1015 hPa
38 %
21 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 15:59

Ве покануваме на промоцијата на книгата и видео есејот „Наследство (или сè што оставаме позади нас)“ на уметницата Ивана Сиџимовска, проект што отвора простор за размислување за тоа што се оставаме зад себе, и како и дали се презема одговорност за тоа наследство денес.
За видео есејот
Преку материјални траги, доживеани искуства, биографски наративи и архивски документи, видео есејот размислува за токсичноста на етнонационалистичките системи и потребата од неидентитетски практики. Премостувајќи историски периоди и геополитички простори, проектот ги доведува во прашање современите односи со вредностите, сеќавањата и материјалните предмети наследени или затекнати. Темите за експропријација (материјално наследство и културна меморија), реституција (државјанство и ограбена земја), правда и помирување (Холокаустот и југословенските војни), како и граничните идентитети (постмигрантски и меѓуетнички) се појавуваат и се испреплетуваат во личните приказни на историски личности, современици и самата уметница. Заедно со наративите на граѓаните во врска со војната и етничкиот конфликт во Македонија од 2001 година - особено оној на млада Албанка која сведочи за трансформациите на идентитетот надвор од границите на мултикултурализмот промовиран од државата - делото ја следи и историјата на поранешната амбасада на Кралската Југославија во Берлин. Зградата изградена за време на нацистичката ера на експроприраното место на вилата Менделсон-Бартолди, најпрвин го вдомила писателот и добитник на Нобелова награда Иво Андриќ, кој се обидувал да ја спречи својата земја да стане дел од фашистичките сојузи. Преку трансформирање на личното во универзално, проектот ја доведува во прашање одговорноста за создавање и пренесување на наследството - материјално, културно, јазично, вонинституционално или приватно на начини што овозможуваат замислување и градење поправедни и инклузивни општества.
За книгата
Публикација претставува збир на серија интервјуа што ги документираат личните искуства, сеќавања и размислувања на луѓе од различни етнички и социјални средини во Северна Македонија. Интервјуата се дел од проект за усна историја, и имаат цел да ги зачуваат живите приказни на поединци чијшто глас често останува незабележан.
Настанот е организиран во заедничка соработка на ПроПис, Скопје и Контрапункт.
Повелете на заедничко размислување за наследството, не како статична категорија, туку како отворен процес што бара грижа, одговорност и нови начини на заедничко постоење.
Промотор: Роберт Алаѓозовски
Истражувањето за проектот е поддржано од програмата Goethe-Institut – Culture Moves Europe, финансирана од Европската Унија, додека продукцијата на публикацијата и видео есејот е реализирана со поддршка од ПроПис Скопје.