1003 hPa
51 %
14 °C
Скопје - Саб, 16.05.2026 21:59

На крајот од оваа бесмислена војна се појави зрак надеж. Тоа е луда надеж, зашто повеќето војни завршуваат со катастрофа, но сепак постои. Во време на очај и тоа е доволно. Оваа војна би можела да доведе до судбоносен пресврт во односите меѓу Соединетите Држави и Израел. Што било, било. Додека граѓаните на Израел се гордеат со соработката на двете земји и нивните пилоти на небото над Техеран, веќе се навлекуваат темни облаци.
Колку што неуспехот на војната станува поочигледен и колку што е појасно дека Америка нема поим како да се извлече од неволјата во која се впуштила, толку побрутална ќе биде потрагата по виновници. Таа извесно ќе биде еднострана. Америка целата вина ќе ја префрли врз Израел, што би можело да покрене домино ефект во земјите кои едвај чекаат прекин на врските меѓу Израел и САД. Кога ќе престанат воените дејства, Израел би можел да се најде во нова улога на некаква локална Северна Кореја, изолирана, отфрлена земја, лишена од американската поддршка без која не може да опстане.
Одамна требаше да се отстранат нездравите темели на односите меѓу Соединетите Држави и Израел. Заедничкиот интерес е основната врска меѓу нив. Поделбата на улогите со текот на времето стана толку замаглена што веќе не е јасно која од двете земји е суперсила. Израел правеше што сакаше, а огромната помош пристигнуваше без никакво условување.
Во времето на „Мистер Америка“, односно Бенјамин Нетанјаху, кој се осмели да им се спротивстави на Соединетите Држави повеќе од кој било свој претходник, тие односи добија чудовишни размери. Израелскиот премиер ги поткопуваше американските претседатели, на пример Барак Обама, а неговата земја поради тоа не трпеше никакви последици. Населувањето, анексијата, криминалните војни во Газа и Либан, погромите, апартхејдот, геноцидот – Соединетите Држави сето тоа го осудуваа, но продолжуваа да плаќаат; се противеа, но многупати го користеа правото на вето во Обединетите нации во корист на Израел; прекоруваа, но воздушниот мост со транспортите на оружје и муниција не престануваше да функционира.
.jpg)
Од страв од Соединетите Држави, Европа не смееше ни да писне ниту да преземе нешто дури ни по војната во Газа. Сега само чека прилика да се пресмета со Израел, како и големи делови од американското јавно мислење, меѓу кои има и некои еврејски заедници. На сите им е преку глава од ваков Израел, кој упорно ја игнорира меѓународната заедница и не се обѕира на меѓународното право, како и од сè поголемиот јаз меѓу расположението на јавноста и владите во повеќето земји во светот.
Војната во Иран би можела да биде пресвртница. Двете американски партии само чекаат пукнатината да се претвори во расцеп. Доналд Трамп прв ќе побара жртвено јагне. На негов сигнал ќе следи поплава од обвинувања што би можела да биде разорна, но можеби ќе го турне Израел во позитивна насока.
Прекинувањето на безусловната врска меѓу Соединетите Држави и Израел можеби е единствената надеж за Израел, под услов тоа да биде проследено со длабоки промени во израелската политика. Тие промени нема да се случат сами од себе. Израел нема едно утро да се разбуди и да заклучи дека мора да ја прекине окупацијата, апартхејдот и бескрајните војни и дека мора да ги слуша советите на светот. Таква промена може да предизвика само прекинот на врските со Соединетите Држави. Но тогаш може да се случи со глобалната валкана вода да се исфрли и детето – кое, додуша, одамна пораснало.
Тешко е да се замисли како Израел би можел да маневрира без Америка. Дрдорковците од десницата, кои веруваат дека на Израел не му е потребна Америка, ќе мора да се соочат со реалноста. Одеднаш нема да има ни оружје ни пари ни вето во Советот за безбедност на ОН. Што тогаш? Дали ќе нè заштити предводничката на населениците Даниела Вајс? Дали министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир ќе спречи донесување резолуција на ОН? Дали колоните населнички џипови ќе тргнат кон Техеран?
Тој ден е поблизу отколку што мислат учесниците во израелската парада на лудилото. Наскоро ќе бидат ставени пред избор: Израел ќе се промени или нема да го има.
.jpg)
Карикатури: Mikail Çiftçi
Извор: https://www.haaretz.com/