1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Господ знае како, есенва, во една тивка квечерина, се најдов во Ново маало. Постојат моменти кога човек поаѓа на едно место, а потоа, воден од некакво необјасниво чувство, ќе се најде на сосем друго. Тоа чувство што се остварува во ненадејните маршрути, иако доаѓа во миговите на опуштеност и заборавност, всушност е задлабоченост во себе, исполнетост на духот со некакво тајновито присетување. Што барав инаку, оваа есен, во Ново маало, кога есента одвај веќе и го допира.
Маалото, имено, разриено и разретчено од навевите на новото време, фати да исчезнува куќа по куќа, веќе години наназад, отворајќи го просторот, оштрбавен од непостојните куќи, над кој виснале новите висококатници што населбата ја фрлаат во својата сенка. А таа, една од последните, под тие навеви одвај го задржува сопственото минато. Есента во Ново маало го изгуби мирисот на сушени јаболка, а проретчените дуњи по дворовите сега растат, не веќе како дрвја на еден живот, ами повеќе како спомени вкоренети во него.
Годишните времиња веќе одвај се чувствуваат во старите јадра на Градот кои, полека, на очи, се ретчат и исчезнуваат, оставајќи сѐ повеќе простор меѓу трошнитe куќарки и спомените. Се смени, значи, Градот до непрепознавање, и во тоа свое менување, ги изгони навиките, обичаите, градбите и луѓето што ги населуваа, и го исполнуваа со некоја, само негова душа. Ги нема веќе оние карактеристични мириси што се мешаа во ноздрите и бараа некое непостојно сетило да ги препознае како мириси на едно одвеано Скопје. Ново маало е споменик на минатото, како што есента е сеќавање на изминатото лето, затоа веројатно се најдов тука, за да ја сетам имено есента на овој дел од Градот.
Делови од два составени ѕида, еден ќош нареден со емајлирани плочки, наеднаш се исправи пред мене, останат како белег на некаква, очигледно, набрзина склепана бања. Се појави токму таа квечерина, како призрак на некое недофатливо минато, тоа сопчуле, поплочено во некое поново време, како неочекувано сведоштво за новиот живот што се вовлекол тивко во старото маало, сега и самиот веќе непостоен. Ми се стори тоа или не, плочките беа оросени (дали од млазот со кој, некој сосед, вадејќи ја блиската бавчичка, несакано заплиснал и по плочките од некогашната бања), и наеднаш заприлегаа на вистинска бања, во која, на мазната бела површина се нафатила пареата, во капки што се лизгаат по емајлот, чиниш некој, пред малку, капејќи се, ја спурил, та пареата сега се налепила на неговата површина. Што бараат бањите тука, во ова парчуле минато, кога на Скопје од минатото му прилегаа јавните капалишта, амамите и бањите, што ги исполнуваше врвулица од луѓе, дојдени да се испотат и да ја истријат кирта што седмично се насобрала во порите на кожата. Што бара осамена бања среде новомаалските куќарки кога бањите беа броени и посетени среќавалишта, капалишта колку и муабетчилници, од стариот Град, а не тесни, поплочени сопчулиња по нивните куќи?
.jpg)
Чудно е како оживуваат сеќавањата. Едно место не е само повод за враќање во времето. Сетилото на споменот не се отвора само кон местото на минатоносната дразба: тоа шета и се враќа на оној простор што само некој необјаснлив, сновечки дел од присетувањето, како внатрешен радар, го бара, го пронаоѓа и го фиксира, необјасниво лачејќи слики од минатото.
Токму според тој чудесен механизам, новомаалското присеќавање ме пренесе преку влашкомаало, Плоштадот, до старата улица „Орце Николов”, преку киното „Младина” и импозантното здание на Поштата, до разџагорената внатрешност на бањата која единствена и можев да ја допрам со сеќавањата. На надворешноста на Пошта-бања не можам да се присетам, зашто мојот исечок од помнењето почнува во нејзината внатрешност.
Седам, значи, во соблекувалната на Пошта-бања, петгодишно детуле во куси панталони, маичка и апостолки, а до мене допираат џагорот од женските гласови и богатите шумови од водите, дрвените удари на наланите по камениот под на амамот, ѕвечкањето на лончињата за вода, низ ехото на просторот што ми се чинеше голем, а јас во него сам, речиси изгубен.
.jpg)
„Што бараш, детенце, тука? - ме тргна, во новомаалското присетување, глас, без лика, на жена која моето присуство ја изненади ли, ја разнежи ли, ја поттикна ли на попатно прашање за кое не почека одговор, губејќи се со клапотењето на наланите, внатре, во ходникот зад кој не допираше мојот поглед, а каде што, знаев, се случуваше некој чуден, раскажан, но невиден ритуал на телесното прочистување. Навистина, што барам јас тука, си го повторив прашањето – во новомаалското сеќавање или, можеби, таму, во соблекувалната на Пошта-бања, многу години порано?
Ја чекам мајка ми, ми блесна во свеста, но ете, сѐ уште ја нема. Се капе, таму, со другите жени, оставајќи ме, можеби како и другпат кога немала каде да ме остави (но, на ниеден другпат не се сеќавам), овде да ја причекам и потоа да ја допрам по лицето, чисто и испарено и по мократа коса од која на рацете ќе ми капнеше по некоја капка што, онака студена, ме наежуваше и ме тераше на смеење. А, потоа, фатен за нејзината рака,се сеќавам, со вратено самочувство, го разврзував јазикот, додека продолжувавме дома, за ручек.
Гласот и звукот на наланите се изгубија, пред да стигнам да го срочам својот одговор, своето тивко оправдување, и ме оставија повторно сам, да пребирам со погледот по алиштата што висеа наоколу и по наланите кои, наредени по чифтови, беа оставени во соблекувалната. Прашањето ме потсети на осаменоста и го поттикна стравот што наеднаш се јави во мене, дека, ете, се наоѓам некаде каде што не ми е местото, во некој простор во кој влезот, можеби, не ми е допуштен, а јас, ете, сѐ уште чекам да си заминам дома, рака за рака со мајка ми.
И вистина, каде е мајка ми? Зошто ме остави тука изложувајќи ме на вакви прашања на кои не умеам да одговорам со збор, туку само со детскиот подуплашен поглед, како откриен натрапник во туѓа куќа?
.jpg)
Тргнав, значи, да ја барам мајка ми, одејќи онаму каде што се изгуби дрвениот звук на наланите, тргнав од осамениот простор, по гласовите што допираа во ехото, со шумовите на вода, женскиот џагор и смеењето, и металниот звук на лончињата... и застанав, онака подуплашен и заџарен, пред сликата што ненадејно избликна, и што се отвори пред мене. Се гледам, значи, во моето новомаалското присетување, како, онака малечок, со куси панталони, маичка и апостолки, стојам на влезот од една голема кружна просторија, потопена во топли облаци пареа, што ми го допираше детското лице, и набљудувам. Гледам силуети што маглата на топлото испарување ги претвора во далечни сенки со нејасни контури, на раздвижени, но забавени тела што полека се наведнуваат и се исправаат, на paцe што споро се подаваат, зацрпуваат, се креваат високо над главата и се опсипуваат со води, како во некој таинствен ритуал, на кој за прв пат му станав сведок. Гледам многу женски тела, во навестени контури, нејасни поради далечното сеќавање, или маглата од пареата. Чекорам, значи, споро и самиот во таа магла, во која потонале женскиге тела, и барам, ја барам мајка ми, нејзиниот лик, нејзината става, што, ја наѕрам ли, знам, веднаш ќе ја препознаам.
Но чудесната слика ме обзема, бањата го освојува детскиот поглед, го исполнува со љубопитство, додека пред него се расшетуваат различни, невидени, богати контури, женски тела за првпат видени во нивната природна голост. Една жена ја мие долгата коса, мачкајќи ја со ума со лесно движење на раката, поземајќи ја од некакво кутиче и размачкувајќи ја со бескрајно долги движења, по главата и косата. Покрај неа, во бањските „курки“, две жени зацрпуваат вода и ја истураат по своите тела, додека пред нив се рашетува една тенка става, по која распознавам нејасни облини, што движејќи се, се растресуваат. Гледам тела во маглата и полека тонам во топлината на пареата и на глетката во која забелуваат бедра, оросени дојки што ги протриваат капачките во ритуалот на самопрочистувањето, нежни дланки што се провлекуваат под нив и, онака оросени, надојдени и крупни, ги закреваати ги размрдуваат. Една капачка со поткрената нога, го позема калапот сапун што стои покрај нејзиното заруменето стапало и го размачкува по јутената крпа со која, потоа, полека, бескрајно долго преминува преку ногата, од листовите, сѐ до крупните бели бутини, во сликата што ја покрива нов облак од топла пареа.
.jpg)
На другата страна, седната на загреаниот камен, една капачка ја наведнала главата, та долгите косии го прекриле соголеното тело, додека тријачката, некаква бујна женска силуета, наведната над неа, и го одмива грбот и вратот со кружни движења распостилајќи ја по нив сапуницата, додека со другата рака истура топла вода што, испарува од белото тело. Една жена голотијата си ја покрива со голема авлија движејќи се кон шадрванот што џрџа среде големата просторија, губејќи се во тоа движење зад тешките облаџи пареа, додека мене челото и очните капаци ми ги оросува таа пареа што се нафатила по нив, та трепкам да ги тргнам капките вода од очите, за да продолжам да гледам во тој чудесен ритуал на женското одмивање на кој, така, случајно и уплашено, му станав сведок. Веќе заборавам зошто сум влезен во амамот, па љубопитно разгледувам по тие бујни тела, по белите боски, по заруменетите бедра низ кои се истура водата, и веќе не слушам ништо, само гледам некои слики во маглата и ја впивам пријатната топлина на бањата во која се забелуваат женски тела, сѐ додека не ме сепна еден глас што ја нарушува топлината на глетката и ме натерува да видам жена, свесна за својата голост, токму со моето присуство, детско и невино, но за првпат загледано во непознатите тела на жените што го изведуваат својот исконски стар ритуал.
„Чие е детево! Извадете го надвор!“
„Мало е“, доаѓа, тогаш, друг, постар глас, проследен со смеење.
„Но тоа гледа!“ одвраќа капачката и се засолнува од мојот поглед покривајќи се со рацете, терајќи ме, наеднаш, и мене да ја почувствувам нејзината голотија.
Тогаш една рака ме допира по главата. Раката на мајка ми, обвиена во белиот пешкир, ме поведува надвор. Тргам по неа, додека таа ме прашува: „Каде си, те барав во соблекувалната“, не добивајќи одговор, освен еден зачуден поглед што, несакано, љубопитно се враќа кон магливата, топла слика на капалиштето. Тогаш, во амамот, во тоа чистилиште на телото, за првпат видов женско тело. Оросено, бујно, забелено, млечно, топло, разруменето, чисто.
.jpg)
Слики: Едгар Дега - Капачки (1880-1890)
„Скопски приказни“, Култура, Скопје, 2004