1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Би се рекло дека членовите на кабинетот на Доналд Трамп не се избрани и покрај тоа што поддржуваат насилство, туку токму поради тоа. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет беше познат главно како ТВ-водител кој многу се грижеше за својот изглед и беше подготвен да ги брани воените злосторства. Министерот за внатрешна безбедност Марквеј Малин очигледно се гордее со тоа што го предизвикуваше сведокот да се тепа со него за време на сослушување во Сенатот и одби да се извини зашто нападот врз колегата сенатор Ранд Пол го оцени како „разбирлив“. Ниту една американска администрација не го величела убивањето толку отворено како што тоа денес го прави пропагандната машинерија на Белата куќа со своите срамни снимки од стравотиите на иранската војна.
За разлика од фашизмот во 20 век, овде нема обид да се промовира или симболички да се награди саможртвувањето – овде се убива од далечина, во стил на видеоигри, и убивањето не се оправдува со стратешки цели, туку со навидум неконтролирани емоции (бес или желба за одмазда). А сето тоа е придружено со признанија дека ќе бидат прекршени основните закони на војувањето. Вистинските војници, кои добро ги познаваат кодексите на честа, не би го удирале непријателот кој веќе паднал – за разлика од она што го прават во фантазиите на Пит Хегсет кои тој ни ги соопштува со леснотија на расипан телевизиски дрдорко.
Доналд Трамп никогаш не ја криел желбата за доминација и подготвеноста своите приврзаници да ги повика на насилство. На своите митинзи отворено повикуваше на физичка пресметка со разни луѓе. Ги помилува најнасилните учесници во нападот на Капитол на 6 јануари 2021. Но за време на неговиот прв мандат, „оската на возрасните“ главно ги држеше под контрола неговите најлоши нагони. По „излетот“ во Венецуела и серијата потопувања бродови во нејзините води, Пит Хегсет, а по сè изгледа и Марко Рубио, како да се опијанети од идејата за специјални воени операции кои молскавично ги решаваат работите без губење американски животи. Освен тоа, тоа одлично изгледа на телевизија. Опседнатоста на Трамп со визуелноста и реквизитите ја зарази целата негова администрација: ако пред камера мавтам со куп хартија, сите ќе ми поверуваат дека сум чесен или дека имам одличен план за американското здравство.
Може да се каже дека Трамп ја третира глобалната кампања на обезглавување како понапредна верзија на своето реално шоу The Apprentice, збогатена со испукување боева муниција – како некој да му дал задача да ги отстрани лидерите на некои држави и да им избере замени. Во историјата веќе имавме идеологија чија пропаганда се вртеше околу глорификацијата на насилството. Фашистичкиот слоган беше „Да живее смртта“. Движењето на Бенито Мусолини започна со ветерани, кои дуче ги славеше како „ровократија“ – аристократија на војници искалени во рововите. Се градеа џиновски костурници. Во некои од нив беа натрупани коските на 100.000 загинати војници. Тие имаа улога да ги поттикнат идните жртви. Нацистите на својата младина ѝ сервираа слогани како „Родени сме да умреме за Германија“.
.jpg)
Се чини дека Пит Хегсет и дружината исто така промовираат крајно нихилистички култ на смртта. Но тие го слават убивањето со притискање копче, убивање луѓе оддалечени илјадници километри. Во исто време, Американците убиени во војната се обесчестени: Доналд Трамп го користи преносот на нивните посмртни останки во САД за рекламирање МАГА-стока и за собирање парични донации.
Почитувајќи ја желбата на својот господар за целосна доминација и уништување, Пит Хегсет на телевизија во живо најавува идни воени злосторства и поттикнува бесмислена суровост („ги удираме и кога ќе паднат“). Опсцената фиксација на „смртоносноста“ е дел од тој поместен поглед кон војната како кон најголемо можно разорување и нанесување болка, а не како постигнување стратешки цели – кои оваа администрација, впрочем, не ни умееше да ги артикулира.
Реалноста на војната целосно им бега на гледачите, бидејќи етерот е исполнет со бесконечна низа забавни слики и празни разговори. Се чини дека особено Пит Хегсет, склон кон претерано комичен јазик и алитерации („бурни, а не будни“), не е во состојба да артикулира ништо освен клишеа („нескршлива волја“) или призори на христијански национализам, спротивно на Првиот амандман на Уставот на САД кој строго ја раздвојува државата од црквата и забранува фаворизирање која било религија. Затоа граѓаните кои на колена, во името на Исус Христос, се молат за нашите војници не би смееле да бидат лакмус тест за американскиот патриотизам.
Без намера Пит Хегсет да го поистоветиме со Адолф Ајхман, да се потсетиме како Хана Арент во својата книга за судењето на Ајхман го опиша нацистичкиот бирократ: како човек неспособен да размислува со своја глава кој наместо смислен говор произведува бесконечна низа празни фрази.
Дали тоа ќе овозможи легитимирање на незаконитата војна со Иран? Пит Хегсет со своите фантазии го зарази и самиот Пентагон. Наместо прес-конференции, со критички прашања и искрени одговори, имаме љубезен разговор меѓу „министерот за војна“ – што е измислена титула, бидејќи Конгресот не дозволи промена на името на Министерството за одбрана – и луѓе од дворските медиуми.
И покрај тој дополнителен слој изолација од реалноста, Пит Хегсет упорно повторува дека медиумите немаат доволно позитивен однос кон американските напади врз Иран. Како и многу припадници на движењето МАГА, склони кон разни инфантилни скечеви што треба да ја покажат нивната машкост, и Хегсет има многу слабо его кое не е способно да се соочи со демоните на нашата страшна реалност, кои толку лесно и неразумно беа пуштени од шишето.
.jpg)
Карикатури: Osama Hajjaj
Извор: https://www.theguardian.com/