1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Зеина Хашем Бек
Бразилската поетеса Гилка Машадо, родена кон крајот на 19-от век, е една од пионерките на бразилската еротска поезија. Во збирката „Сублимација“ (1938) една песна им посветила на „хероите на бразилскиот фудбал“. Во неа Машадо стихува како умешноста на фудбалерите прераснала во „меѓународен еп“, а бразилската репрезентација станала симбол на нацијата. Посебен третман во песната добиваат играчите Леонидас Да Силва (инаку првиот црнец кој играл за Фламенго) и Домингос Да Гиа – нивните продорни потези се опишани со еротски призвук карактеристичен за Машадо.
Слаткото предавање на колективниот фудбалски делириум ја допира и уругвајската авторка Силвија Лаго во краткиот расказ „Дочек на шампионите“ од збирката „Зад црвеното“ (1967). „Не е доволно да се означи главниот балкон на станот кој гледа кон булеварот по кој ќе поминуваат шампионите на својот победнички пат. Треба да се направи нешто повеќе, нешто оригинално, ексклузивно“, пишува Лаго. Во лепливиот воздух на улиците треперат и нејзините мускули, целиот град се претвора во тело, во телесност – во масата не се дише, туку се воздивнува. Била зашеметена, но не и сосема обземена, па низ приказната провлекува и остра критичка нота, како за фудбалот, така и за нацијата.
Аргентинската писателка Инес Фернандез Морено не го сака фудбалот и признава дека ја депримираат неделите во кои во градот доминираат фудбалски приказни, но сепак напишала еден краток фудбалски расказ, „Чудо во квартот Парке Час“ објавен во „Приказни за аргентинскиот фудбал“ (1997). „Ми падна на памет да измислам натпревар во кој Аргентинците победуваат и да ги утешам луѓето на улица, тоа ми се допадна“, изјавила Морено за мотивацијата да го напише расказот. Приказната е за очајни луѓе, политички напуштени, без работа, кои во излогот на продавница за електрични апарати го гледаат натпреварот на аргентинската репрезентација против Бразил во финалето на Копа Америка. Бразил води, а во најнапнатите моменти на натпреварот снемува струја. Протагонистката која шета низ улиците слушајќи радио пренос на вокмен набрзо го заразува целото соседство со страствени извештаи за тоа што понатаму се случува на натпреварот.
Поинаков однос кон фудбалските недели има аргентинската писателка и уредничка на повеќе левичарски книжевни списанија во 1970-тите и 1980-тите Лилијана Хекер. Во краткиот расказ „Неделна музика“ од збирката „Суровоста на животот“ (2001), се потсетува на веселбите во неделите „во кои славело срцето“ и слушањето на радиските преноси на фудбалските натпревари. „Потоа ќе дојдеше меланхолијата на понеделникот, а потоа приказните за стравот и смртта (...) Но, сè уште знаеме дека под далечното неделно небо постоеше музика со која бевме накратко мирни и среќни“, пишува Хекер.
Германската писателка и новинарка Анет Грешнер со подобрите фудбалски времиња се занимава во книгата за клубот од нејзиниот роден град Магдебург, 1. FC Magdeburg. Во книгата „Навивачот мора да исплаче седум солзи, 1. FC Magdeburg – фудбалска легенда“ Грешнер ја бележи патеката на тој посрнат источногермански фудбалски гигант.
Фудбалот во светот кој секојдневно тоне го опишува либанската поетеса Зеина Хашем Бек во песната „Одвнатре кон надвор“. Во неа ги отсликува нападите врз Газа за време на Светското првенство во фудбал во Бразил во 2014 година. Сцените на следење на натпреварите се испреплетуваат со сцените на бомбардирање на градот: „Тука е старицата / која умира држејќи / ја својата лажица чекајќи го / ифтарот / кој доаѓа но доаѓаат и / ракетите / и вестите / Бразил губи од Германија 7-1.“ Стиховите се редат без интерпункција, прскаат и паѓаат како бомби и голови: „Меѓу урнатините / очите ја следат топката / шутната во воздухот / покривот се урива / куќите се извртуваат наопаку / една невеста ја одложува свадбата / натпреварот оди во продолженија.“
Извор: https://sdf.hr/