Дисциплината е судбина

03.04.2026 02:19
Дисциплината е судбина

Читам една книга што ми ја подари за 8 март мојата најсакана сосетка Дита. Се вика „Дисциплината е судбина“. На прва насловов некако ме одби дека дисциплина, некако војнички ми звучеше за мојот либерален вкус. Но ја читам и разбирам дека е во сосема поинаков контекст, главно за важноста на само-дисциплината. На пример, во моите работилници на тема емоционална интелигенција, една од клучните вештини е саморегулацијата, односно да се одговори, наместо да се реагира на секојдневните предизвици и тригери на емоции. Што е показател на мудрост наспроти импулсивност.

Во контекст на книгата, дисциплината е всушност лојалност кон четири посочени вредности/доблести (virtues): храброст, умереност, правда и мудрост. Не е секогаш лесно да се биде дисциплиниран кон негувањето на таквите лични вредности, особено во тешки времиња. Тоа бара огромна храброст.

Книгата инаку почнува со приказната за младиот Херкулес кој пред да стане познат херој, се нашол на крстосница. Од едната страна стоела божицата на доблестите Арета и му понудила живот со многу предизвици, но кој ќе му донесе чест. Од другата страна, божицата Какиа која е репрезент на корупцијата, мрзеливост, на лесниот живот, му рекла дека на нејзниот пат нема да види мака туку само удопства. Познато е кој пат го одбрал Херкул и неговиот избор може да се преведе помеѓу тоа „да бидеш“ или „да имаш“.

Читајќи ја Ленче Ристоска, се потсетив и на сопствените предизвици кога сум одлучувала да си заминам од медиуми, кога Груевски почна да ги купува еден по еден, во потрага по професионална средина. На крај последниот, прекрасен весник, згасна згазен од коруптивната средина во која чесноста и професионалност не можеја да фатат корен.

Знам и други луѓе кои не потклекнале под божицата на корупцијата и немаат удобен живот, но едноставно решиле дека не сакаат да тргуваат со вредностите.

Можеше и Ленче да одбере „да има“. Го имаше в раце предметот за партијата чиј претседател е премиер. Само требаше да го одбере патот на корупцијата и лесниот живот. Таа одбра „да биде“ и таквите жртви низ историјата го менувале системот. Ленче го разобличи грдото лице на корумпираниот правен систем каде новиот обвинител не ни тргна да ја маскира постапката, туку во стил на Трамп кој почнува војни отворено велејки дека му е за нафта и природни богатства, ѝ ги зема на Ленче предметите за да ни покаже на сите која е цената на удопството на неговата фотеља која не ја заслужил очигледно со доблест.

Тажно е што системот во земјава е така скроен - доблеста да е казнета, а корупцијата на престолот.

Дисциплината спрема вредностите кај доблесните е можеби единствената алатка да се смени тој таков систем.

Слики: Sebastian-Bieniek