1016 hPa
43 %
20 °C
Скопје - Нед, 12.04.2026 14:59

Во американската историја не постои преседан за претседател кој ставал свои слики на фасадите на зградите на државната управа; на ѕидовите на Белата куќа закачувал сопствени невкусни портрети; барал кованица со својот лик; им давал свои имиња на државни зданија (вклучително и на некои што претходно биле именувани по други претседатели); или ги заштитил авторските права на сопственото име во комбинација со бројот „250“ пред 250-годишнината на земјата. Доналд Трамп го направи сето тоа. И покрај многуте приговори за „пречекорување на овластувањата“, републиканците на сето тоа одговараат со натамошно зацврстување на неговиот култ на личноста.
Да се потсетиме на неговиот говор за состојбата на нацијата минатиот месец. Еден републикански конгресмен го молеше претседателот да му се потпише на вратоврската (со ликот на Трамп), а друг – веќе познат по носењето капа со натпис „Трамп беше во право за сè“ – изјави дека бил „воодушевен“ од овој настан. Таквите примери на спектакл на непријатност станаа сосема вообичаени, што покажува во што се претворила оваа партија.
Култот на личноста се гради врз нарцисоидноста на лидерот и желбата на следбениците за ред и фигура на авторитет. Дали лидерот ефикасно ќе го искористи култот на личноста за зацврстување на својата позиција зависи од политичкиот контекст во кој се гради култот. Однесувањето на Трамп е чиста спротивност на егалитарната политичка култура на скромни и пожртвувани лидери како Џорџ Вашингтон, што веројатно ќе ги поткопа неговите позиции на подолг рок.
Култовите на личноста се појавуваат во модерната политика во многу различни облици и со многу различни идеолошки предзнаци. Мусолини, Хитлер, Сталин, Мао и Ким се очигледни примери; францускиот претседател кој ќе стане цар Наполеон Трети бил пионер на таквата тактика. Во средината на 19-от век сфатил дека модерната масовна политика и масовните медиуми можат успешно да се искористат за изградба на легитимитет, на пример, така што ќе плаќа поддржувачи за да создаде впечаток дека луѓето го сакаат.
.jpg)
Во некои случаи, култовите на личноста овозможуваат опстанок на хетерогени коалиции. Различни фракции во рамки на истата партија или движење можат да имаат различни идеи за политичката програма, но тоа е од секундарно значење ако се обединети во почитувањето на водачот. Исто така, култот на личноста често го издигнува водачот над партијата или владата на која ѝ припаѓа, што овозможува политичките грешки и корупцијата да им се припишат на подредените непослушници. Se lo sapesse il Duce (Само кога би знаел Дуче) била честа изрека во фашистичка Италија. Слични изреки биле вообичаени во Германија под Хитлер и во царска Русија.
Култот на личноста е ефикасен во пренесување силни симболички пораки без потреба од сложени идеолошки толкувања. Сталин успешно се претставувал како вреден бирократ (секогаш држејќи го светлото во канцеларијата запалено до доцна во ноќта) и како единствениот лидер кој го знае патот до ветената земја на комунизмот. Затоа на толку многу слики е прикажан како гледа во далечината, кон одредиште надвор од рамката што допрва ќе ни биде откриено.
Мусолини започнал како новинар со интелектуални претензии. Фашистичкиот идеал за машкоста го обликувал претставувајќи се како народен човек со голи гради, подготвен да помогне и во жетвата ако затреба. Квазирелигиозните говори на Хитлер го засилувале впечатокот дека само провидението (омилен нацистички концепт) го избрало да изгради илјадагодишен Рајх.
Трамп без сомнение има дарба за изведување јавни спектакли, користење реквизити и исмевање на конкурентите. Овалната соба ја претвори во дворски салон во кој додворувачите се натпреваруваат за миг од неговото внимание. Неговиот омилен слоган („изградете ѕид“) силно делуваше врз политичката база. Дали долж 2.000 милји од границата со Мексико е подигнат ѕид? Тоа е помалку важно. Важно е што на неговите следбеници им е јасно пренесено за што се залага.
Сепак, содржината на неговата програма и сликите што во последно време ги испраќа во јавноста забрзано ја губат популарноста. Дури и следбениците што инсистираат на масовни депортации не се подготвени без приговор да прифатат убивање американски граѓани на улиците. Исто така, луѓето што ја прифаќаат исламофобијата на Републиканската партија (еден конгресмен изјави дека „муслиманите не му припаѓаат на американското општество“) нема автоматски да поддржат незаконска војна против Исламската Република Иран. И никој не е среќен кога гледа како лидерот несоодветно ги пречекува загинатите американски војници со бејзбол капа на главата.
.jpg)
Всушност, пренагласената нарцисоидност го спречи да се издигне до оној висок статус што им овозможува на водачите на култови да избегнат одговорност за грешките на своите подредени. Иако повремено признава дека не знае што прават неговите подредени, тој не е во состојба да се дистанцира од кој било аспект на својата администрација. Сè е негова заслуга (и сè е, се разбира, прекрасно и одлично).
На пример, иако наводно се разбеснил поради тврдењата на Кристи Ноем дека ѝ одобрил промотивна кампања за сопствени цели (која чинела како скапа холивудска продукција), не можел да се натера јавно да се дистанцира од посрамената секретарка за внатрешна безбедност. На крајот ја разрешил, но таа и натаму ќе има позиција во администрацијата.
Пристапот на Трамп кон управувањето (и бизнисот) долго време се темелеше врз образец за кој психолозите ја користат кратенката DARVO (Deny, Attack, and Reverse Victim and Offender / Негирај, напаѓај и замени ги местата на жртвата и сторителот). Понекогаш таа стратегија е ефикасна, особено за управување со веќе потчинети елити. Но, поумните автократи знаат дека од перспектива на заштита на долгорочните интереси е подобро на јавноста повремено да ѝ се понуди жртвен јарец или дури и извинување.
Потценувањето на американскиот претседател со репутација на ѕвезда од ријалити телевизија беше грешка уште од самиот почеток, но верувам дека со голема сигурност може да се тврди дека тој не е способен да учи. Фокусирајќи го секогаш целото внимание на себеси, обезбеди сите идни разочарувања и приговори да бидат запишани на негова сметка. Тоа значи дека партијата нема да има многу простор да се дистанцира од својот лидер. За нив, можеби единствената преостаната шанса е манипулирање со изборниот систем или убедување доволно голем број луѓе да престанат да им веруваат на сопствените очи.
.jpg)
Карикатури: Ramón Díaz Yanes
Извор: https://www.project-syndicate.org/