Клучевите за психоанализата - разговор со Жак Лакан (2) (1957)

01.04.2026 15:09
Клучевите за психоанализата - разговор со Жак Лакан (2) (1957)

 

ДА СЕ ЗНАЕ ПОВЕЌЕ И ПОДОБРО

Можеби потиснатата вистина е артикулирана, како што велите, во дискурсот кој предизвикува страшни последици. Но, во случај кога некој доаѓа кај Вас, тој некој не доаѓа за да ја пронајде вистината. Тоа е некој кој ужасно пати и кој сака да биде ослободен од својата болка. Доколку добро ја паметам приказната за Човекот-стаорец, таму постоела и фантазија за стаорци.

Со други зборови, додека ние се грижиме за вистината, некој пати. Во секој случај, пред да посегнете по инструментот, важно е да знаете што е тој, како е тој направен! Психоанализата е ужасно ефикасен инструмент, а поради тоа што станува сè попрестижен инструмент, ризикуваме да почнеме да го користиме за целта за која не е создаден, и со тоа да го деградираме.

Затоа е важно да се тргне од основното: каква е оваа техника, која е нејзината цел, кои се нејзините последици, последици кои можат да дојдат по нејзината едноставна и чиста примена?

Феномените кои ѝ припаѓаат на психоанализата се од поредокот на јазикот. Станува збор за изговорено препознавање на битните елементи од историјата на субјектот, историја која е исечена, прекината, историја која паднала во опачината на дискурсот. Во однос на последиците кои ги одредуваме така за да припаѓаат на анализата, аналитичките ефекти – како што може да се каже и за механичките или електричните ефекти – тие имаат природа на враќање на потиснатиот дискурс. Можам да Ве уверам во тоа дека штом ќе го сместите субјектот на каучот и ќе му ги објасните аналитичките правила во кратка форма, субјектот веќе станува воведен во димензијата на потрага по својата вистина.

Да, само од фактот дека мора да зборува, како што мора пред другиот, пред тишината на другиот – тишина која ниту е одобрувачка ниту неодобрувачка, туку која е попрво внимателна – субјектот ја чувствува како исчекување, а ова исчекување е токму исчекувањето на вистината.

Него исто така го привлекува предубедувањето веќе спомнато: верувањето дека овој другиот, експертот, аналитичарот, знае нешто за него за што ни самиот не е свесен; присуството на вистината е со ова утврдено, таа е тука во имплицитна состојба.

Болната личност пати, но сфаќа дека тоа е патот по кој мора да тргне за да се издигне, за да ја подобри својата состојба на патење токму по патот на поредокот на вистината: да знае повеќе и да знае подобро.

Човекот е, значи, битие на јазикот? Дали ова е нова репрезентација на човекот, која му ја должиме на Фројд; човекот е некој што говори?

Дали јазикот е суштина на човекот? Ова е прашање кое не ми е неинтересно, и не ги презирам луѓето кои, од сè она што го зборувам, ги интересира токму ова, но ова е прашање од сосема поинаков поредок и, како што јас некогаш велам, тоа е сосема споредна работа.

Јас не се прашувам „Кој зборува?“; се трудам да го поставам прашањето на поинаков начин, на попрецизно формулиран начин. Јас прашувам „од каде се зборува“?

Со други зборови, доколку сум се обидел нешто да елаборирам, тоа не е метафизичка теорија, туку теорија на интерсубјективноста. Почнувајќи од Фројд, центарот на светот не е таму каде што мислевме дека е; мораме да тргнеме од таа претпоставка.



Ако она што е важно е говорот, да се пронајде сопствената вистина низ зборови и исповед, дали тогаш анализата би можела да стане замена за религиозната исповед?

Не сум специјализиран да зборувам за религиозни прашања, но морам да кажам дека исповедта е света тајна која не е тука за да задоволи одредена потреба за доверба... Одговорот на свештеникот, дури и ако е утешен, охрабрувачки, дури и ако помага упатувајќи на нешто, не претендира на тоа да ја направи исповедта делотворна.

Од догматска точка, целосно сте во право. Сепак, исповедта е поврзана, барем во некои раздобја на христијанската ера, со она што се нарекува управување со совеста (direction of conscience). Зарем ова не би требало да биде поврзано со полето на психоанализата? Да се натера некој да ги исповеда своите постапки и намери, да се води духот кој трага по својата вистина?

Управувањето со совеста го разгледувале на различни начини духовни поединци. Дури во некои случаи можеме да видиме дека тоа може да биде извор на различни практики на злоупотреба.

Со други зборови, членовите на религиозните редови треба да го одредат местото и значењето кое му го придаваат на совеста.

Но, ми се чини дека никој кој управува со совеста не би бил вознемирен од техника чија намера е да ја открие вистината. Сум видел како важни членови на религиозните заедници заземаат позиции во случаи на многу деликатни афери, каде што во прашање доаѓа нешто што го нарекуваме семејна чест. Нивната одлука да ја сокријат вистината секогаш резултирала со катастрофални последици.

Дополнително, сите управувачи со совеста ќе Ви кажат дека најтешко се справуваат со опсесивни и премногу обѕирни личности; всушност, тие баш и не знаат како да се носат со нив: што повеќе се трудат да ги смират, станува сè полошо; колку повеќе се трудат да им дадат објаснувања и причини, тие сè повеќе им доаѓаат со апсурдни прашања...

Аналитичката вистина сепак не е ни толку мистериозна, ни толку тајна, за да не ни дозволи да видиме дека луѓето кои имаат талент за управување со совеста ја гледаат вистината која спонтано се појавува.

Меѓу членовите на религиозните редови познавав многу луѓе кои разбираа дека, на пример, покајничката која се жалела на своите потреби за нечистотија требало да биде доведена до следното ниво на прашањето: дали праведно се однесувала кон своите деца и слугинката? Токму ова брутално потсетување довело до изненадувачки ефекти.

По мое мислење, управувачите со совеста не можат да видат грешка во психоанализата; дури во неа можат да најдат и некои корисни идеи.


 

ВОЗНЕМИРУВАЧКИ ПРЕСВРТ

Можеби, но дали психоанализата е добро сфатена? Во доменот на религијата некои ја сметаат за ѓаволска наука.

Мислам дека времињата се променија. Нема сомнеж, психоанализата, откако Фројд ја осмисли, долго беше сметана за субверзивна и скандалозна наука. Воопшто не се работеше за верување или неверување во неа. Луѓето беа силно против психоанализата, останувајќи во уверување дека на тој начин анализираните лица би биле препуштени на своите разјарени желби, па би можеле да прават што им падне на памет.

Денес, меѓутоа, била призната како наука или не, психоанализата влезе во нашето секојдневие, а позициите се превртија: кога некој не се однесува нормално, кога во својот општествен круг е перципиран како скандалозен, велиме дека би требало да го пратат кај психоаналитичар!

Сè ова, значи, не припаѓа на поредокот кој го нарекуваме со премногу технички термин „отпор спрема психоанализата“, туку попрво „масовен приговор“.

Стравот од губење на посебноста, од сведување на просечност е исто така чест. Мора да се признае дека со поимот „адаптација“ е произведена доктрина на природата која предизвикала конфузија, а потоа и анксиозност.

Веќе е пишувано за тоа дека целта на психоанализата е адаптација на субјектот, но не конкретно кон неговата надворешна околина, животот или реалните потреби; ова би значело дека потврдата за успехот на анализата би била во тоа да се стане совршен татко, примерен сопруг, идеален граѓанин, накратко, некој за кого понатаму не треба да се дискутира.

Сè ова е целосно погрешно. Исто толку погрешно колку и предрасудата за психоанализата како она што води до целосно ослободување.

Зар не мислите дека она од што луѓето најмногу се плашат, она што ги определува како противници на психоанализата пред воопшто да ја разгледаат како наука, е токму фактот дека со неа ризикуваат да изгубат дел од себе, да бидат изменети?

Оваа грижа е целосно легитимна токму таква каква што е. Да се каже дека нема да дојде до измени на личноста по психоанализата би била лакрдија. Од друга страна, тешко е да се тврди дека преку психоанализата можеме или не можеме да добиеме одредени резултати во таа насока, односно дека личноста ќе остане непроменета. Во секој случај, самиот поим на личност би требало да се појасни, или дури да се реинтерпретира.


 

СМЕСТУВАЊЕ (РЕИНСТАЛАЦИЈА) НА СУБЈЕКТОТ

Во основа, разликата меѓу психоанализата и разните психолошки техники е што психоанализата не се задоволува само со тоа да води некое лице на одреден начин, ниту се задоволува со интервенирање „на слепо“; психоанализата лекува...

Таа го лекува она што може да се излекува. Таа нема да излекува далтонизам или идиотизам, дури и ако далтонизмот и идиотизмот имаат некоја поврзаност со психата.

Ја знаете Фројдовата формула „таму каде што било тоа (id), мора да биде јас (ego)“? Субјектот мора да биде способен да се смести во ова место, на ова место каде што тој веќе не е, каде што е заменет со анонимниот збор кој го нарекуваме „она“ („id“).

Во фројдовската перспектива, постои ли интерес психоанализата да се насочи кон лекување голем број луѓе кои не се болни? Со други зборови, постои ли интерес за психоанализирање на сите?

Поседувањето на несвесното не е привилегија на невротичарот. Постојат луѓе кои очигледно не се совладани од огромниот товар на некакво паразитско страдање, кои не се блокирани од присуството на друг субјект – но кои ништо не би изгубиле кога би дознале повеќе за него.

Да се биде анализиран не е ништо друго туку да се спознае сопствената историја.

Дали ова е точно и во случајот на креативците?

Интересно е да се разгледа дали на креативците им е интересно да се соживеат со него или да го сокријат овој говор кој ги напаѓа однадвор (тоа е токму говорот кој го блокира субјектот во невроза и во креативна инспирација).

Постои ли корист од психоанализата како пат кон вистината за историјата на субјектот, или е подобро решение да се напушти тој пат, како што направил Гете, во корист на поголемиот пат кој всушност не е ништо поинаков од една огромна психоанализа?

Кај Гете ова е евидентно: неговата работа е целосно откривање на говорот на другиот субјект.

Тој ги турнал работите толку далеку колку што само еден гениј може.

Дали би напишал нешто поинакво да бил анализиран? По мое мислење, неговото дело би било поинакво, но се сомневам дека би било изгубено.

А што е со луѓето кои не се творци, но кои имаат огромна одговорност, кои го носат товарот на моќта, дали мислите дека за нив психоанализата треба да биде задолжителна?

Всушност, не би требало да се сомневаме во тоа дека ако некој е претседател на некој совет, тоа веројатно значи дека бил анализиран во пристојни години, што значи како млад, иако младоста понекогаш трае прилично долго.


 

ЗНАЦИ НА ТРЕВОГА

Внимавајте! Што би можел некој да му замери на г. Ги Моле* кога би бил анализиран? Кога би имал право на имунитет тогаш кога неговите противници го немаат?

Јас не би се занимавал со тоа дали г. Ги Моле би се занимавал со политика на начинот на кој сега се занимава доколку би бил анализиран! Не сакам некој да мисли дека психоанализата, кога би се користела на универзален начин, би била извор на разрешување на сите антиномии; дека, ако ги анализираме сите човечки суштества, веќе би немало војни, класни судири; формално, јас го тврдам токму спротивното. Сè што би можеле да очекуваме е тоа човечките драми да бидат помалку конфузни.

Ја гледате ли грешка во тоа што го споменавте и претходно: во прашање е желбата за користење инструмент без знаење за тоа како тој е сочинет. Меѓу сите активности развиени ширум светот под закрила на психоанализата, постои растечка тенденција за прикривање, за непризнавање на поредокот осмислен од Фројд.

Напорот на повеќето психоаналитички школи се состоеше во тоа, како што јас велам, да се обидат да ја редуцираат психоанализата: да ги ограничат аспектите на Фројдовата теорија кои најмногу вознемируваат. Година за година, сведоци сме на сè поголемо нагласување на оваа деградација која повремено достигнува, како што е случај во Соединетите Држави, формулации кои се во тотална спротивност со фројдовската инспирација.

И тоа не се случува поради тоа што психоанализата инаку е многу оспорувана, па затоа аналитичарите морале своите опсервации да ги направат поприфатливи, прекривајќи ги со различни бои, и позајмувајќи аналогии од сродни научни домени.

Ова е многу обесхрабрувачки доколку размислуваме од агол на потенцијалните анализирани лица?

Доколку Вашите зборови Ве вознемируваат, дотолку подобро. Од гледна точка на јавноста, мојата желба е да емитувам знак на тревога кој, во научното поле, ќе претставува многу прецизно барање во поглед на обучувањето на аналитичарите.


 

ОБУЧЕН АНАЛИТИЧАР

Зарем тоа веќе не е многу долга и сериозна обука?

На психоаналитичкото учење, онакво какво што е денес – кое бара студии по медицина, а потоа психоанализа, аналитичка обука со квалификуван аналитичар – му недостасува нешто есенцијално, без што се сомневам дека некој може да се смета за добро обучен аналитичар: студии по лингвистика и историски дисциплини, историја на религии и така натаму.

Фројд, за да го појасниме неговото мислење за обуката, оживува стар термин кој секогаш со задоволство го споменувам, а тоа е „universitas literarum“.

Студиите по медицина се евидентно недоволни за разбирање на она што психоанализата го зборува – односно, на пример, за разликување на значењето на симболите во дискурсот, присуството на митови, или едноставно, за сфаќање на значењето на она што пациентот го вели, на оној начин како што ја сфаќаме смислата на текстот.

Во најмала рака, во овој момент достапна ни е една сериозна студија на фројдовски текстови благодарение на професорот Жан Делеј (Jean Delay) од факултетот на Клиниката за ментални болести и енцефалопатија.

Дали мислите дека постои ризик психоанализата, онаква каква што ја замислил Фројд, да се изгуби под влијание на некомпетентни луѓе?

Во овој момент психоанализата сè повеќе се претвора во конфузна митологија. Можеме да наведеме одредени знаци: бришење на Едиповиот комплекс, нагласок на предедипалните механизми или на фрустрацијата, користење на терминот страв (fear) наместо анксиозност (anxiety). Меѓутоа, ова сепак не значи дека фројдизмот, како прв придонес на Фројд, и понатаму не се развива насекаде. Наоѓаме многу јасни манифестации во разни видови хуманистички науки.

Размислувам посебно за тоа што мојот пријател Клод Леви-Строс (Claude Levi-Strauss) неодамна ми го кажа во врска со вниманието кое етнографите му го посветуваат на Едиповиот комплекс, според кој Едиповиот комплекс е темелна митска креација родена во нашата епоха.

Посебно е впечатливо и изненадувачки тоа што Сигмунд Фројд, целосно сам, извлекол одреден број законитости кои никогаш претходно не биле издвоени, воведувајќи ги во координирана мрежа, осмислувајќи во исто време и наука и поле за нејзина примена.

Меѓутоа, во однос на ова големо дело на Фројд кое го пресекува векот како разгорен оган, нашата работа доста заостанува. Го зборувам тоа со целосно уверување. Нема да се поместиме нанапред додека без доволно добро обучени луѓе кои ќе знаат да направат сè што од нив научната или техничката задача ќе бара: по генијот, потребна е армија добри работници да ги пожнеат резултатите.

прв дел



Слики: Wayne White

Избор и превод: Тим Дисензус

Извор: „Clefs pour la psychanalyse“, во: L'Express, 31 мај 1957.

Англиски превод

*Guy Mollet (1905-1975) - француски државник и партиски претседател на француските социјалисти (1946-1969).

Слични содржини

Психологија / Живот / Култура / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија / Историја
Психологија / Култура / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото