1017 hPa
40 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 13:59

Мадлен Шапсал: Психоаналитичарот е застрашувачки лик. Изгледа како некој кој може да манипулира со личноста онака како што тој сака, како некој кој знае повеќе за мотивите на нашите постапки од нас самите.
Жак Лакан: Не претерувајте. Мислите дека тој ефект е резервиран исклучиво за психоаналитичарот? Економистот е, за многумина, исто толку мистериозен како аналитичарот. Во нашево време, експертот е тој што застрашува. Во психологијата, дури и кога таа беше сфатена како наука, секој сметаше дека има увид однатре. Сега, со психоанализата, имаме впечаток дека сме ја изгубиле таа привилегија, дека аналитичарот можеби би можел да биде способен да види нешто потполно скриено во она што нам ни се чини јасно и интимно. Во ситуација сте да лежите голи, незатскриени, пред добро информирано око, без да знаете што сè му покажувате.
ДРУГИОТ СУБЈЕКТ
Па тоа е вид тероризам. Да се чувствуваш толку насилно грабнат од себеси.
Психоанализата, во човечкиот поредок, всушност ги има сите субверзивни и скандалозни атрибути кои ги имаше и коперниканското децентрирање на космичкиот поредок: Земјата, местото каде што живее човекот, не е веќе центар на универзумот! Бам! Психоанализата објавува дека Вие веќе не сте центар на самите себе, бидејќи таму има уште еден субјект внатре во Вас, Несвесното. На самиот почеток тие вести не беа пријателски дочекани. Учењето на Фројд беше дефинирано како ирационализам! Меѓутоа, токму е спротивното: не само што тој го рационализираше она што дотогаш ѝ се опираше на рационализацијата, туку покажа дека веќе во самата акција се крие постапката на заклучување; односно, постои нешто што заклучува и функционира логички, без знаење на субјектот. Сето ова, ако класично се согледа, доаѓа во полето на ирационалното; да го наречеме поле на страсти.
Токму ова на Фројд не му беше простено. Неговото воведување на сфаќањето на сексуалните сили кои го совладуваат субјектот без предупредување и логика, уште некако и беше прифатено; меѓутоа, дека сексуалноста е место на говорот, дека неврозата е болест која говори, што значи нешто чудно, тоа дури и неговите ученици повеќе сакаа да го игнорираат, да зборуваат за нешто друго.
Аналитичарот не смее да биде сфатен како „инженер на душата“; тој не е лекар, тој не работи воспоставувајќи причинско-последични релации; неговата наука е читање, читање на значењата. Токму поради ова тој е, не знаејќи што се крие зад вратата на неговата канцеларија, често гледан како волшебник, можеби најмоќен од сите.
Волшебник кој ги открива сите тие страшни тајни?
Би било добро да ја прецизираме природата на овие тајни. Тоа не се тајни на природата – тајни кои ги откриваат биолошките науки и физиката. Доколку психоанализата и разјаснува некои факти за сексуалноста, тоа не го прави целејќи кон нив во нивната стварност, во биолошкото искуство.
.jpg)
АРТИКУЛИРАНО И ДЕШИФРИВО
Дали Фројд, на некој сличен начин како што се открива непознат континент, откри нова димензија на психичкиот живот која се нарекува „несвесно“, или е нешто друго во прашање? Фројд е Кристофер Колумбо!
Не моравме да го чекаме Фројд за да сфатиме дека постои дел од психичките функции кој е надвор од дофатот на свесното! Доколку баш сакате споредба, Фројд би бил попрво Шамполион!1 Фројдовското искуство не почива на ниво на организација на инстинктот и животните сили. Фројдовското искуство нив ги открива применувајќи се, ако така можам да кажам, на секундарната сила. Фројд не се занимава со ефектите на инстинктот во нивната примарна сила. Она што подлежи на анализа подлежи токму оти е веќе артикулирано во она што ја чини сингуларноста на историјата на субјектот. Субјектот во тоа може да препознае онолку колку што психоанализата овозможува трансфер на оваа артикулација.
Со други зборови, кога субјектот „потиснува“, тоа не значи дека субјектот одбива да освести нешто како што е инстинктот, како што е, на пример, сексуалниот инстинкт кој би се манифестирал во хомосексуална форма – не, субјектот не ја одбива својата хомосексуалност, тој го потиснува говорот во кој оваа хомосексуалност има улога на означител. Видете, не е во прашање неодредена, неизвесна работа која се потиснува; тоа не е вид потреба или тенденција која би можела биде артикулирана (и која не може да се артикулира оти е потисната); во прашање е дискурс кој е веќе артикулиран, веќе формулиран во јазикот. Сè е токму тука.
Велите дека субјектот го потиснува дискурсот артикулиран во јазикот. Сепак, ние не се чувствуваме така кога ќе сретнеме личност која има психолошки потешкотии, плашлива личност, на пример, или опсесивна. Нејзиното однесување делува апсурдно, некохерентно; и доколку би нагаѓале дека ова може да има некое значење, тоа нагаѓање би било непрецизно, изведено со неодлучен тон, поимливо на пониско ниво отколку што е тоа нивото на јазикот. Од друга страна, некој кој се чувствува совладан од опскурни сили кои ги нарекуваме невротични, совладан е токму од сили кои се манифестираат како ирационални акции придружени со конфузија и анксиозност!
Симптомите, оние за кои верувате дека можете да ги препознаете, ви се чинат ирационални оти ги земате како изолирани, и зашто сакате да ги интерпретирате директно. Да ги земеме, на пример, египетските хиероглифи. Додека бараме директно значење – грабливци, пилиња, мажи кои стојат, седат или се во движење – дешифрирањето изгледа невозможно. Доколку се посматра сам за себе, знакот „грабливка“ не значи ништо; тој добива означителска вредност дури кога ќе се согледа внатре во контекстот на групата системи на која ѝ припаѓа. Анализата се занимава со овој поредок на феномени. Тие му припаѓаат на поредокот на јазикот (фр. langagier).
Психоаналитичарот не е истражувач на непознат континент, ниту на големи длабочини; тој е лингвист. Тој учи да го дешифрира писмото пред неговите очи, кое е присутно за сечиј поглед; сепак, тоа писмо останува недешифриво доколку ни недостасуваат неговите закони, неговиот клуч.
.jpg)
ПОТИСНУВАЊЕТО НА ВИСТИНАТА
Велите дека ова писмо е „присутно за сечиј поглед“. Сепак, доколку Фројд кажал нешто ново, тоа е токму тоа дека сме во психичкиот живот болни оти прикриваме, сокриваме дел од себе, потиснуваме. Меѓутоа, хиероглифите не се потиснати, тие се врежани во камен. Значи, Вашата споредба не може да биде комплетна?
Напротив, таа мора да биде дословно сфатена. Она што треба да се дешифрира во анализата на психата е цело време тука, присутно од самиот почеток. Вие зборувате за потиснување, заборавање на нешто. Како што тоа Фројд го формулирал, потиснувањето е неодвоиво од феноменот „враќање на потиснатото“. Нешто продолжува да функционира, нешто продолжува да зборува на местото каде што е потиснато. Благодарение на тоа можеме да го лоцираме местото на потиснувањето и болеста, велејќи „тоа е таму“.
Ова сфаќање е тешко да се разбере оти кога зборуваме за потиснување, ние веднаш замислуваме притисок – притисок како во балон, на пример. Во прашање е, значи, неодредена маса, недефинирана, која со целата своја тежина врши притисок на вратата која одбиваме да ја отвориме. Во психоанализата не се работи за репресија на нештата, туку за репресија на вистината. Што се случува кога сакаме да ја потиснеме вистината? Целата историја на тиранијата е тука да ни даде одговор. Вистината се изразува на друго место, во друг регистар, во шифриран, таен јазик. Тоа е токму она што се произведува со свеста.
Вистината, потиснатото, ќе опстане, и кога ќе се пренесе во друг јазик, во невротичниот јазик.
Освен што во тој момент веќе не можеме да кажеме кој е субјектот кој зборува; туку, дека „тоа“ зборува, дека тоа продолжува да зборува. Тоа може да се дешифрира на истиот начин на кој и ние можеме да дешифрираме, што значи, со многу потешкотии; во прашање е, значи, изгубено писмо. Вистината, пак, не е уништена, таа не паднала во амбис. Таа е уште тука, дадена, присутна, но претворена во несвесно. Субјектот кој ја потиснал вистината не е веќе господар, тој не е во центарот на својот дискурс; нештата продолжуваат да функционираат самостојно, но и дискурсот продолжува да се артикулира, но „надвор од субјектот“. А ова место, ова „надвор од субјектот“ е токму она што го нарекуваме несвесно.
Може јасно да се види дека она што сме го изгубиле не е вистината; изгубен е клучот за новиот јазик во кој таа се изразува од тој момент натаму.
.jpg)
МРЕЖА
Дали е тоа Ваша интерпретација? Се чини дека не е Фројдова?
Прочитајте ја книгата Толкување на соништата, прочитајте ја Психопатологија на секојдневниот живот, прочитајте го текстот Дoсетката и нејзиниот однос кон несвесното. Доволно е да ги отворите овие дела на која било страница и ќе го пронајдете токму она за што зборувам.
Терминот „цензура“, на пример. Зошто Фројд веднаш го употребува, дури и на ниво на интерпретација на соништата, за да ја именува оваа ограничувачка непоколебливост, оваа потиснувачка сила? Цензурата, како што знаеме, е оваа anasthasia (воскресение), таа принуда која функционира и работи како ножиците. А врз што? Не врз што било, туку најпрво врз она што е подложно на пресликување (susceptible of being printed) во дискурсот, во дискурсот изразен во јазикот.
Да, лингвистичкиот метод е присутен на секоја страница од Фројдовата работа; Фројд цело време нуди референци, аналогии, лингвистички паралели. И секако, на крајот, во психоанализата од пациентот се бара само едно, една работа - да зборува. Доколку психоанализата постои и доколку има ефекти, тоа се случува само во полето на исповедта и говорот.
Сепак, според Фројдовото, и според моето мислење, човечкиот јазик не извира од човечките суштества како фонтана. Погледнете го само начинот на кој детето го гради своето искуство, како што вообичаено ни се претставува: кога ќе стави прст на тавчето, тоа се изгорува. Почнувајќи од моментот кога детето ќе се сретне со топлото и ладното, со опасноста, се инсистира на тоа дека сè што му преостанува е да дедуцира, да реконструира цела цивилизација.
Тоа е апсурдно. Почнувајќи од фактот дека се изгорело, детето се соочува со нешто што е многу поважно од сензацијата за топло и ладно. Во моментот кога ќе се изгори, секогаш во близина се наоѓа некој кој ќе му одржи цел говор за тоа. На детето, всушност, ќе му биде многу потешко да влезе во овој лингвистички дискурс во кој сме го потопиле, отколку да научи да го избегнува жешкото тавче.
Со други зборови, оној кој се раѓа, најпрво се среќава со јазикот; тоа е даденост. Тој е фатен во јазикот дури и пред своето раѓање. Зар нема граѓански статус? Да, детето кое допрва треба да се роди веќе е, од глава до петици, фатено во мрежата на јазикот која го вовлекува, истовремено заробувајќи го.
.jpg)
ЈАСНО Е, ВО СЕКОЈ СЛУЧАЈ
Преведувањето на невротичните симптоми во совршено артикулиран јазик е тешко, оти не знаеме кому му е наменета пораката. Симптомите не се наменети никому, бидејќи ни болната личност всушност не ги разбира и потребен е специјалист да ги дешифрира! Можеби хиероглифите станале неразбирливи, но во времето кога се користеле, биле направени за да пренесуваат одредени пораки до одредени луѓе. Па каков е тогаш овој невротичен јазик?
Тоа не е само мртов јазик, тоа не е ни само приватен јазик, бидејќи е неразбирлив и за оној кој го зборува?
А сепак, јазикот е нешто што користиме. Овој јазик, напротив, е заплеткан. Да ја земеме за пример опсесивната личност. Таа секако би сакала да се ослободи од фиксираната идеја, да избега од стапицата.
Ова се токму парадоксите кои се објекти на откривање. Сепак, ако јазикот не е упатен до Другиот, тој не може ни да се разбере благодарение на другиот во психоанализата. Сè друго е прашање на познавање на тоа што тој јазик е, а за да се стори ова потребно е тој да се ситуира во случајот; тоа бара долго време за да се развие; во спротивно ќе ни делува како клопче од неразбирливост. Сепак, тој јазик е тука, и тука јасно се укажува она за што зборувам: начинот на кој потиснатиот дискурс на несвесното се преведува во регистарот на симптоми. Сега гледате до која точка е ова прецизно. Ја споменавте опсесивната личност. Следете ги Фројдовите размислувања кои ги изложи во Пет психоанализи, во поглавјето Човекот-стаорец. Човекот-стаорец бил мошне опсесивен. Во прашање е млад човек кој го пронашол Фројд во Виена за да му каже дека пати од опсесии. Тие понекогаш се искажувале како интензивни грижи насочени кон неговите сакани, а понекогаш како желба да изврши импулсивни чинови, на пример, да си го пресече грлото, или конструирал забрани кои се однесувале на потполно неважни нешта.
.jpg)
ЧОВЕКОТ-СТАОРЕЦ
А што е со сексуалноста?
Тука наоѓаме грешка во терминологијата! Опсесивноста не значи нужно сексуална опсесија, ниту опсесија со нешто посебно; да се биде опсесивен значи да се биде фатен во своевиден механизам, во стапица која е сè попредизвикувачка и која нема крај. Опсесивната личност мора да оствари чин, должност; ја преплавува посебна анксиозност. Дали ќе успее да го постигне тоа? Еднаш кога ќе го изврши, таа пати од исцрпувачка потреба тоа некако и да го потврди, но не се осмелува, оти се плаши дека на другите луѓе ќе им изгледа како да е луда, иако во исто време знае дека го остварила тоа; ова ја обврзува на сè поголеми циклуси на верификации, претпазливост, оправдување. Фатена на овој начин во внатрешен вртлог, опсесивната личност не може да дојде до состојба на смиреност, задоволство. Сепак, опсесивната личност е далеку и од делириум. Таа нема никакви убедувања, туку само некој вид потреба, потполно неодредена, која ја остава многу несреќна, во патење, без надеж, која ја остава препуштена на таа необјаснива принуда која доаѓа од нејзината внатрешност, а која не ја разбира.
Опсесивната невроза е честа појава и може да помине незабележано ако не обрнуваме внимание на малите сигнали кои ги оддава. Луѓето кои патат од оваа болест добро се снаоѓаат на своите општествени позиции, дури и ако нивниот живот е опустошен, нагризен од патењето и развојот на неврозата. Познавав луѓе кои беа на важни позиции, не само почесни, туку и на водечки позиции, луѓе со големи и широки одговорности кои во потполност ги преземаа на себе, но ни во тој случај не беа, секојдневно, помалку жртви на своите опсесии.
Ваков бил и случајот со Човекот-стаорец, вознемирен, заробен од враќањето на своите симптоми кои и го довеле на консултација кај Фројд во Виена, каде што учествувал во важни воени вежби како воен резервист. Човекот-стаорец го прашал Фројд за совет во врска со една досадна приказна за долг на поштенската служба и праќање очила, во која на крајот се изгубил. Доколку почнеме да ја следиме неговата приказна, сè до неговите сомнежи, ќе пронајдеме сценарио кое го создал неговиот симптом, сценарио кое се однесува на четири лица и кое води до брак чиј плод е овој субјект, сценарио кое е, чекор по чекор, транспонирано во широк сет маниризми на кои овој субјект не ни помислувал.
Каква е приказната?
Долгот на неговиот татко, офицер, настанат од измама, растел. Таткото го изгубил воениот чин поради извршено злосторство; во приказната имало заем кој му овозможувал да го исплати долгот, како и нејасен аспект на враќање на парите на пријателот кој му помогнал, и на крајот предавство на љубовта преку брак кој му овозможил статус.
Во текот на своето детство, Човекот-стаорец ги слушал овие приказни, некои отворено, а некои прикриено. Изненадувачки е фактот дека она што се враќа од потиснатото не е некој одреден настан или траума; во прашање е драматична констелација која владела над неговото раѓање, неговата преисторија. Тој е потомок на легендарното минато. Оваа предисторија се враќа низ симптомите кои ја претставуваат таа предисторија во непрепознатлива форма, кои се ткаат во мит, претставен од страна на субјектот кој не е ни свесен за тоа. Бидејќи овој мит е транспониран како јазик или писмо, можеби е транспониран и во друг јазик со други значења, тој е повторно испишан без модификација на поврзаноста; како што фигура во геометријата се трансформира од сфера во рамнина, што не значи нужно дека една фигура може да се трансформира во која било друга.
Како оваа приказна понатаму се развива, што понатаму се случило?
Слушајте добро... Не реков дека лекот за неврозата се наоѓа преку овој пат. Добро знаете дека во врска со случајот на Човекот-стаорец постои и нешто друго за кое сега не можам да зборувам. Доколку предисторијата би била доволна за потекло на свеста, сите би биле невротици. Во прашање е поврзаноста со начинот на кој субјектот ги претпоставува нештата, ги прифаќа или ги потиснува. А зошто некои луѓе потиснуваат одредени работи?
Во секој случај, одвојте време да го прочитате случајот на Човекот-стаорец користејќи го клучов кој го проникнува, дел по дел; во прашање е транспозиција во друг фигуративен јазик, потполно неперципиран од страна на субјектот, нешто што може да биде сфатено само како дискурс.
.jpg)
Слики: Wayne White
Избор и превод: Тим Дисензус
Извор: „Clefs pour la psychanalyse“, во: L'Express, 31 мај 1957.
1 Француски египтолог, кој ги дешифрирал египетските записи. (прев.)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.
.jpg)