1016 hPa
30 %
26 °C
Скопје - Чет, 21.05.2026 15:06

Хартиен брод со едра од слики плови по неба од сништа.
Џон Бингли Гарланд сакал да направи уникатен подарок за ќерка му за нејзината свадба. Тргнувајќи од таа цел, тој сосема случајно ги создал едни од првите колажни книги во светот. Иако и денес изгледаат современо, колажите на неговите слики потекнуваат од средината на 19-иот век. Гарланд првично ја крстил книгата „Durenstein“, што било криптична референца за замокот на кралот Ричард Лавовско Срце. За разлика од него, неговите потомци книгата ја нарекуваат „Дарот на Ејми“, но во уметничките кругови оваа книга е позната по името „Крвави колажи“.
Гарланд не бил уметник. Се занимавал со рибарство и со политика. Кога станува збор за стилот, не се знае ни дали овој човек видел слични колажи на оние што ги создал. Викторијанците имале традиција на создавање албуми со исечоци од фотографии, но тие се порудаментарни од „Крвавата книга“. Сепак, се претпоставува дека тој не измислил ништо, туку некаде ја посведочил техниката.
Сега, во средината на третата деценија од 21-иот век во Скопје, сведоци за моќта на колажите се сите љубопитни очи што ги следат, ама и подадените раце што директно учествуваат во настаните и предизвиците на Скопје колаж колектив (Skopje Collage Collective). Оваа иницијатива за сечкање, лепење, спојување и креативно уметникување - во аналогна и дигитална форма - е стартувана од Филипа Сара Попова и Марко Трпески, делумно инспирирана од слични интернационални здруженија водени од ентузијасти и вљубеници во колажот, како Париз колаж колектив, Единбург колаж колектив итн.
„Нашиот хартиен колажен брод е закотвен во Скопје, а мисија ни е да го поттикнеме креативното изразување, да ја зацврстиме заедницата и да ја пренесеме убавината на колажот“, велат од Скопје колаж колектив.
.jpg)
Марко Трпески
.jpg)
Филипа Попова
Со пар ножички и лепак – до нови визуелни наративи
Колективот изникнал од наивна идеја и заедничка страст за колажи. Пред да се запознаат двајцата се занимавале со колаж. Марко професионално, а Филипа аматерски. Различни животни патишта ги донеле до овој вид уметност и сакале да создадат катче во кое луѓето ќе можат да се изразуваат и јавно да си ја споделуваат уметноста.
„Тогаш не знаевме колку многу луѓе во нашата околина се заинтересирани за колаж. А форматот на нашето катче го преземавме од веќе постоечки дигитални колективи. Но, секој може да ни испрати свои колажи, неповрзани со предизвиците, а ние ќе ги споделиме“, објаснуваат Марко и Филипа.
Една од работите што е предност за колажот, е можноста да спои буквално сé, и да даде нов контекст, смисла, нов живот – а со тоа и нова уметност, која некој не ни знае дека му е потребна. Истовремено се формираат нови визуелни наративи.
„Со само пар ножички и лепак, од морбидни политички плакати може да се создаде нежен пејзаж. И обратно. Тоа е и суштината на оваа уметност, барем за нас. Да нé потсети дека секогаш можеме да направиме промена во поимањето на нештата, макар таа да е ситна и навидум безначајна. Од друга страна, колажот не би требало да го нормализира концептот на правање нешто ново преку безмилосно уништување на сé што е старо. Бидејќи гледаме како тоа уништување постојано се случува во нашето општество, надвор од колажестите светови, во последно време се трудиме и да ја кренеме свеста и почитта за изворните материјали“, посочуваат тие.
.jpg)
Катерина Мандариќ
.jpg)
Дедо Тео
Бунт преку колаж
Една од мисиите, како што пишуваат, им е „да бунтуваат, секојдневно да фрлаат бомби од бои, форми и слики на виртуелните мрежи“. На прашањето дали ваквиот уметнички бунт е нужен во денешно време, или е определба, тие се на ставот дека „определбата и нужноста не можат да бидат одвоени“.
„Веруваме дека за да се бунтуваме треба да го осознаеме контекстот на времето кое го живееме, но пред сé да се разбереме себеси. Во таа смисла, секојдневно се обидуваме да ја отштрафиме нашата потсвест. Преку колажот, разгледуваме повеќе верзии на нешто исто или слично бидејќи повеќе сакаме динамичност наспроти седење во место и агонија. Но, да - објавувањето нечиј колаж на Инстаграм е и бунт, со оглед на будалаштините што кружат на социјалните мрежи“, велат од колективот.
.jpg)
Зорица Илиевска
.jpg)
Јане Вељаноски
„Колажот на еден човек е под влијание на сите што се присутни“
На нивниот Инстаграм-профил може да се прочита: „Ослободи го умот, вклучи се во неделните колаж-предизвици“. Овие предизвици станаа нивни претпознатливи белези. Сѐ е во игра, без разлика дали се тоа сонливи, апсурдни или општествено-критични колажни спојки.
На пример, објавуваат фотографија од Тереса Баб (1868 – 1948). Од пијанки и танцување до пикник во парк и веслање, фотографиите на Баб ги кршат стереотипите за тогашните современи жени и даваат сосема различен поглед кон нивните секојдневија и интереси. Или објавуваат фотографија од македонскиот поет и фотограф Диме Данов, со музичар што дреме на својот инструмент, легнат во хоризонтала.
Заинтересираните можат да се вклучат во предизвикот, да искористат делче од фотографијата и да направат колаж. Потоа имаат рок од една недела да им го испратат делото на мејл (skopjecollagecollectivescc@gmail.com), или да го објават на Инстаграм со директен таг. Можат да праќаат колажи и после рокот.
„Предизвиците ни се важни бидејќи поттикнуваат креативно размислување, но и се можност луѓето да се забавуваат, да споделуваат нивни дела и начини на толкување стварности. Се радуваме на секој пристигнат колаж бидејќи е знак дека идејата допира до некого, дека размрдува нешто“, велат од Скопје колаж колектив.
Бидејќи започнале како дигитален медиум, во минатото добивале повеќе дигитални дела. Но, со тек на времето, зачестиле дружбите во живо. Сега повеќе доминираат аналогните колажи.
„Формата не е најважна, но влијае врз делото. Таа го дефинира процесот на создавање. На пример, при дружбите во живо колажот на еден човек е под влијание на сите присутни. Тоа се случува бидејќи во групното колажирање влијаат разговори, енергии, игри на шанса, скриени колективни пораки и просто, заедничкиот миг“, објаснуваат Сара-Филипа и Марко.
.jpg)
Филипа Попова
.jpg)
Јованов Зафир
Повеќе за колаж-дружбите
Преку настани и работилници колективот се спојува и со други уметници и активисти од културната сцена. Учествуваа и на „ФИЈУК саем“, „Друга приказна“, „Клинци“, „Соноформи“, „Ре-Култура“, на работилница за пишување анархистички љубовни писма... Оттука, прашањето до нив е дали таквото заедничарење е природно, органско, потребно и во поширок контекст, за да може културниот проток да продолжи да тече?
„Интересно прашање бидејќи долго време меѓу нас си збориме за чудноста на зборот ‘заедничарење’. Не толку одамна тоа просто го викавме дружба (што е врзано за зборот другари). Изгледа живееме во време што нé тера да ги заборавме основите на човечката интеракција, како да треба одново да ја измислиме. Сепак, мило ни е што во последно време се зборува за неопходноста за спојувањето со други луѓе, како клучен дел од здравото живеење. Комуникацијата со други уметници и активисти што имаат чиста и искрена намера е секогаш инспиративно, но отворени сме за секој човек, без разлика со што се занимава. Од друга страна, она што нé загрижува е некој наш увид дека денес се форсираат и лажникави ‘здружувања’ односно заедничарења, кои знаат да го задушат индивидуалното и чвориштата на културниот проток. Сé повеќе се учиме да ги лоцираме и да ги избегнуваме“, низ смеа велат од колективот.
.jpg)
Стефан Назифовски
.jpg)
Стефан Назифовски
Бротчето ќе продолжи да плови
Скопје колаж колектив го спрема првиот колаж-азбукар на македонски јазик. Среќни се поради тоа и, како што велат, „убаво е да си го негуваме јазикот, особено во време на масовна имплизифирација на борогородухимијата“.
„Добивме предлог од колажистка да правиме Инктобер, но со колажи. Октомври има 31 ден, толку имаме и букви во азбуката - доволно за Инктобер“, се смеат Сара-Филипа и Марко.
Покрај Букварот, колективот спрема и фанзин, со Партизанска штампа, на тема „Нештата што исчезнуваат“. Повикот е отворен за сите заинтересирани. Средбите се случуваат секој вторник во 19 часот во Партизанска штампа.
Што следи понатаму и како ќе се развива целава приказна – преку колажи, настани, уметност, бунтување?!
„Не ветуваме ништо. Постоиме три години и ќе продолжиме да бидеме бротчето што плови.“
.jpg)
Идкутија
.jpg)
Идкутија
.jpg)
Јованов Зафир
.jpg)
Мартина Даниловска
.jpg)
G. Mirch
.jpg)
Ивана Јанева
.jpg)
Катерина Мандариќ
.jpg)
Виктеорија
.jpg)
Хуриситин
.jpg)
Филип Зарков
.jpg)
Apporia
.jpg)
Андреј Медиќ
.jpg)
Ceramoods
.jpg)
Проектот „Дисензус“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Содржината/изразените мислења никогаш не може да се толкуваат како ставови на Владата на Швајцарија и Хартефакт Фонд.