1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59
Каде си, Господе! – очајнички извикна Лазаровата сестра
фрлајќи се во прегратките на Христа -
Да беше ти тука, брат ми немаше да умре.
Излези Лазаре! , довикна милостивиот богочовек
пред отворената гробна пештера во која
веќе четири дена се распаѓаше телото Лазарово.
И се случи најголемото божјо чудо,
Кога Лазар, сѐ уште свиткан во белиот покров,
како разбуден од долг сон,
исчекори на светлината на денот
и се врати меѓу живите
сведочејќи дека болката на блиските,
со божја милост, молитва, надеж и вера
се посилни и од смртта.
Каде си Господе! – секојдневно извикуваа страдалните мајки
над отворените јами
во кои се сместуваа малите заспани тела
на четириесет илјади деца на Газа.
Но, милостивиот сѐ уште го нема;
Сведочи безбројни страдања низ целиот свет,
пребројува жртви, откинати мали екстремитети,
срца запрени под војничките униформи,
и раскинати души на оние што непрестајно ги губат саканите.
Премногу работа и за еден сочувствен, но преморен бог
кој треба да ги надмине и своите страдања
на крстот на кој полека и болно умира;
а потоа и да најде сила
најнапред самиот да воскресне...
Еден ден ќе ги повика сите -
децата најнапред,
да излезат од своите почивалишта
и да си ги побараат изгубените раце и нозе
и така одново целосни, вратени во живот
да ги почекаат, од своите разровани гробници
да излезат и нивните одамна заспани
страдални родители.
06.04.2026, ден по Лазаревата сабота