1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

На први март добив плата за работното место програмер, а претходниот месец не напишав ниту една линија код. Мојата работа ја заврши вештачката интелигенција (ВИ).
Програмер сум во хај тек индустријата и ВИ ја познавам многу пред да стане тема на разговор во кафулињата. Кога светот ја откри вештачката интелигенција, ние веќе ја користевме, знаевме што може. Па сепак нè изненади тоа што следуваше.
На триесетти ноември 2022. (датум што ќе го учат идните студенти по историја) беше објавен ChatGPT 3.5 и сè се промени. Дотогаш моделите беа специјализирани. Работеа работи за кои беа научени: препознај образец, направи предикција, класифицирај податоци. ChatGPT беше поинаков зашто беше општ модел.
Разбираше различни домени, можеше да разговара, да пишува и да анализира. Првите месеци халуцинираше и поради тоа беше предмет на потсмев, но брзината на напредокот брзо ги прегази почетните проблеми. Три и пол месеци подоцна беше објавена верзијата 4.0 и ВИ стана и сериозно употреблива.
Ние програмерите веднаш го прифативме. Додека светот бараше намени за новата алатка, во светот на програмирањето, кој е составен од прецизна синтакса и јасно дефинирани правила, ВИ беше подобрена – халуцинациите ретки, а резултатите употребливи. Па, иако добивме квалитетен извор на знаење и алатка што помага во размислувањето, во суштина и понатаму го работевме истото што и порано.
А потоа, кон крајот на 2025., се случи нова промена: се појавија агентите за кодирање. Разликата беше огромна. ChatGPT беше соговорник. Агентот е нешто друго – интегриран во развојното опкружување, тој ја работи работата. Упатствата повеќе не се: Кажи ми како, туку: Направи го тоа. Резултатот од работата на агентот е готов код. Повеќе од тоа, агентите можат да се поврзуваат еден со друг. На друг агент може да му се даде упатство: провери ја работата на првиот агент и ако најдеш проблеми, покажи му што треба да поправи, а ако ги нема – испрати мејл до шефот дека задачата е завршена.
.jpg)
Во февруари 2026. решив да направам експеримент: следниот проект целосно да ѝ го препуштам на ВИ. Давав задачи, агентот пишуваше код. На први март 2026. се случи нешто необично – јас, програмер платен за креирање програмски код, добив плата за месец во кој не напишав ниту една линија код. Мојата плата ја заработи ВИ.
Мојата работа преку ноќ доживеа пресврт. Од оној што креира, станав оној што оркестрира. Односот е познат од програмерскиот свет: сениорот добива јуниор во тимот, му дава задачи, следи што работи, го насочува. Само што во случајов јуниорот не беше човек. Ниту пак беше јуниор – поседуваше знаење од целата историја на технологијата и беше исклучително брз и способен. Со таков јуниор сениорот повеќе не беше потребен.
Кога стигна платата за работа што не ја одработив, тоа беше момент на будење. Нешто темелно се промени – не само во технологијата, туку и во самата природа на работата.
Кога ВИ ќе дојде и по другите
Кога вештачката интелигенција на 30. ноември 2022. (го запамтивте датумот?) се појави во популарниот и јавниот простор, речиси веднаш почна да се поставува истото прашање: кого ќе замени?
Прашањето е на место. Голем дел од работите се состојат од повторувачки обрасци. Луѓето работат работи што одамна се автоматизирани: обработка на барања, анализа на документи, корисничка поддршка, сметководство, пишување рутински текстови и, видовме, програмирање. Сето тоа се задачи што ВИ алгоритмите можат да ги извршат брзо, евтино и без замор. Теоретски, секоја работа со јасна структура, што се извршува на дигитални уреди – вештачката интелигенција може да ја работи. Со појавата на агентите, оваа идеја повеќе не е теоретска.
Досега имавме ВИ чет за разговарање – поставуваш прашање, добиваш одговор. Агентот не застанува на разговорот зашто има пристап до алатки и може да извршува дејства на компјутерот, а тоа значи дека може да прави сè што се прави преку компјутер. А тоа е огромен дел од современиот пазар на труд – преку компјутерот денес се управува со поголемиот дел од економијата.
Летото 2023. Евростат пресмета дека околу третина од пазарот на трудот во ЕУ работи исклучиво на компјутери, а со оние што користат дигитални уреди барем половина од работното време – уделот расте на 40 проценти. Секое од тие работни места е веројатен кандидат за имплементација на ВИ во работните процеси. Тоа не значи априори замена на луѓето со машини, но е чекор во тој правец. Разбирливо, ВИ е брза, ефикасна и поевтина од луѓето – кој работодавач не би ја сакал?
.jpg)
Кога се појави вештачката интелигенција, многу луѓе почнаа да се плашат за своите работни места. Не и програмерите. Ние на ситуацијата гледавме со благо потсмевање, зашто ако ВИ и може да замени многу репетитивни работи – некој ќе мора да ја развива и одржува таа вештачка интелигенција. А тоа сме ние, недопирлива од бога дадена каста технолошки стручњаци. Со ироничен коперникански пресврт, вештачката интелигенција прво дојде по програмерите.
Но нема да застане тука. Тоа не значи дека ќе се случи катастрофа во која сите ќе останат без работа, туку дека пазарот на труд ќе се промени. Ништо што не се случило веќе сто пати досега, само овојпат многу побрзо, како што ни се забрза целата историја.
Пазарот на труд рапидно се менува, а тркалата на промената се во новите технологии. Прашањето е: во чии раце е технологијата што сè посилно ја обликува економијата, политиката и секојдневниот живот?
Кој ќе управува со иднината
Иднината што токму сега се формира е застрашувачка. Секоја иднина плаши, зашто човек никогаш навистина не знае што го чека. Но разликата е во брзината. Иднината што доаѓа за дваесет години нè плаши умерено. Иднината што доаѓа во април е многу вознемирувачка. Иднината што јава на вештачката интелигенција е галопирачка. Мерката на работите веќе не е догодина туку – утре.
Во исто време, светот во кој се формира таа иднина е многу нестабилно место. Билтенот на атомските научници, кој од ’47. управува со Часовникот на судниот ден, мерка за тоа колку човештвото е блиску до самоуништување, го постави часовникот на 85 секунди до полноќ, најблиску откако се мерат катастрофите. Индикативно е што Билтенот веќе извесно време не го следи само нуклеарното вооружување, поради кое е основан, туку многу внимателно се следи и ВИ. ВИ е значаен фактор во сите проекции за обликувањето на иднината, особено во црните.
Сликата на денешницата, изобличена од хистерични војни, провидни дезинформации и политички манипулации, веќе е значително дефинирана од вештачката интелигенција, која има свои прсти во многу од тие процеси – од пропаганда и генерирање лажни содржини до конкретни воени примени.
Информациите за примената се многу оскудни, Пентагон одбива да одговори на прашањата дали ВИ имала улога во ракетирањето на училиште за девојчиња во Минаб на 28 февруари 2026. Иако веројатно не станува збор за целосно автономна одлука на машина, туку за катастрофална обработка на разузнавачки податоци, сепак станува збор за лошо контролирање на технологијата.
.jpg)
Дроновите убијци до вчера ги управуваше човек што седи пред екран. Некој мораше да донесе одлука, некој мора да го притисне копчето. Но со развојот на вештачката интелигенција системите ги контролира алатка што по својата суштина не може да се контролира. Оружје што само одлучува кого ќе убие. Тоа се врати што ги отвораат прашањата за моралот.
Вештачката интелигенција донесува одлуки, но нема сопствен морален инстинкт. Ако сакаме да биде добра, нејзините резултати мора дополнително да се обработуваат, што е приближно начинот на кој сега функционира ВИ кога ѝ се задаваат непримерни барања. Треба да се додаде и дека „непримерно“ е многу флексибилна морална категорија. Грок на Илон Маск генерираше милиони дипфејк слики без согласност – вклучително и сексуализирани прикази на деца – поради што неколку држави го блокираа, додека самиот Маск им се потсмеваше на реакциите.
Самиот Грок собра и обвинувања за ширење дезинформации, а Grokipedia за легитимирање псевдонаучни тврдења и теории на заговор. Маск со години предупредуваше на ВИ и се залагаше за строга регулација, додека во 2023. не ја основаше xAI, по што регулацијата стана пречка, а тој самиот најлош пример за злоупотреба на ВИ.
OpenAI на Сем Алтман, основана 2015. како непрофитна организација посветена на развој на ВИ за доброто на човештвото, со ветување за отворен код и транспарентност, до 2019. се претвори во профитна структура. Следуваше затворање на истражувањата, тивко бришење на забраната за воена употреба во 2024., договор со Пентагон во 2025. и најава за целосна конверзија во профитна корпорација.
Во тој контекст интересен е спротивниот пример. Компанијата Anthropic, која ја основаше и ја води Дарио Амодеи, зазеде поинаков став. Амодеи е поранешен истражувач за вештачка интелигенција од OpenAI кој, по разделбата, со сестра му основа сопствена компанија што набрзо стана предводник во индустријата. Додека светот беше фасциниран од можностите на ChatGPT (кој датум го спомнавме?), од позадина со брзи чекори доаѓаше Claude, денес најквалитетниот ВИ модел.
Anthropic неодамна беше тема на насловните страници кога Амодеи одби да ја отстрани договорната забрана за користење на Claude за масовен надзор на американските граѓани и како целосно автономно оружје. Трамп им забрани на федералните агенции да користат производи на Anthropic, а Хегсет го прогласи за „ризик за синџирот на снабдување на националната безбедност“. Пазарот дрско реагираше со скок на продажбата на алатката на Anthropic (#1 во App Store), со истовремени масовни откажувања на ChatGPT на Сем Алтман, кој клекна пред Пентагон.
.jpg)
Аргументот на Амодеи е јасен: моделите на вештачката интелигенција сè уште не се доволно сигурни за да се користат во воени операции каде што би можеле да одлучуваат за човечки животи. Тоа не е целосно одбивање на технологијата за воени цели, но е чекор напред. Треба да се каже и дека Claude преку платформата на Palantir веќе е интегриран во американските воени операции и користен при фаќањето на Мадуро во Венецуела и во иранските операции.
Врз основа на оскудните информации што стигнуваат до јавноста не е лесно да се суди, но во овој момент Дарио Амодеи се постави како личност која, барем начелно, ги истакнува денес целосно исмејуваните вредности на моралот и етиката. За разлика од денешната хај тек елита, Амодеи не е school dropout што ги отфрлил книгите веднаш штом намирисал пари.
Амодеи е доктор по биофизика од Принстон, каде што ја проучувал електрофизиологијата на невронските кола – знаење што го вградил во својата работа во OpenAI и Anthropic. Во улога на креатор кој прв сведочи за резултатите од развојот на големите јазични модели, Амодеи активно размислува за нивните последици – во есеи на darioamodei.com пишува за опасностите и одговорностите при користењето на ВИ.
Интересен е и пристапот на Anthropic кон моралните аспекти на развојот на вештачката интелигенција. Claude нема генератори на фотореалистични видеа, не може да се користи за deep fake. Додека повеќето технолошки компании вработуваат математичари и инженери, Anthropic намерно вработува филозофи чија задача е да разберат како функционира етичкото расудување на нивните модели и да осмислат начини како во нив да се вградат вредносни рамки. Моралните принципи ретко се гледаат во денешната технолошка индустрија – а уште поретко во глобалната политика и деловниот свет.
Ќе има време за преиспитување на овој впечаток за Амодеи, но во моментов, како иден невработен програмер, мило ми е да фантазирам барем за некаква оптимистичка визија.
.jpg)
Карикатури: Fahd Bahady
Извор: https://www.portalnovosti.com/