Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 7 до 9 мај

09.04.2026 16:30
Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 7 до 9 мај

Во Младински културен центар – Скопје и во „Буква“ ќе се одржи шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот 7 до 9 мај. Организаторите посочуваат дека на настаните ќе се претстават околу стотина поети од земјава и од странство со гости од: Кина, од Хрватска, од Словенија, од Турција, од Грција, од Србија, од Бугарија и од Црна Гора.

Мотото на годинешниот фестивал е „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ! (Поезија, политика, пропаганда…).

Со ова мото сакаме да ја одбележиме 100-годишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и да покажеме колку неговата поезија е податлива за толкување и на денешните состојби во светот, велат организаторите.

Автор на постерот е Андреј Павлов.

Официјалното отворање е закажано за 7 мај во 20:00 часот во Младинскиот културен центар – Скопје, на кое ќе настапат деветмина поети и поетеси, меѓу кои и младата поетеса Деспина Сиљаноска која победи на „Отскочна даска #5“ , а потоа и интернационално поетско читање ќе следува поетско-музички перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.

Следниот ден програмата ќе продолжи во МКЦ, каде што ќе се одржи „Поетот е присутен“, настан од затворен карактер, на кој дел од поетите учесници на фестивалот ќе читаат за малубројна публика што претходно ќе биде избрана по повик; потоа ќе следува и настанот „Диптих #6“ на кој ќе бидат претставени две изданија на „ПНВ Публикации“, избор песни од авторките Гонџа Озмен од Турција и Кристина Шпиранец од Хрватска, а потоа ќе следува уште едно интернационално поетско читање на кое ќе настапат десетмина поети и поетеси.

На последниот ден на фестивалот, 9 мај, настаните ќе се одржат во „Буква“. Публиката ќе има можност да проследи уште две промоции на книги, едната е избор песни од поетесите Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора во издание на „Култура Бета“, а другата е стихозбирката „Тускулум“ од Денис Шкофич од Словенија, издание на „ПНВ Публикации“.

По промоциите, како што најавуваат организаторите ќе следува интернационалното поетско читање „THE VERSE CITY/DIVERSITY (Диверсити)“ на кое ќе настапат петнаесетмина поети и поетеси. По ова читање ќе следува и забава за крај на фестивалот.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото