1015 hPa
30 %
25 °C
Скопје - Чет, 21.05.2026 15:59

Лекции по психоанализа (17).
Досега повеќепати ја спомнувавме релационата и интерсубјективната психоаналитичка традиција и сметаме дека ова е добар момент накратко да објасниме по што таа се разликува од фројдовскиот и лаканијанскиот пристап.
Современата релациона и интерсубјективна психоанализа делумно произлегува од традицијата на објектни релации на Мелани Клајн. Таа се потпира и на работата на т.н. „Средна група“ (подоцна позната како Independent Group) во британската психоаналитичка сцена, на која ѝ припаѓале D. W. Winnicott, W. R. D. Fairbairn, Michael Balint, Harry Guntrip, John Bowlby и Marion Milner — сите креативни, страсни и исклучително даровити психоаналитичари и теоретичари. Преку Балинт, релационата психоанализа има и директна врска со Унгарската психоаналитичка школа, на која ѝ припаѓал и Шандор Ференци — омилен студент и анализант на Фројд и еден од големите хуманисти на психоанализата.
Без можност да навлегуваме подлабоко, во продолжение ќе прикажеме неколку линии на разлики помеѓу релационата и интерсубјективната психоанализа, од една страна, и фројдовската и лаканијанската, од друга.
Ќе започнеме со цитат од Роберт Мајклс (1986), кој го насочува вниманието кон преедипалните динамики кај Едип:
„Важно е она што Едип не го знаел свесно за своето минато да се разграничи во две категории: првата го опфаќа она што го знаел, но очајно го порекнувал — убиството на својот татко Лај и бракот со својата мајка Јокаста, настани што се случиле откако веќе можел ментално да ги регистрира; втората ги опфаќа големите трауми што се случиле пред да стане способен да ги запамети или ментално да ги регистрира — напуштањето од родителите, телесното осакатување и посвојувањето. Едип можеби бил преокупиран со своите едиповски гревови, но токму овие преедипалните трауми ја обликувале неговата карактеролошка патологија.“
Во овој пасус се истакнува разликата меѓу едипалната и преедипалната фаза во конструирањето на психичкиот апарат. Едипалната фаза се појавува подоцна, откако детето веќе го има совладано говорот, додека преедипалната е поврзана со најраните, примитивни искуства на доенчето. Едипалната фаза претставува сцена на тријаден едипов конфликт (триаголник меѓу детето, таткото и мајката), додека преедипалната фаза се карактеризира со дијадична симбиоза меѓу бебето и мајката и е период во кој се јавуваат најраните примарни трауми (на пример, несоодветна грижа или губење на контакт со мајката поради нејзина смрт или болест).
Едипалната фаза е вербална и симболичка, додека предедипалната е предвербална и предсимболичка. Првата е поврзана со таткото, а втората со мајката. Може да се каже дека фројдовската и лаканијанската психоанализа стојат на страната на Едип, односно на таткото, јазикот и симболичкиот регистар. Наспроти тоа, релационата и интерсубјективната психоанализа — иако го признаваат значењето на Едип, оти без него не може — повеќе се фокусираат на мајката, на дијадната релација, на најраните трауми и на предвербалното и пресимболичкото психичко функционирање.
.jpg)
Во 1940 година Доналд Виникот (D. W. Winnicott), еден од татковците на релационата психоанализа — иако самиот никогаш не би се нарекол така — напишал дека е длабоко инспириран од Фројд, особено од една фуснота во неговиот текст „Формулации за двата принципи на менталното функционирање“ (1911). Сепак, на Фројд му упатува и една забелешка.
Виникот вели: „Еднаш реков: ‘Не постои такво нешто како новороденче’, со што, се разбира, мислев дека секогаш кога има новороденче, има и мајчинска грижа; а без мајчинска грижа не би постоело ни новороденче. Дали, без да знам, сум бил под влијание на Фројдовата фуснота? На прв поглед изгледа дека голем дел од психоаналитичката теорија се занимава со раното детство и со доенечкиот период, но во една смисла може да се каже дека Фројд го занемарил доенештвото — најраната фаза од животот на доенче — како посебна состојба.“
Виникот не само што му замерува на Фројд за неговиот преголем фокус врз детето што веќе зборува — со што се занемарува невербалното новороденче и доенче — туку и нагласува дека доенчето не постои како независен субјект. Доенчето секогаш веќе е во релација со мајката; тоа е релационен субјект. Без мајка, вели Виникот, нема ни доенче. Од оваа премиса тој го развива и концептот на „транзициски објект“ или „транзициски простор“, кој го овозможува постепеното одвојување од мајката или негувателот. Транзицискиот објект може да биде ќебенце, плишана играчка, но и рутина, игра, збор или простор што детето го доживува како безбеден објект-простор, во кој постепено преминува од зависност кон автономија.
Всушност, целокупното творештво на Виникот ја разработува неговата (не)согласност со Фројдовата фуснота (која нема да ја пренесеме во оваа лекција). Според Виникот, терапевтското дејство секогаш произлегува од создавањето безбедно место за пациентот во клиничката ситуација — сигурно место кое можеби пациентот никогаш не го доживеал во најраните фази од животот. Терапијата како безбедно место во кое пациентот се „контејнира“, терапевтот како „доволно добра мајка“ и слични метафори се идеи што циркулираат и во современата релациона психоанализа.
.jpg)
Но ова релациско, односно интерсубјективно отклонување од Фројдовата теорија започнува уште пред Виникот, со двајца психоаналитичари од претходната генерација — Ференци (1933) и Феарбрн (Fairbairn, 1935). Спротивставувајќи му се на Фројд, тие ја истакнуваат „релацијата“, во која спаѓа и терапевтската релација, како основа на нашето постоење. Овој став е кондензиран во револуционерното тврдење на Феарбрн дека „либидото првенствено бара објект, а не задоволство“ (додека Фројд го тврдеше обратното).
Општата согласност во оваа традиција е дека Фројдовото нагласување на механистичките нагони, секогаш водени од принципот на задоволство и независни од објектот, мора да се коригира имајќи го предвид сознанието дека новороденчињата од самиот почеток постојат во состојба на апсолутна зависност од своите мајки или старатели; тие се секогаш примарно релациони суштества. Со други зборови, основната човечка потреба не е за секс, храна или задоволство, туку за приврзаност (attachment) и за сигурна база.
Теоријата на приврзаност (attachment), која е клучна за релационата психоанализа, се темели врз работата на John Bowlby, кој воспоставил врска меѓу психоанализата и етологијата. Болби се повикувал на познатите истражувања на Harry Harlow со резус мајмуни, во кои четири младенчиња мајмунчиња, ставени во кафези, биле хранети од „мајки“ направени од цилиндрично обликувана жица со закачена цуцла со млеко, а други четири од слични цилиндри обложени со мека ткаенина, но без храна.
Овој трогателен експеримент покажал дека младенчињата од двете групи најголемиот дел од времето го поминувале прилепени до меката „мајка“ од ткаенина. И Болби и Харлоу заклучиле дека младенчето има вродена потреба од сигурна база; мајката не е само извор на храна, туку и извор на топлина и сигурност и на регулација на стравот.
Со други зборови, „топлината и сигурноста преку контакт и допир“ се исто толку важни — па дури и поважни — од храната. Со психоаналитички речник, нагонот примарно се задоволува преку контакт и е насочен кон релација со објектот (мајката, таткото, негувателот).
.jpg)
Оттука можеме подобро да ги разбереме зборовите на Виникот дека „не постои Ид пред Егото“, во смисла дека животот „повеќе се однесува на битието отколку на сексот или храната“. Овој став ја приближува релационата психоанализа до егзистенцијализмот.
Релационата и интерсубјективната психоанализа разработуваат концепти како интегрирано его, идентитет, целост, селф и интеграција — концепти и онтологија кои Лакан ги презирал и ги деконструирал, сметајќи дека егото како интегрирана целина е илузија, па наместо за его зборувал за поделениот субјект. Како и да е, токму концептите на идентитет, его и селф ја приближуваат релационата психоанализа до феноменологијата, хуманистичките школи и, како што веќе спомнавме, до егзистенцијализмот.
Јазикот на релационата психоанализа е поблизок до нашето живо искуство, а нејзините теории се попитки за читање во споредба со лаканијанскиот формализам и структурализам (иако и во оваа релациона традиција текстовите често се исполнети со тежок жаргон).
Еден од најпознатите современи релациони психоаналитичари, Томас Огден, веројатно се надоврзува на тврдењето на Виникот дека „битието е поважно од сексот“, кога во серија трудови (2019, 2020, 2024) пишува за парадигматски пресврт во психоанализата што, според него, се случува во последните седумдесет години. Тој оваа промена ја нарекува „онтолошки пресврт“, кој создава „онтолошка психоанализа“ — психоанализа на постоењето, односно на битието, како контраст на психоанализата на знаењето.
.jpg)
***
Продолжуваме со превод од првата глава, „Карактери на психоанализата“, од книгата „Хистерија“ (2000) на Кристофер Болас — современ објектно-релационен психоаналитичар кој ја олицетворува независноста на британската Independent традиција во психоанализата.
Овој превод го вклучуваме како вежба преку која постепено ќе почнете да се навикнувате на жаргонот специфичен за традицијата на објектни релации и селф-психологијата. Концептот self наизменично се преведува и како „јас“ и како „селф“:
Секое „јас“ (селф) се раѓа со сѐ уште неостварен сопствен идиом — единствен начин на постоење и изразување — кој постепено може да стане дел од неговото вистинско јас преку користењето на објектите што му се ставаат на располагање преку родителската грижа. Ако селфот има доволно слобода да го развие својот сопствен начин на постоење и поврзување, благодарение на поддржувачка средина, тогаш ќе изгради своја единствена „естетика на живеење“, обликувајќи го својот свет на начин што е својствен само за него.
Така, секое „јас“ ќе чувствува посебна привлечност кон одредени луѓе повеќе отколку кон други; ќе пронаоѓа поголема вредност и интерес во некои конкретни објекти — како што се книжевни дела, музика, хобија или рекреативни интереси — отколку во други. Со текот на животот, човекот создава сопствен свет кој, иако содржи многу исти објекти како и световите на другите, ги обликува на толку единствен начин што наликува на отпечаток од прст.
Карактерот, сам по себе, е тешко опишлив.
Психоанализата исто така прави разлика помеѓу карактерна состојба (на пример, нарцисоидна состојба) и карактерно нарушување (на пример, нарцисоидно нарушување), исто како што ги разликува различните облици на психички конфликт (шизоиден, хистеричен и слично) од карактерните нарушувања што го носат истото име. Кога некого го сместуваме под некоја од овие ознаки, всушност укажуваме на структурна фиксација на нешто што иначе би било само карактерна црта.
На пример, сите луѓе понекогаш влегуваат и излегуваат од нарцисоидни состојби на умот — моменти кога се помалку заинтересирани за постоењето на другиот и повеќе се преокупирани со себе. Како што ќе разгледаме подетално понатаму, дури кога таа незаинтересираност за другиот станува трајна и постојана, може да се постави прашањето дали оваа црта почнува да го одредува основниот однос на личноста кон реалноста.
.jpg)
Дали постојат мешани карактери? Може ли некој истовремено да биде нарцисоиден, граничен, шизоиден и хистеричен? Доколку овие поими ги сфатиме како состојби на умот, тогаш човек навистина може да преминува во нарцисоидна, гранична, шизоидна или хистерична рамка на доживување. Всушност, кога зборуваме за „нормална“ личност, најчесто мислиме на човек кој е внатрешно конфликтен на толку различни начини, што не е заробен во една единствена фиксирана состојба на умот.
Фројд сметал дека секој „нормален“ човек носи полиморфна сексуална историја и дека во текот на животот постојано се движи внатре-надвор низ своите инфантилни состојби на умот. Мелани Клајн на ова додала дека сите луѓе осцилираат помеѓу параноидно-шизоидни (примитивни) и депресивни (зрели) состојби на умот, а Биoн тврдел дека личноста постојано се движи помеѓу психотичните и не-психотичните делови на сопствената личност.
Во таа смисла, „нормалноста“ значи богатство од конфликти — или привремена „болест“ на многу начини — што му овозможува на селфот слободно да го изразува својот начин на постоење и поврзување. Сепак, во следните поглавја, кога ќе зборуваме за хистерична личност, всушност ќе укажуваме на карактерна фиксација. Кога користиме ваква ознака, посочуваме на еден вид структурно запирање во развојот, кое ѝ отежнува на личноста да биде „мешан карактер“. Кај карактерното нарушување, личноста зазема одредена базична и фиксирана позиција кон примарниот објект.
Психоаналитичарите зборуваат на различни начини за карактерните нарушувања. Типовите што ќе ги опишувам овде се повеќе кратки скици, отколку детални анализи, бидејќи целта е хистеричната структура да се постави во контекст на другите нарушувања на карактерот. Затоа ќе се задржам главно на основниот објектен однос кај секое од овие нарушувања — со она што го нарекуваме примарен објект.
.jpg)
Кога човек е психички вознемирен, неговата несвесна слобода е стеснета и тој станува потполно вплеткан во несвесен однос со примарниот објект. Слично како ситуацијата кога човек вози автомобил: додека сè функционира добро, мислите слободно му талкаат каде било; но ако нешто зашкрипи во колата, вниманието веднаш се насочува кон проблемот и целата психичка состојба почнува да се организира околу неговото решавање.
Но што е всушност примарен објект?
Кога сме во состојба на несвесна слобода, примарниот објект е како празен екран: нешто што може да стане сè што ни е потребно во тој момент — тоа е отворен и корисен простор во кој се проектираат нашите желби, спомени, потреби, размислувања, планови и идеи што се појавуваат во текот на секојдневниот живот.
Овој простор се темели врз раното искуство на бебето со „добрата града (good breast)“ — објект што е тука и што задоволува, и токму затоа станува основа за слободно замислување на себе и на другите. Тоа е внатрешниот, интроектиран објект што го поддржува нашето мислење и ни овозможува да бидеме ментални патници кои ги артикулираат сопствените интереси во текот на доживеаните моменти од секојдневието.
Но кога човек ќе биде фрлен во одреден вид психолошки конфликт, се појавува вознемирувачки објект — дури и ако не е свесно препознаен — и нашата несвесна слобода веднаш се ограничува од повторувачката и упорна природа на тој конфликт. Граничните, шизоидните и хистеричните состојби се однесуваат токму на структурата на конфликтот што селфот го има со примарниот објект.
.jpg)
Од каде потекнува овој примарен објект?
Неговото потекло лежи во сложениот однос помеѓу бебето и мајката. Ако „добрата града“ создава објект што ни стои на располагање и кој можеме слободно да го користиме во нашата психичка работа, тогаш вознемирувачкиот објект е повеќе налик на „лошата града“, која предизвикува сосема поинаков одговор. Затоа е важно да појасниме што точно подразбираме кога во психоанализата зборуваме за „мајката“.
Кога мајката се доживува како „лош објект“, тоа не значи дека зборуваме за нејзиниот карактер. Во најраните фази од животот, таа се доживува помалку како објект и повеќе како процес кој позитивно или негативно го трансформира физичкиот, емоционалниот и идејниот живот на бебето. На пример, кога мајката го зема в раце и го теши вознемиреното бебе, таа го трансформира внатрешното чувство на страдање во чувство на задоволство. Или, ако наеднаш му го одземе парчето ткаенина од устата, таа може да го претвори чувството на задоволство во незадоволство.
Како процес, мајката се инкорпорира во системот на самогрижа на бебето, кој исто така е во процес на настанување. Дури и ако детето се спротивставува на мајчиниот идиом на трансформација преку сопствен контрапроцес, нешто од мајчиниот процес сепак се одразува во избраната алтернатива на детето.
Овие „правила на ангажман“, односно процедури што се неизречени, но имплицитно претпоставени за животот и човечките односи, не се свесно обработувани од страна на бебето. Сепак, кога се преземени и впиени процедурално, тие стануваат дел од тоа што бебето го знае. Можеме да ги наречеме овие претпоставки „неразмислено знаење“ (unthought known), а еволуцијата на животот на ова бебе-дете-адолесцент-возрасен може делумно да се замисли како постепена реализација на базата на ова незнајно знаење.
Можеме да ја поврземе теоријата на Клајн за проективната идентификација со Фројдовата теорија за објектни претстави, бидејќи она што Фројд го нарекува „објектна претстава“ е делумно ефект на мајчината проективна идентификација. Така, инфантилното несвесно е населено од несвесното на мајката преку постојани акти на проективна идентификација, кои не се само нормални, туку и суштински за тоа бебето да добие животна поддршка и да расте.
.jpg)
Слики: Xue Wang