоред на просториите кој не одговара на современиот начин на живот, но тие можеа да се претворат во комерцијални објекти, дуќани или канцеларии.
Ме нервира што одредени работни места во Макеедонија не се резрвирани за лицата со инвалидност. Положбата на лицата со инвалидност во нашава земја е посебна приказна и за оваа би можеле да се напишат уште 10 страни.
Ме нервира што има огромен простотилук. Невидени глупости слушам по нашиве улици. Најсвежо што чув е дека Мајка Тереза тргувала со деца од Индија и дека Свети Валентин бил хомосексуалец и ги венчавал хомосексуалците. За жал, тоа е реалноста во која живее нашиот народ. Пак ќе повторам овие луѓе не се криви за глупостите што ги зборуваат. Денешниот систем ги прави такви.
.jpg)
Во изложбата „Кодирање“, во соработка со Партизанска штампа, направивте збирка од разни твои дела. Со изложбата се осврна на дигитализацијата, оставајќи прашање дали дигитализацијата ја банализира уметноста, или овозможува да биде подостапна... Ова прашање е сѐ поактуелно, особено со развојот на вештачката интелигенција?
Т.Д: Не е проблемот дали дигитализацијата ја банализира уметноста или не. Работата е уметникот, тој што создава, да биде креативен и да ги искористи сите замки на технологијата за креација. Дали ќе не’ затупи технологијата или не тоа зависи од нас, луѓето.
Уште во 80-ите се појавија неколку автори и уметнички дела што го искористија интернетот како медиум. Од друга страна уште во 20-ите години од 20-иот век кога не ни постоеле компјутери, имало списанија за забава со кои луѓето затупувале. Децата денес затупуваат со некои социјални мрежи. На секоја социјална мрежа има идиотски работи, ама има и добри работи. Овде би требало школскиот систем да реагира и да ги искористи социјалните мрежи. На некој начин социјалните мрежи да бидат дел или помагало од образовниот и едукативниот систем и да не се користат само за забава и комуникација.
Уметноста е денес направена за малку луѓе. Народот нема време за уметност која те тера да се замислиш и да си поставуваш прашања и да мозгаш. Наместо тоа сака забава, сака нешто што ќе го релаксира од секојдневните обврски.

Дигитализацијата ја начна и во твојата изложба под отворено небо во паркот „Ибни Пајко“, наречена „Единици и нули“. Таму нагласи дека „преку дигиталната комуникација го губиме чувството за другост, разноликост и светот станува едноличен – сведен на нули и единици набиени во низа, едни налик на други“. Истовремено, потсети дека Скопје нема улична галерија. Можеби таква улична галерија ќе нè приближи токму кон другиот, а, истовремено, ќе даде видливост на „невидливите“, оние што се надвор од институционалните или извикани кругови?
Т.Д: Изложбата „Единици и нули“ зборуваше за прекумерната дигитализација на нашите животи, односно како сме си сите влезени во некој шаблон на активности и малку кој од нас сака да научи нешто ново. Со такво однесување ние личиме на машини и на компјутери. Оној што не живее на овој начин се смета за занесен и за неспособен.
Улична галерија, во еден град би била многу добра работа, место каде што пријатели би се состанувале да се видат, а во исто време да видат некоја изложба. Места низ градовите за средби, имало и ќе има. Ваква галерија би била идеално место за дружба.
Другоста денес е посебна приказна. Запознавањето на другите околу нас е најизманипулирана работа. Современите демократии што ни го пропагираат ова, се уплашени од различноста. Тие прават многу малку да ги зближат луѓето од различни националности и религии. Не се прави ништо да се запознае културата на некој, кој е од друг народ или друга религија. Во Европскте земји, на работа одат луѓе од различни нации и религии, ама нивните контакти завршуваат на работното место. Европа e во паника дека се исламизира, и не може да сфати дека Исламот е одамна дел од нејзиното културно наследство. Наполеон, кога на своите освојувања видел како Турците се бањаат секој ден, им заповедал на своите поданици војска, и тие да се бањаат. До тогаш Европејците немале навика да се бањаат. Европа во средниот век, ја изгубила навиката на бањање, што ја имало кај старите Римјани. Дека во Европските земји, вреднувањето на други култури и народи е нешто ново, зборува фактот дека некои Европски држави и по втората светска војна, луѓето од своите клонии ги третирале како животни. Овде на Балканот денес, запознавањето на друга релиѓија денес, е скоро несфатливо. Тие луѓе што имаат некакви познавања од друга релиѓија се гледаат како чудаци. Ова во Македонија се случува затоа што, градските јадра се уништија. Во нашите градови до 50–ите години заедно живееле, Македонски, Турски, Албански, Ромски, Влашки фамилии и тоа по неколку колена. Овие фамилии меѓу себе имале, комшиски живот и се почитувале. После втората светска војна во градовите се доселиле друг тип на луѓе па заедништвото и старите навики се изгубиле. Заради темпото на модерниот живот, денес е изгубен секој интерес за сознавање на нешто ново, за запознавање на културата, а и општо животот на соседите.
Сите гледаат турски серии, никој не слуша турски бендови.

Водиш емисија во „Стотројка“, кое годинава одбележува 35 години. Што значи радиото за тебе? Веројатно и тоа е дел од твоите културолошки побуди да дадеш некаков глас, порака, став..?
Т.Д: Радиото започна заради дружбата со Џоле и Лукаш. Мислам дека со нив почнав да се дружам некаде пред 2000–ита година за да во 2004 почнавме да ја правиме „Свирачиња“. Емисијата ја прекинавме некаде во 2005, а од 2009 продолжив да ја терам сам. Кога продолжив сам, морав сам да се снаоѓам, како ќе ја правам програмата. Се случија некои работи и после два години емисијата доби ново име и се претвори во емисија за поезија, па почнаа да се множат гостувања и така испадна нешто потполно поинаку. Снежана Стојчевска, Драгана Ефтимова, Ѓургица и Никстер, ми помагаа околу договорањето на гостите. Така почнав да се дружам со Ѓоко Здравевски, Васко Марковски после ја направивме „Тркалезна Маса“. Покрај тоа што се смени емисијата, се сменив и јас. Полесно ми стана да договарам гостувања, полесно ми стана да се снаоѓам со техниката, и правењето емисија ми стана навика. Велам навика, а не рутина, зошто ако нешто на човек му стане рутина, мислам дека ќе го снема ќефот, а тоа е најважно.
Сега после дваесет години, мислам дека тој ќеф е исто толку голем, затоа што гледам дека кога ќе почнам да водам емисија, а тоа е најчесто со гостин, заборавам на сите мои грижи. Баш ми е гајле дали некој ме слуша, баш ми е гајле дали некој ме разбира. Во текот на овие 20 години мислам дека во „103–ка“ создадовме еден посебен начин на водење радио емисија, а тоа е разговорите цело време да одат во живо и да не се шминкани и снимени однапред. Добра работа во сево ова е тоа што колегите од радио ме поддржуваат и самите ми велат дека треба да се слуша мојот глас и начинот на зборување во етерот.

Често можеме да те видиме во колективната уметност. Заедно со сликари, активисти, поети, музичари... Веројатно уметникувањето во заедница е посебна приказна, бидејќи тоа е збир од карактери и искуства, собрани на купче, со цел да го подобрат целиот тој колектив, ама и околината?
Т.Д: Создавање уметност во заедница мoже да може да биде позитивно, а може и да се одрази негативно на уметникот. Во нашава земја има кругови кои создаваат уметност и таа уметност е наменета за продаање. Главната задача на тие здруженија и собиранки е, тоа што ќе го напраат да биде за продавање. Јас сум глуп, и нејќам да праам слики за продавање. На „ФИУК“ саем и на „Македокс“ монтирам штанд и ги продавам графиките и картичките кои се репродукции. Ама сликите не ми се даваат.
Кога ќе најдеш истомисленици, тоа е правото друштво кое ти одговара за креативност. Доброто е што моите пријатели не ми ги прават муабетите околу продавање на тоа што го правам и продавањето не им е главниот мотив за креација. Муабетите со нив се, си можел вака, си можел онака, и слични сугестии. Меѓу луѓето со кои се дружам зборот „комерцијално“ означува нешто направено со послаб квалитет.
Скопје е голем град, и има секакви слоеви. Луѓето што се бават со култура се малку, ама и тие се некако поделени. Мислам дека нема доволно мешање на овие групации кои се бават со различни културни дејности и не работат доволно заеднички проекти и заеднички настани. Ентузијазмот останува некаде до триесетина години. Зошто „103-ка“ ги подржува младите бендови? Затоа што нив ги води ентузијазмот и креативноста. Тие не се замараат, кој што ќе каже за нив, а најмалку се замараат дали ќе заработат од нивната музика. Кога влегува човек во работен однос, губи енергија и креативноста ја става под тепих. Малку се оние што одат на работа имаат фамилии и обврски, а пак учестуваат во културни активности без да кукаат дека не им е платено.
.jpg)
За крај, одиме напред, кон иднината. Дел си од уметничката и културна сцена, особено онаа независната. Тука се појави млад бран, што е логичен генерациски продолжеток, но што треба младите да знаат за да го продолжат факелот? Треба ли нешто да „соберат“ од постарите, или да тераат по свое, без вртење назад?
Т.Д: Жими мајка не ми е јасно што е тоа независна културна сцена. Сите се фалат дека се дел од независната културна сцена, а секој ноември конкурираат во Министертство за култура. Уметноста не можеш да ја поделиш на стара и нова. Уметноста се дели на добра и лоша, искрена или не искрена. Мојот пријател Јане Пенов велеше: „Или свириш или лажеш“.
Факт е дека може од постарите генерации, од постарата музика, сликарство... може многу да се научи. Да не зборуваме за драмските дела и литературата. Психологијата на човекот останала иста 20 века, само околностите се менуваат. Таа човечка психа ги прави мотивите во уметноста. Затоа некои теми и литературни дела се вечни.
Гледајте што се случува со момците од „Гола планина“. Најстариот од нив има околу 30 години, а нивната музика звучи како краутрок од 70–ите. Тоа е време кога нивните родители биле деца и слушале „Златно Славејче“. Значи овие момци прават музика која нивните родители не ја ни забележувале, а постоела во нивната младост. Музиката ако те понесе е добра, без разлика од кој период е.
Во правење на дело, најважно е да да бидеме искренни, да не се замараме со мислењето на јавноста и критиката и да не ги следиме трендовите. Трендовите ја ограничуваат креативноста. Сум видел многу дела кои се со современ пристап и современи алатки, ама не оставаат некој јак впечаток, не остануваат во мислите, не побудуваат никакви размислувања и прашања.
Младите уметници, творци треба да ги анализираат делата од нивните претходници. Да не се ограничуваат само на својот медиум. Сликарството, визуелната уметност, театарот, литературата, музиката, треба да бидат во интерес на секој млад творец, без разлика од која бранша е. Никогаш не се знае кое дело ќе те понесе за сам да направиш нешто ново.

Фотографии: Небојша Гелевски од книжевниот фестивал „Друга приказна“, 2023, во рамките на кој, во „Бруталиск“, Тома Димовски имаше изложба, „Гоблени-гребаници“.
.jpg)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.