Промоција на книга "Избришаното уживање: Клиторисот и мислата" на Катрин Малабу

03.04.2026 12:36
 Промоција на книга "Избришаното уживање: Клиторисот и мислата" на Катрин Малабу

„Значи, постои суштество кое може да ужива без да роди?“
„Значи, постои задоволство без функција?“

 

Ве покануваме на промоцијата на книгата „Избришаното уживање: Клиторисот и мислата“ од Катрин Малабу, која ќе се одржи на 7 април 2026 во 19:00 часот во FRANZ (поранешен Клуб на новинари).

Книгата која директно влијаеше и за создавањето на едицијата Vagina Dentata, за што сметавме дека е од голема важност да се преведе на македонски јазик, е со наслов "Избришаното уживање: Клиторисот и мислата" на француската филозофина и феминистичка теоретичарка Катрин Малабу.

Потсетувајќи нѐ за долгогодишниот заборав на овој орган како отсутен од книгите за анатомија, од сликите, од скулптурите, Малабу вели дека клиторисот - чија функција е единствено во служба на задоволувањето и уживањето, постана органот на избришаното уживање.

Таа алармира дека иако денес ситуацијата е малку поинаква - клиторалното уживање и неговата автономија се прифатени, за клиторисот во меѓувреме се посветени бројни книги, конференции, уметнички дела - сепак раните остануваат. Затоа што половите осакатувања се сѐ уште актуелни. Затоа што уживањето и понатаму е ускратено за милиони жени.

Клиторисот продолжува да го означува таинственото место на женскоста. Малабу апелира дека е дојдено до крајната итност за потсетување на жестината на тоа место, и дека е време е да се допушти да зборува органот на уживањето, кој сѐ уште не станал орган на мислата. 

Катрин Малабу е една од најзначајните современи филозофини. Во своите истражувања и во пишувањето се занимава со широк спектар теми и мислители, од Хегел и Фројд до Хајдегер и Дерида, како и со теми на пресекот меѓу филозофијата, невронауките и психоанализата. Централно место во нејзината работа зазема поимот пластичност, кој го презела од Хегел, а кој се покажал плоден во рамките на современите економски, политички и општествени дискурси. Во моментов го истражува заедничкото упориште на антителеолошките тенденции во филозофијата, политиката и биологијата.

На 7 април книгата ќе биде претставена во форма на разговор помеѓу уметницата Христина Иваноска - авторка на цртежот „Уживање“ (2025) за корицата и внатрешните илустрации на оваа книга, потоа квир теоретичарот Славчо Димитров и уредничката на книгата Мања Величковска, а разговорот ќе го води Јана Коцевска, уредничка на едицијата Vagina Dentata. Преводот од француски на македонски јазик е на Дарко Леитнер-Стојанов. Лектурата е на Виолета Танчева-Златева, а Марија Смилевска работеше дизајн и техничко уредување на ова издание.

Како дел од едицијата „Vagina Dentata“, изданието на Малабу се надоврзува на пошироката заложба на Тиииит! Инк. да создаде простор за книжевни и теоретски текстови кои го отвораат прашањето за телото, сексуалноста и женското искуство на радикално различен начин – слободен од срам и со јасна политичка и културна свест.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото