1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Во Младински културен центар во Скопје од 7 до 19 април ќе биде отворена студентската тематска изложба „Дисторзии“, која нуди критички осврт на системските искривувања во современото општество и нивното влијание врз младите.
Официјалното отворање е закажано за 7 април во 19 часот, кога публиката ќе има можност да се запознае со дела создадени од студенти од Европски Универзитет. Преку сликарство, инсталации, мултимедија и интердисциплинарни практики, младите автори ги истражуваат темите на нарушените вредносни системи, притисокот врз индивидуалниот израз и начинот на кој нивната генерација се справува со современите предизвици.
Изложбата не се поставува како активистички проект, туку како простор за аналитичко размислување и визуелна комуникација. Наместо директни пораки, авторите нудат слоевити наративи што оставаат простор за лична интерпретација, вели Ана – Марија Матх.
Проектот е организиран од Ана-Марија Матх, во соработка со визуелната уметница Ана Трајковска, која е селектор на изложбата. Изборот на учесниците е направен според концептуална релевантност, оригиналност и разновидност на изразот.
Со „Дисторзии“ се отвора поширок дијалог за уметноста и општествените процеси, поставувајќи прашања за тоа како младите создаваат и се позиционираат во средина што постојано се менува, стои во соопштението.