1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

ПРИЈАТЕЛКА
Сакав да те видам и навратив тогаш
во таа топла, потстанарска соба.
Со образи бледи и чело во оган,
ти љубезна беше – слатките ги пробав.
Разговорот скржав со молк беше везен:
штедевме зборови ко злато да беа...
По лимони потем во продавница влезе,
а јас чекав надвор, крај излогот в стреа.
Од мастика, ментол, видов етикети
зелени и сини, покрај кои мина
со фустанот розов. Беше толку фина!
Рече: „Лимон нема, но имам таблети!“
По тие таблети, без можност да сфатиш,
сета скришна љубов тој ден ти ја пратив!
ПЕСНА ЗА ПРСТЕНИТЕ
Трепетот на срцето – бегство од осамата.
Каде ли е тајната?! Кога почна драмата?!
Адреса сме добиле, можеби во гените.
Колку само тежеа во сните прстените?!
Златни или сребрени, камчиња бесценети,
блескаат на прстите за допир наменети.
Патуваат пораки при полна месечина
да допрат соѕвездија во дална далечина.
Зрачат во вселената како и антените –
нема да се изгубат за љубов родените!
Може да ги купиме, со крв да ги платиме.
Може да ги коваме, никел да позлатиме.
А наместо камчиња – од очите зеници,
да се огледуваат верните свршеници!
.jpg)
ПИСМАТА ОД СОНОТ
Меѓу двете куќи крај реката слегов.
Надојдена беше, ама чудно чиста.
Купишта хартии догледав на брегот
и здиплени писма двесте или триста!
Познав чија рака дамна ми ги пиша.
Сакав да ги земам, но бранот ги дигна!
Матицата почна пликови да ниша
и немаше друго: морав да ги стигнам!
Немирната вода блескаше ко срча.
Босоног кон мостот и надолу трчав –
до првото писмо мачен беше патот!
На благиот завој, со надеж си реков,
ќе го фатам него! Потем – спроти текот,
додека го зберам сето бело јато!
СОНОТ
Бевме толку блиску и времето кажа:
по првата средба нè врзала алка!
Од сласта и страста, сите што нè лажат,
посакав да бегам, а и денес талкам.
Без допири груби! Ко месечар тивок,
од далеку љубов, низ магла те гледав.
Невистинит стана мојот сонлив живот:
светлоста над ридот морав да ја следам.
Таа детска игра дамна ми се свиде:
избегнувам нешто, одложувам везден,
да биде подоцна, никогаш да биде!
Останува сонот како бунар ѕвезден.
Колку вреди сега?! Сфатив: нема цена
и за ништо веќе нема да го сменам!
.jpg)
ОВОШКАТА НА СОНОТ
Овошка е сонот. Медна пита слатка.
Плодовите зреат на секоја ветка.
Под тенката кора се наоѓа јатка –
со неонска светлост таа ноќе светка.
Виножито. Море. Сонце. Срп од луна.
Амброзија. Нектар. Ерусалим. Нара.
Ливада и шума. Делфин. Видра. Куна.
Нешто толку скапо долго што се бара.
Ризница од митот. Извор. Поле. Река.
Прав од злато. Срма. Дијадеми сјајни.
Од најмила песна мелодична ека
во предели тропски и на места тајни.
Овошка е сонот, и вкусна, и зрела,
а над неа зуи опиена пчела.
ВРЕМЕТО СЕ ПЛАСТИ ЧИСТО КАКО ПАМУК
Времето се пласти чисто како памук.
Од белина слепи можеби сме ние.
Минуваат лета. Сè поретко таму
свраќаме со чувство ко нешто да гние.
Не знаеме зошто морници нè лазат.
Косата се ежи, подзапира здивот.
Од дивечот влакно, пердувче од фазан,
докази се дека уште има живот.
Буков трупец, базје, ете добро зглавје,
на грб да се лежи под ѕвездени јата.
Извор и ливада вдахнуваат здравје –
одовде е можно ѕвезди да се фатат.
Далечни и блиски, сите горски чуда,
уморното око од сонот го будат.
.jpg)
Слики: Camille Bernard
Tоде Илиевски (Мраморец, Охридско, 1952 - 2022, Охрид) – поет, писател за деца и за млади, енигматичар и шаховски проблемист.
Автор е на поетските книги „Концерт за шумите“ (1992), „Зелен блен“ (2001), „Лов на Лебедовото езеро“ (2008) и „Пролетен ветер“ (хаику, 2012) и на четири книги поезија за деца.