Пристапот до зеленило станува луксуз во европските градови

14.04.2026 00:51
Пристапот до зеленило станува луксуз во европските градови

Пристапот до зеленило во европските градови сè повеќе станува привилегија, наместо основно право, покажува ново истражување на Европската комисија и Универзитетот во Копенхаген, пренесува Politico Europe. Според анализата која опфатила 862 градови низ Европа, помалку од 15 проценти од урбаното население има соодветен пристап до дрвја, сенка и зелени површини. Истражувањето, објавено во научното списание Nature Communications, укажува дека економските разлики значително влијаат врз квалитетот на живот во градските средини. Паралелно, климатските промени и деградацијата на екосистемите придонесуваат за поинтензивни топлотни бранови во урбаните средини, додека загадувањето на воздухот и бучавата остануваат сериозен предизвик.

Зголемувањето на бројот на дрвја и паркови може значително да ги ублажи овие ефекти. Истражувањето покажува дека Европа е далеку од исполнување на т.н. „3-30-300 принцип“, според кој секој жител треба да може да види најмалку три дрвја од својот дом, крошните да покриваат 30 проценти од населбите, а зелените површини да бидат достапни на растојание од 300 метри. Лицата со повисоки приходи имаат значително подобар пристап до природа во споредба со домаќинствата со пониски приходи. Дополнително, градовите во северозападна Европа имаат двојно поголеми шанси да ги исполнат овие стандарди во однос на градовите во јужниот и источниот дел од континентот. Меѓу градовите со најдобар пристап до зеленило се издвојуваат Хелсинки, Минхен и Краков.

Според законодавството на Европската унија, земјите-членки се обврзани до 2030 година да спречат намалување на урбаните зелени површини и крошните на дрвјата, а потоа постепено да го зголемуваат нивниот обем. Сепак, резултатите од студијата укажуваат дека за постигнување на овие цели ќе бидат потребни значително поголеми напори.

Извор: https://www.radiomof.mk/

ОкоБоли главаВицФото