„Исцелување на животот“: Кон изложбата на Томе Мишев

08.04.2026 00:37
„Исцелување на животот“: Кон изложбата на Томе Мишев

Истерување од рајот

 

Томе Мишев е уметник со воспоставен препознатлив печат на секоја од неговите слики со постојан визуелен идентитет. Неговите дела се недвосмислено експресионистички, а јазикот е специфично оној на неоекспресионизмот. Анатомијата отстапува од реалистичните прикази на човечкото тело, боите се израз на емоции, а лицата оддаваат психолошка состојба и егзистенцијална нестабилност.

Боите како прашање

Водечкиот елемент и идиосинкразија во експресионизмот на Мишев се палетата со силни, високозаситени интензивни бои кои често одат во комплементарен контраст како сината со жолтата и зелената со црвената. Употребата е чисто експресионистичка и има за цел да комуницира емоција, а не реалистичен приказ. Прашањето што Мишев го поставува не е прашање на појавноста или на естетиката како таква. Прашањето што го поставува со боите, композицијата, стилот и со севкупниот уметнички израз е прашање за човековата дисонантна состојба во светот. За ова зборува анатомијата својствена за сликарството на Мишев. Телото, сосе главата, рацете и нозете и особено вратот е издолжено и кревко. Гледајќи во разните насликани тела се добива впечаток за човековата ранливост, за телесната отуѓеност, но и за тежнеење кон духовното и кон созерцателното. Човештвото е истовремено прикажано како егзистенцијално кршливо и мистично силно. Сликите на Мишев држат рамнотежа меѓу мачнината и убавината на постоењето, меѓу егоизмот и алтруизмот, меѓу ризикот и љубовта, меѓу стравот и надежта. Човечките фигури се најчесто поставени централно, а сцените околу нив се раздвижени во дејство, во драма и во неизвесност. Гледајќи во која било слика од опусот на Мишев не може да не си го поставиме прашањето дали гледаме во нешто сакрално кое повикува на светост, нешто онирично кое нѐ воведува во светот на соништата, нешто трагично кое нѐ поттикнува на интроспекција, или нешто жизнерадосно со кое сите претходни состојби ни стануваат полесни? Веројатно од сѐ по малку и сите заедно. Сликите на Томе Мишев сведочат за копнежот на човештвото за исцелување на животот.

Поклонувањето на пастирите

 

За човечката состојба

Имајќи го предвид погоре кажаното, овој опус определен за оваа изложба именувана како „Исцелување на животот“ одлично се вклопува во овој предвелигденски период, поточно во оваа страстна недела. Бидејќи целиот живот, смртта, воскресението и вознесението на Христос сведочат за исцелувањето на животот кој пак е таков каков што Мишев го прикажува на неговите слики – ранлив, отуѓен, распадлив, но и возвишен, поврзан и копнежлив. Минливи сме, а постојано мечтаеме за вечноста. Како сме се нашле во оваа состојба? Една од универзалните приказни како одговор на ова прашање е онаа на падот во грев и прекинувањето на врската со Бог Создателот. Нема кој не слушнал за кобното јаболко кое нашите прародители го загризале. Сликата е класичен приказ на описот во Библијата на вкусувањето на забрането овошје од дрвото на познавањето на доброто и на злото. Мишев ја следи нарацијата. Жената, која прва каснала, е прикажана во веќе падната состојба. Откако вкусила, таа ја осознала последицата на непослушноста. Положената рака на наведнатата глава укажува дека лукавоста навлегла во неа. Со тоа веднаш почнала и распадливоста прикажана со ацидните тонови на жолто-зелената боја. Со прстите на дланката му го подметнува гризнатото јаболко на мажот, која пак гледа со определено изненадување, но сѐ уште не ѝ се придружил на состојбата на жената. Но, тоа е само прашање на време. Падот неумоливо почнал да продира во светот на невиноста која е неповратно загубена, судбината на луѓето е веднаш и судбината на Земјата, поточно на вселената. Во оддалечувањето на главата на жената од мажот, во неговиот зачуден поглед и во долгите прсти кои го туркаат јаболкото накај него е насликан падот кој е пред сѐ отуѓување од Бог, отуѓување едни од други и отуѓување од создадениот свет. Змијата чија глава виси од дрвото ја завршила својата злокобна улога. Наскоро, голотијата, која требало да биде заштитен знак на заедничарењето, на довербата, на заемната благонаклонетост и на целосна транспарентност, ќе стане камен на сопнување, скандал – феномен кој низ еоните на човечката цивилизација бил цел на брутална злоупотреба во борбата за моќ. Нашите прародители се изгонети од рајот. Овој чин Мишев го насликал на истоимената слика „Истерување од рајот“. Падот неминовно вовел меч во равенката на постоењето. Овој меч е и вовед во секој раздор кој ќе следи, од првото братоубиство, па сѐ до тековните војни низ светот. Приказот на ликовите на мажот и на жената остава силен впечаток. Нивните глави се свртени наназад, кон рајската градина. На лицата им се чита страв од неизвесноста која им претстои. Композицијата не го опишува точно начинот на истерувањето. На сликата тие се голи, додека во приказната се покриени со животинско крзно. Жената изгледа дека е веќе бремена што исто така не е случај со класичната приказна. Во овие детали Мишев користи метафора и јазик на фрескописот. Во композицијата се дадени разни мигови од нечиј живот и дела, добри или лоши. Во овој случај, Мишев го илустрира и проклетството што следи по падот, „Со болки ќе раѓаш деца“. Сликата е есенција на експресионизмот. Сѐ на неа буди емоции – загуба, тага, болка, страв, очај. Но, исто така во ликот на ангелот буди чувство за светост и за правда.

Богородица хранителка

 

Две жени – две мајки

Ете ги мажот и жената, Адам и Ева како влегуваат во светот на трње и на пот. Веднаш потоа квантен скок до една друга жена, Марија која штотуку станала мајка. Во времената дистанца меѓу двете жени има едно пророштво кое се толкува како ветување за искупувањето на човештвото од падот во грев. На жената ѝ е кажано дека меѓу нејзиниот пород и змијата ќе има непријателство при што породот ќе ѝ ја смачкува главата, а змијата ќе го каса за петтата. Ова се смета исполнето со раѓањето на Божјиот Син, Кој се отелотворил и станал човек. Мигот на исполнувањето на ова пророштво и ветување Мишев го насликал на сликата „Поклонувањето на пастирите“. Иако со целосен експресионизам, Марија или Богородица е насликана со сина боја што е чест случај на иконите, а и во положба и форма својствена за иконописот. Пастирите се во движење за да се поклонат додека Марија е загледана во Исус, во нејзиното новороденче. Хаосната атмосфера во колибата е во остар контраст со смиреноста на човечките ликови. Сликата е метафора за бебето кое е Божји син и Месија и кое ќе ги смири стихиите на светот. Но, дотогаш му треба заштитата, негата и подигањето од неговите родители. Тоа е прикажано на сликата со име „Богородица хранителка“. Во голата дојка на Марија се откриваат трагите на невиноста во рајот. Голотијата, која за новороденчето значи живот, е колективен акт на сите мајки и сите бебиња, акт на непоматена доверба и чиста љубов. Заднината на оваа слика има нешто од стилот на Ван Гог, како да е дел од неговата „Sвездена ноќ“. Контрастот меѓу мајката и лицето на детето со небото е со силен ефект. Топлите жолта, црвена накај кафеава им пркосат на студените сино-зелени нијанси. Но, повојот на новороденчето е зелен и син. Како Мишев да сака да го потенцира неговото двојно потекло, дека е сто проценти слегнато од небото и дека е сто проценти родено од жена.

Таа иста жена, неговата мајка, ќе го држи неговото измачено, мртво тело под крстот. Мишев насликал класичен мотив на „Оплакување“. На оваа слика доаѓа до израз моќниот експресионизам на Мишев. Рацете и нозете на мртвиот Христос се така насликани како да се работи за деконструкција на создавањето на првиот човек Адам од земјен прав, од глина, од кал. Еве го Христос, според Новиот завет, вториот Адам, се топи и се враќа назад во правта, во гробот.

Оплакување

 

Смртта умира

Само што смртта ни гробот не можеа да го задржат. Во саботниот ден кога мртвиот Исус е во гробот се случува славна инверзија. Тоа е денот кога смртта умира. Или како што се пее во литургијата за Христос, „Со Својата смрт ја порази смртта“. Томе ова дејство го насликал на сликата „Ден пред Велигден“. Во гробот свиен над Христовото тело еден ангел го држи во своите раце. Токму во овој миг, во мигот на целосна беспомошност на мртвиот Исус, смртта е уништена. Сликата е чиста емоција. Овде во местото кое ги јаде сите живи започнало исцелувањето на животот.

По Христовото воскресение, кое не е претставено на изложбата, следи вознесението, кое исто така не е претставено. Овие два настани се клучни. Воскреснатиот Христос, како вечен Богочовек се вознесува на небото. Со тоа на човештвото му осигурува вечна врска, вечно заедништво со Бог. Наместо овие два настана, Мишев решил да го претстави Успението на Богородица за кое нема запис во Новиот Завет, а е дел од подоцнежното предание. Преданието се надоврзува на Христовото воскресение и вознесение. „Успение“ има многу елементи и ликови. Може да се гледа или „чита“ како илустрирана приказна во која, според експресионистичкиот израз на Мишев, не е толку посветена на објаснување колку на поттикнување емотивен одговор. Две фигури долу, со ореоли на главите, се наведнати над нешто што личи на наметка, додека успението на Богородица е пратено од ангелски битија. Од раката ѝ паѓа шамиче, елемент кој често е ставен во нејзините раце на иконите и на фреските. Шамичето претставува знак на достоинство и чест, како и знак на грижа за другите и на визуелен израз на милосрдие. Со овој гест, Мишев како да сака да го прераскаже настанот на свадбата во Кана кога неговата мајка ќе рече за Исус, „Сѐ што ќе ви рече, направете!“ на ова се надоврзува Исусовиот говор од тринаесеттото до седумнаесеттото поглавје во Евангелието според Јован. Таму Исус посветува особена важност на тоа дека нема да ги остави учениците сами и дека ќе им го испрати Светиот Дух кој ним и на црквата ќе им биде Тешител, Учител и Заштитник.

Успение

 

Животот живее

Значителен број на сликите од оваа изложба немаат директна врска со библиски сцени. Но, секоја од нив сведочи или за посветеноста на Бог, како на пример, сликата „Вера, љубов, надеж“, или пак за сцени од црковното предание како онаа на „Свети Ѓорѓија ја убива ламјата“ која Мишев ја црта со две глави. Со два меча во рацете светителот го потсетува и го поттикнува човештвото да се бори против секое зло во светот. Има и еден емотивен, интимен диптих со свети Трифун. Првата слика на диптихот ја опишува сцената кога тој ја исцелува ќерката на императорот Гордијан која била со опседнат ум, додека на втората е неговиот последен ден на Земјата. На првата слика св. Трифун нежно ја допира главата на царевата ќерка молејќи се за нејзино исцелување, додека, откако нејзиниот живот е исцелен, таа го испраќа во Божјите прегратки прегрнувајќи го неговото измачено тело.

Другите слики се полни со животен копнеж како на сликата „Копнеж“, или пак со жизнерадосна сцена на сликата „Молчи, молчи“. Друг можен наслов за ова моќна, а интимна композиција со внимателно распоредени бои, и крајно впечатлив миг на споделување емоции би бил, „Сѐ ќе биде во ред“. На останатите слики претставени се пасторални, рустични, носталгични сцени кои колоритно, експресивно, динамично, па дури и експлозивно зборуваат за животот, за надежите, за неизвеностите, за радоста да се свири на кавал и да се седне на полјана под бел облак, да се биде восхитен од полната Месечина, да се мечтае за орелски крилја, да се издржи уште една долга ноќ! Слика до слика секоја врамена емоција.

Експресионизмот на Томе Мишев се нурнува до примордијалното во човекот, до она што е неискажливо, а кое секој од нас барем еднаш во животот го почувствувал. Во мигот кога го доживуваме сме целосно во него, го разбираме или поточно тоа нѐ разбира нас. Во нас е со нас е, околу нас е, а сепак кога ќе се обидеме да го искажеме – остануваме неми. Зашто не се работи за буквален опис, се работи за емоција. Сликите на Мишев нѐ поврзуваат токму со таа емотивна примордијалност од каде што и самиот Троедин Бог, Татко, Син и Свети Дух го започнал исцелувањето на животот.

Белиот кавал