Ми го одземаа јазикот - македонскиот (пет песни)

06.04.2026 13:27
Ми го одземаа јазикот - македонскиот (пет песни)

Ми го одземаа јазикот - македонскиот

(преработка на песната „Ми го дадоа јазикот - грчкиот“ од Одисеас Елитис)

Ми го одземаа јазикот – македонскиот,
куќата сиромашна на падините на Кајмакчалан,
крај бреговите на Вардар и Сакулева.
Единствена грижа – јазикот мој,
во подножјето на Пиново и Вичо.

Таму, стари сенки, изгубени зборови,
ветровити глаголи, зелени струи
во синевината на езерата, Преспанско и Дојранско.
Сè што видов како гори во утробата моја,
легенди на водата и алги,
со првите воздишки на водите,
и школките на мојата тишина,
првите црни трепети…

Единствена грижа – јазикот мој, црните трепети...
Таму, калинки и дуњи,
во земјите на Воден и Лерин,
запустени сенки,
планини што уште издржуваат,
со здивовите на нивните карпи.
Летаат златни орли по падините на Пајак,
првите химни на нашата земја,
и напалм бомбите што горат на Вичо,
селата ни исчезнуваат.

Единствена грижа – јазикот мој, пламените на татковината...
Таму, во долината на Вардар,
по тајните патеки на Негуш,
дафинки и ловори вкоренети во урнатините,
темјан се крева од нашите почви.
А ние, благословувајќи ги нашите сенки,
уште шепотиме на нашиот јазик.

Единствената грижа – јазикот мој, кој уште живее во пепелта.


Загуба

Градот се беше сменил.
Куќите веќе не ги пречекуваа минувачите.
Затворени херметички, полни страв.

Очи натежнати од сомнеж ја следеа секоја моја движба.
Мислите на луѓето не одеа кон доброто, туку кон злото.
Пред мене — решетки, кога се обидував да најдам пат
и да стигнам таму каде што тргнав.

Се влечев по суви гранки и трева.
Крвавев — и сепак не го најдов мојот пат.

Градот стана бескраен,
а јас го изгубив правецот.
И заедно со него — и себеси.


Лист на ветер

Бегав,
како лист што заборавил
од кое дрво отпаднал.

Најдов засолниште
во налетот на ветрот,
и ја нареков татковина
искрата што ме прегрна.

Сега земјата шепоти —
го бара назад
огнот што ѝ избегал.

Ѕидовите ми зборуваат
со стари отчукувања;
го знаат товарот
на невидливиот поглед.

Една светилка трепери,
како да се двоуми —
дали да го осветли крајот.

А во мене:
куќа што гори,
без никој да ја види.


Раскинување договор

Веќе престанав
да растам од твојот поглед.

Веќе престанав
да се намалувам од твојата мисла
.
Престанав да навлегувам во твојот ум
за да видам каде сум,
да видам колку сум доволен
или недоволен.

Веќе не ги презирам
својот поглед,
својата мисла,
својата пресуда.

Веќе не ги почитувам условите
на договорот потпишан
за да дојдам на свет.

Не.
Веќе нема да бидам покорен
на вашите правила.

Кантарот се навали.

И сега сфаќам
колку е неправедно
човек да живее
низ туѓи очи.

Јас ги определувам својата вредност,
својата способност,
своето право и неправо.

Секогаш знаев да мерaм,

но ги почитував условите
што ме обврзуваа
да немам право
да се мерам,
да се определувам,
да се вреднувам,

да постојам.

Сега го палам договорот.
И на негово место
се развејува знамето
на моето постоење.


Бунт

Стрмни кривини и угорнини.
Пуста земја и неочекувани оази.
Густи шуми што кријат многу тајни.
Небесни чувства, нечуени, неискажливи,
но едновремено и тага (можеби желба за смрт?!)
или искупување.
Голема болка, неподнослива,
додека неочекувано пак не дојде заздравувањето.
Раните зараснуваат и исчезнуваат како никогаш да не постоеле.
Или се закопани под тепих?
Истражување, проучување, љубов кон знаењето и вистината.
„Дефинирај ја вистината!“
Градина во мене каде што течат кристалните реки
на љубовта и правдата, спремни да издржат секакви тешкотии.
Вистина е дека отсекогаш ја чувствував градинава како мој водич.
Секогаш крај угнетените, запустените и злоупотребените на земјава.
Сфаќајќи дека и јас сум еден од нив, почнав да се бунтувам
и да стојам и крај себе.


(Песните изворно напишани на неговиот мајчин грчки јазик, на македонски ги преведе авторот.)


Сотирис Минас, биографија

Сотирис Минас е роден во Солун, а живее во Атина. Студирал Историја и Археологија. Дејствува како истражувач и преведувач на македонскиот јазик. Воден од духот на космополитизмот и активизмот, неговиот пат е насочен кон деконструкција на националистичките митови и градење цврсти мостови на разбирање меѓу двата народи. Паралелно работи како професор по шпански јазик.

 

Преведувачка дејност

На грчки јазик преведувал врвни претставници на македонската книжевност, од класиците Ацо Шопов (за меѓународното издание „Шопов во 11 јазици“), Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Блаже Конески и Кочо Рацин, па сè до значајни современи поети.

Во ноември 2025 година, издавачката куќа „Вакхикон“ го објави романот „Единствен матичен број“ од Лидија Димковска во негов превод. Истовремено, преведува современа грчка книжевност (Гогу, Ливадитис, Полидури и др.) на македонски јазик за списанието Блесок, додека во летото 2025 година го преведе делото „Lebensraum“ (Животен простор) од Т. Тријаридис за организацијата Еуропа Прима на Јордан Плевнеш.

 

Академска и активистичка дејност

Редовно учествува на меѓународни конференции (Скопје, Солун), презентирајќи истражувачки трудови за историјата на преводите од македонски на грчки јазик од 1960 година до денес.

Член е на уредничкиот тим на порталот kokkini.org, каде што пишува за прашања поврзани со македонското малцинство, објавува интервјуа со писатели и истражувачи на македонските дијалекти. Ја превел политичката брошура „Горе главата“.

Дал неколку интервјуа за меѓународни и локални медиуми (Слободен печат, True Story FM, Локомотива) со цел афирмација на македонскиот јазик и рушење на стереотипите околу македонското прашање.

Во периодот 2026-2027 година се очекува објавувањето на неговите преводи на збирката „Додека спиеш“ од Билјана Стојановска и збирката раскази „Мајмунска улица“ од Драгана Лукан Николоски, како и неговата прва авторска поетска збирка во двојазично издание во Северна Македонија.

Слики: Toni Hamel

ОкоБоли главаВицФото